Искусните и мудрите политичари знаат дека духовитоста, хуморот, сатирата, иронијата или цинизмот треба да се сфатат сериозно, токму зашто се израз на потиснатите фрустрации на народот, народите, државите, реакција на неправдите што им се нанесуваат и поигрувањето со нивната судбина. Затоа, се чини дека тоа своевидното балканско „хихирику“ за ЕУ на последниот Бледски форум во Словенија е повеќе директен напад врз европската хипокризија и своевидно балканско подбивање со лажниот морал и бесконечните празни ветувањата на Унијата
На еден од женските трикови за привлекување внимание, опеан дури и во македонската евергрин рок-песна на групата „Конкорд“ – „високи штикли и црни чорапи“, албанскиот премиер Еди Рама, на Бледскиот стратегиски форум во Словенија, му даде машка верзија и политичка димензија со варијантата – бели патики и црвени чорапи. Веројатно сѐ уште беше непрочитана „тајната порака“ на неговиот моден израз, од модно-политичките дешифратори, албанскиот премиер отворено промовираше нов стил на комуникација на политичарите од Западен Балкан со факторите на Европската Унија, присутни на форумот на балканските лидери во Словенија, но и со оние зад сцената во Брисел. На привидно коректниот евробирократски манир и вокабулар, преполн со двосмислени формулации, му беа спротивставени балканската директност во комуникацијата со ударна доза иронија, сарказам, па и цинизам, во фолија на духовита шеговитост. Навистина, не е многу извесно дали и другите балкански лидери ќе го прифатат таквиот манир на комуникација со Европската Унија, особено што е познато дека најголем ефект таквиот пристап со духовитост има кога другите ќе бидат „фатени на препад“, но секако беше подотворен кратерот на вулканот од потиснати фрустрации на земјите од Западен Балкан, за кои ЕУ постојано смислува изговори како да не ги исполни своите ветувања и да започне преговори за придружување со нив. Не е застрашувачка ерупција, но повеќе како сигнал на растечко незадоволство од поигрувањето со иднината на овој дел од Европа (ЕУ не е расположена да ги прими земјите од Западен Балкан, но не сака да се отворат кон некои други опции), укажување дека е прочитана играта на другата, наводно партнерска страна, па и навестување на отпор спрема лицемерните политики.
Комуниколозите, политичките спин-мајстори, аналитичарите имаат професионална навика да ги расчленуваат претекстот и поттекстот на своевидните комуникациски ексцеси на политичарите, да утврдуваат дали се спонтани, или смислени, дали духовито искажаните пораки се со намера само да привлечат моментално внимание или имаат посериозна, подлабока и подолгорочна (пред)умисла. Во едно од таквите аналитички видувања се оценува дека со сарказам и иронија можат во одреден степен да се амортизираат фрустрациите, но во суштина таквите околности сепак ја подриваат довербата на луѓето во процесите. Кога немате контрола над ситуацијата и не можете да влијаете на процесите, прибегнувате кон хуморот и сатирата, како кон некој одбранбен механизам. Таквиот пристап дава привид дека имате контрола барем над фрустрациите. Но тоа е илузија, надомест за фрустрациите. Како илустративен пример најчесто се наведува феноменот на богато иронично-сатирично творештво со интелигентна духовитост и цинизам за време на Студената војна, во земјите од источната страна на железната завеса. А како своевидна дефиниција на политичките теоретичари е дека во авторитарните режими, критичарите најчесто прибегнувале кон еуфемизми и алегории (Езоп, Орвел), или кон хумор и сатира за да ги изразат фрустрациите на општеството од ситуациите врз кои не можат да влијаат.
Сепак, индикативно е што во биографиите на големите државници и политичари, обично на ударно и забележително место се наведени нивните најефектни пораки, кои се обично во кратка форма, но со голема духовитост. Често се наведуваат како пресудно мотивирачки пораки во одреден историски момент, а понатаму се цитираат како своевидни аксиоми на политичка мудрост и упатства за носење одлуки во критични ситуации. Веројатно најцитирана порака на британскиот премиер од времето на Втората светска војна, Винстон Черчил, е таа дека „не може ништо да (им) вети (на Британците), освен крв, напор, пот и солзи“ за да ги издржат и да се спротивстават на бомбардирањата од фашистичка Германија. Секако, тоа не е духовите порака, но повикува на силен дух во кризни времиња. Навистина, таквите големи изјави не се секогаш обележени со позитивна аура во историското паметење, но претставуваат најпрепознатливо обележје на една епоха. Изјавата на француската кралица Марија Антоанета, „ако немаат леб, нека јадат колачи“, со сета несреќно цинична духовитост е препознатливо историско обележје за Француската револуција и почеток на крајот на феудализмот.
Во денешно време, (а секако и во минатото), политичарите ангажираат специјални тимови на креативни пишувачи, чијашто главна задача е од целиот заплеткан политички контекст на некоја актуелна ситуација, да извадат некоја духовита поента, според која (по можност), би станале препознатливи и запаметени. Таквите духовити изјави и настапи (искуствено проверено) оставаат посилен впечаток, па дури и ако се примаат како шеги и навидум така се третираат, сепак подоцна (или уште веднаш) соодветно се анализираат и предизвикуваат сериозно внимание во (гео)политичкиот амбиент.
Понекогаш, можеби и почесто, на шегите и духовитостите на политичарите им се намалува важноста на пораката што ја искажуваат, квалификувајќи ги како популистичка стратегија, за придобивање на народните симпатии. Не е исклучено дека некои шеги и духовитости се со таква предумисла и завршуваат како политички гафови. Но шегата и духовитоста се веројатно најприфатливата форма за консумирање и справување со неизбежноста на влијанието на политиката во секојдневниот живот на граѓаните. Шегата е и критика, и отпор, и простор за емоционална катарза на луѓето чии животи посредно или непосредно се под влијание на политичките одлуки и дејствувања, дури и да не живеат во авторитарни режими. Во САД, политичкиот хумор е своевиден доказ за демократските стандарди на општеството, во Велика Британија – составен дел од културната препознатливост, а во Македонија сѐ уште се реферира на сеќавањата за децениската хумористична радиоемисија „Хихирику“, па и на хумористичното ТВ-шоу „К-15“, како општонародна перцепција на политиката.
Искусните и мудрите политичари знаат дека хуморот треба да се сфати сериозно, токму зашто е израз на потиснатите фрустрации на народот, народите, државите, реакција на неправдите што им се нанесуваат на поигрувањето со нивната судбина. А кога кон разни форми на хумор и духовитост настапуваат политичарите, пренесувајќи ги пораките на народот, ситуацијата со трпението за некои неисполнети политички ветувања очигледно е загрижувачка. Затоа, се чини дека тоа своевидно балканско „хихирику“ за ЕУ на форумот во Словенија е повеќе директен напад врз европската хипокризија, отколку тактичко возвраќање на евробирократскиот цинизам. Дали навестува промена во пристапот кон евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан (секако и на Македонија), речиси е непотребно да се предвидува. Што би рекол Черчил: „Политичкиот говор би требало да биде како женско здолниште – доволно долг за да ја покрие темата, а доволно краток за да биде интересен!“.