„Знам што сакате да слушнете, но не можам да ви кажам тоа. Доволно сум одговорен, но знам дека знаете колку се бориме за народот на Косово и Метохија“. Од овие зборови на Вучиќ беше јасно дека повторно ќе изостане клучниот одговор за решавањето на косовскиот проблем, што тој долго време најавуваше дека ќе го соопшти од Косовска Митровица
Косовските Срби и оние што живеат во Србија поминаа уште една „драматична недела“ во која централна тема беше дали нивниот татко на нацијата ќе опстане на дадениот збор дека ќе го посети северниот дел на Косово. Дилемата „да се оди или да не се оди“ пред која беше исправен српскиот претседател Александар Вучиќ, беше решена лично од него и во негов артистички манир, со обраќањето на нацијата во петокот навечер, кога решително соопшти дека ќе ги посети своите на Косово и Метохија. Тоа беше знак дека претставата може да почне.
Пред оваа посета се одвиваше слично сценарио како и претходниот пат кога Вучиќ се сретна со претставниците на српската заедница во Косово. Минатиот пат причина за заострување на комуникацијата помеѓу Белград и Приштина беше апсењето на директорот на канцеларијата за КиМ, од страна на косовската полиција, под изговор дека немал дозвола за влез на Косово. Овој пат, причината за наводното одложување на посетата на Вучиќ, беше што косовските власти не му дозволиле да ја посети акумулацијата Газивода, која се наоѓа во општините со мнозинско српско население. Неколку дена медиумите во Србија пишуваа за тоа дека Александар Вучиќ нема да замине на Косово, за тоа дека српската полиција и војска ќе ја гарантира неговата безбедност, за на крајот сето тоа да заврши со откажувањето на средбата со косовскиот претседател Хашим Тачи во Брисел. И одеднаш во петокот вечерта Вучиќ соопштува дека ќе оди на КиМ. Секако, и на Газивода, што од политичарите од власта беше означено „како голема дипломатска победа на Белград“!?
Зошто му беше толку значајна посетата на Газивода, српскиот претседател одговори на првиот ден од посетата на Косово што доби димензии на реално политичко шоу, во кое имаше непотребна драматизација
Зошто му беше толку значајна посетата на Газивода, српскиот претседател одговори на првиот ден од посетата на Косово. Покрај тоа што овој капацитет е дел од предлогот на Србија за разграничување со оваа поранешна српска покраина, Вучиќ рече дека на тоа езеро се гледа тежината на проблемите со кои Србите се соочуваат околу решавањето на косовското прашање. Притоа потсети дека Газивода е важно и за Албанците затоа што голем дел од населението се снабдува со вода од оваа акумулација, за да поентира дека без него нема опстанок и за луѓето од српските општини Зубин Поток и Ибарски Колашин.
Дводневната посета на Косово на српскиот претседател предизвика големо медиумско внимание во Србија. Речиси триста новинари од сите информативни куќи, сместени во три автобуси, го следеа првиот ден гостувањето на Вучиќ, кое наликува(ше) на политичко реално шоу. „Вучиќ пречекан со леб и сирење“, „Претседателот подари трактор за домаќинот“, информираа новинарите секоја минута за тоа што се случува на местото на настанот. Во мноштвото, веќе добро познати пораки за тоа дека Србите јужно од Ибар не се заборавени од Белград и за зголемување на инвестициите на КиМ за подобрување на животот на локалното население, Вучиќ ја изговори и клучната реченица пред насобраниот народ на Газивода.
„Знам што сакате да слушнете, но не можам да ви кажам тоа. Доволно сум одговорен, но знам дека знаете колку се бориме за народот на Косово и Метохија“. Од овие зборови на Вучиќ беше јасно дека повторно ќе изостане клучниот одговор за решавањето на косовскиот проблем, што тој долго време најавуваше дека ќе го соопшти од Косовска Митровица. Притоа напомена дека се далеку од наоѓање прифатлив договор со Приштина, за да поентира дека во тој момент е меѓу своите на Косово за да испрати порака за мир и за почнување нов пријателски однос со Албанците. Српскиот претседател најави дека ќе го изнесе својот план за секоја од 10-те општини во кои Србите се мнозинство.
Се чини, од дводневната косовска одисеја на Вучиќ, која во српската јавност беше претставувана и како нов Газиместан, ќе изостане историскиот момент. Како што забележа уредничката на неделникот НИН Весна Малишиќ пораките на претседателот на Србија од Газивода, пред сѐ, се наменети за домашна употреба и за хомогенизирање на српската заедница. За неа беше непотребно драматизирањето околу безбедноста на Вучиќ на Косово, со што се градеше имиџот на жртва и на супермен, како и на претседател што не се плаши од ништо. Тоа што недостига во изјавите на Вучиќ е како ќе се дојде до компромис, а ни српското ни албанското општество не прават ништо за подобрување на атмосферата меѓу двете страни, во која е нормално луѓето да доаѓаат и да одат.
За непостоењето добра волја за наоѓање компромис за српско-косовскиот спор доказ беше и вчерашната блокада организирана од неколку стотини Албанци, меѓу кои и ветерани на ОВК, кои го блокираа патот со багери и шлепери кај селото Трнава кон селото Бање, во општината Србица, низ кој требаше да помине делегацијата предводена од Вучиќ. Заради избегнување конфликт полицијата ја запрела колоната на Вучиќ на пат кон селото Бање. На ова веднаш се огласи претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој искажа разбирање за револтот на граѓаните што се против посетата на српскиот претседател, како и за разочарувањето на српското население. „Ова покажува дека болката и раните од војната сѐ уште се свежи. Блокадите не помагаат кога ние се обидуваме за мир и помирување“, напиша Тачи, на Фејсбук.
Како што кажа и самиот Вучиќ на собирот во Косовска Митровица, на повидок нема брз договор со Приштина, но се надева дека тоа ќе биде во наредните дваесет години. Дали е тоа доволно време за да се постават „мостови за доверба кон Албанците“?