Со години и децении Македонија ги покажува своето широко срце, топлина и човекољубие, отворајќи ги портите и згрижувајќи ги бегалците од Босна, Косово, Сирија, а сега и од Авганистан. Па, зарем навистина Македонија има најголемо срце од целиот свет? И што добиваме ние за возврат за нашата отвореност и великодушност, демонстрирана безброј пати досега во меѓународни рамки? Како ни се одолжија Европа и светот?
Македонија ги очекува бегалците од Авганистан. Нашата земја и овој пат ги отвори портите и, како што рече, премиерот го покажува своето широко срце, за кај себе да згрижиме приближно 800 мажи, жени и деца што бегаат од пеколот во Кабул. Нашата држава, иако мала географски, економски слаба и со скромни безбедносни капацитети, сепак, без двоумење се нафати да им понуди гостопримство на огромен број бегалци од Авганистан.
Македонската хуманост, солидарност, гостопримство повторно излегоа на површина, наспроти сите можни ризици и предизвици од една ваква операција, која ја избегнуваат дури и многу поголеми и помоќни земји од нас.
Затоа и на прв поглед се изненадувачки најавите, а особено споредбата на бројките кога некои условно посилни држави најавуваат дека ќе згрижат пет лица од Авганистан додека ние не се двоумиме да примиме повеќе стотици, па и илјада бегалци. Тоа е македонското големо и широко срце. Да му се подаде рака секому кога е во неволја. Така беше и во минатото, за време на косовската криза, потоа по распадот на СФРЈ, кога ги згриживме бегалците од Босна, па бегалскиот бран од Сирија и Блискиот Исток од пред неколку години, сега ни доаѓаат Авганистанци итн.
И додека македонските власти бараат начин да им обезбедат храна, здравствена заштита, покрив над главата, за период од 90 дена, додека ќе престојуваат Авганистанците во Македонија, одредени држави во светот, кои се меѓу другото и членки на НАТО и на ЕУ, одбиваат да примат бегалци, со аргумент дека едноставно не е нивна работата да се грижат за бегалци од туѓа војна иницирана од Вашингтон. Па, зарем навистина Македонија има најголемо срце од целиот свет? И што добиваме ние за возврат за нашата отвореност и великодушност, демонстрирана безброј пати досега во меѓународни рамки?
Се разбира, како по природата на нештата, особено кога говориме за сериозни случувања, како овие поврзани со Авганистанците, разбирливо е зошто во одредени сегменти се големи и стравувањата во Македонија од ваквите големи бегалски бранови.
Во домашната јавност токму доаѓањето на гостите од Блискиот Исток предизвика лавина реакции поврзани и со опасностите од можно инфилтрирање на одредени радикални елементи меѓу бегалците, кои потоа би биле закана по безбедноста на државата. Токму затоа, водена од природата на актуелните настани, нашата држава сега треба да пристапи мудро, со голема доза на сериозност, но и да дејствува со извлечени поуки на сличните вакви случувања од минатото, од кои македонските институции имаат големо искуство.
Македонците имаат традиција да бидат гостопримливи и секој странец да го згрижат во својот дом, а нашата земја секогаш го отсликувала овој свој менталитет во сите можни ситуации, за време на трите декади од нашата независност. Македонија секогаш била на страната на онеправданите, снеможените во војните и секогаш сме згрижувала цивилите што бегаат од конфликтите во нашето соседство или во светот.
Такови примери во нашата кратка историја има многу. Во 1999 година, за време на разгорувањето на косовскиот конфликт, во земјата пристигаа илјадници бегалци од соседно Косово, Албанци и Роми. Во пет кампа, сите лоцирани околу главниот град, ги отворивме портите за приближно 400.000 лица. Години подоцна, некои од нив заминаа во својата матична земја, но имаше и големи бројки на лица што засекогаш останаа да живеат во Македонија, иако конфликтот во Косово заврши. Ништо поинаку не беше ни за време на југословенските војни, кога во екот на конфликтот во Босна и Херцеговина, во раните 1990-ти, во нашата земја прибежиште пронајдоа Бошњаци, кои и по крајот на оваа војна, тука основаа свои домови и семејства. Оваа широкограда политика продолжи и за време на мигрантската криза од 2015 година, кога несебично им дадовме помош на милионите бегалци што од војните во Сирија и Ирак, преку балканската маршрута, транизитираа кон поразвиените земји во Европа.
Мигрантската маршрута, косовската криза и југословенските војни длабоко ги истрошија домашните ресурси на Македонија, која несебично на странците им ги понуди и срцето и финансиите. Иако меѓународната заедница во сите случаи ветуваше голема финансиска помош за Македонија за стореното добро дело, овие ветувања во суштина никогаш не се исполнија во целост, сметките на крајот паднаа на домашните даночни обврзници. Водејќи се од мудроста на нашиот народ, дека стапот на свој грб најмногу боли, а сто стапа врз туѓ грб се малку, сега во овие нови околности треба да постапиме многу попретпазливо. Пред сѐ, Македонија сега, за разлика од минатото, треба да го искористи своето членство во НАТО и со помошта на сојузниците темелно да го „исчешла“ портфолиото на сите што ќе пристигнат во државата. Само оваа недела во два одделни случаи, едниот во Британија, другиот во Франција, забранет им беше влезот на неколку авганистански „бегалци“, за кои се утврди дека всушност се припадници на талибанците. Со помош на НАТО на овој начин ќе се превенираат и идните можни несакани сценарија поврзани со терористички акти на талибанците во Македонија. Натаму, државата треба да добие економски и финансиски гаранции од партнерите за згрижување на Авганистанците однапред, за истовремено да не се најдеме пак со празни џебови и со полни фиоки неостварени ветувања, како што беше за време на случувањата со мигрантската криза и војните во Косово и во Југославија.
И тогаш меѓународната заедница ни ветуваше сѐ и сешто, а не добивме речиси ништо. Дури, напротив, потоа пред очите на истата меѓународна заедница и на Европа сурово и безмилосно бевме уценувани и блокирани на нашиот европски пат, нешто што се случува и сега.
Дополнително, моментот на широкоградоста треба да биде искористен и како чин со кој ќе докажеме пред меѓународната заедница дека сме напредна и прогресивна демократија и ќе побараме таков третман и од другите, односно да ни се оттргне апсурдната блокада од Бугарија кон ЕУ. По примерот на соседна Србија во процесот за преговори со Косово, која не е членка на НАТО ниту на ЕУ, можеби можеме да издејствуваме и мноштво економски придобивки, пристап до финансии и изградба на патна и железничка инфраструктура за меѓусебно регионално поврзување.
На крајот, во овие исклучително битни моменти сите пред себе треба да си го постават националниот интерес на Македонија и да се дејствува во таа насока.
Време е повторно во овие триесет години да покажеме дека, како и секогаш, ние имаме солидарност, сочувство, емпатија, но истовремено да подвлечеме дека и не сме лековерни на странските ветувања и дека кон овие случувања пристапуваме со максимална сериозност, но и споделена одговорност од сите чинители на меѓународната сцена.