КОНТИНУИТЕТ НА ПАРТИСКИ, НАЦИОНАЛНИ, КОНФЕСИОНАЛНИ
И ДРУГИ ОПШТЕСТВЕНИ ПОДЕЛБИ
Наместо поделба и етикетирање на вакцинирани и невакцинирани, постојат ли други механизми што може да спречат нови поделби меѓу граѓаните, но истовремено и да го постигнат посакуваниот ефект на зголемена вакцинација на населението и запирање на ширењето на заразата со ковид-19? Лекарите, аналитичарите, социолозите и комуниколозите споделуваат интересни ставови и согледувања
Ќе го постигнат ли посакуваниот ефект новите владини мерки или, пак, ќе го продлабочат јазот на поделби во општеството? Дали по политичките и националните поделби по различни прашања, добиваме уште една поделба на вакцинирани и невакцинирани? Постојат ли други механизми што може да спречат нови поделби, а и да го постигнат посакуваниот ефект на зголемена вакцинација на населението и запирање на ширењето на заразата со ковид-19? Сите овие дилеми стојат исправени пред општествените фактори, но и пред јавноста, особено откако Владата го ограничи движењето на лицата што не се вакцинирани.
За тоа дека овие мерки предизвикаа нови поделби анализираат многумина, од лекари до политичари, но има ли и кои се алтернативите да се постигне вин-вин ситуација во која нема да има лица што ќе се чувствуваат дискриминирано, а од друга страна ќе се постигне заштита на општиот интерес за колективното здравје?
Австралија е најкарактеристичен случај, државата воведе карантин сѐ додека не се постигне 70-80 проценти на вакцинирано население, иако во државата има многу помал број позитивни случаи.
Четвртиот бран натера и најголем дел од земјите во Европа на рестрикции. Франција и Германија исто така воведоа ковид сертификат за влез во ресторани и затворени објекти, со таа разлика што таму се дозволува влез и со негативен ПЦР-тест и влез за лица што ја прележале болеста. Слични мерки има и во Грција, Италија, Бугарија, а за разлика од Европската Унија, Велика Британија ги олабави мерките.
Експертите го гледаат решението во комуникацијата и можеби искуствата од други држави, иако и таму револтот против рестрикциите е голем.
Македонија и странските искуства
Микробиологот Никола Пановски вели дека ние не можеме да ги следиме странските мерки со карантини поради економската состојба. Тој вели дека стратегијата со справување со корона-кризата кај нас не е таква.
– И кога имаше мали бројки на позитивни лица, немавме посебни мерки, почнавме со свадби, и сега, откако се запали пожарот, сега допрва спроведуваме мерки за гасење. Кампањата за вакцинација е посебна приказна, таа секако останува. За мерките со сертификат веќе е јасно, им се дава на луѓе со една доза вакцинирани, кои можат истовремено да го носат вирусот – посочува тој.
Тешко прифаќаме различно мислење
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека во сите општества во светот има поделби по различни основи, но дека тоа не е главниот проблем.
– Кај нас проблемот е во капацитетот да прифатиме различно размислување и различни ставови. Тоа е она најсуштинското. Спорни се исклучивоста и анблок негативниот став, односно негативно да се однесуваме кон сѐ. За таа цел треба
да се подигне капацитетот за толерантноста кон различноста. Оваа поделба сега околу вакцинирањето е поделба на одговорни и неодговорни. Оваа болест нѐ мачи година и пол и луѓето треба да се освестат и да го спроведат ова – посочува Муслиу.
Според него, секако дека неизбежна тема за време на претстојните локални избори ќе биде и вакцинацијата, но повеќе во насока на успешно или неуспешно справување со неа.
Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека поделбите во едно општество се нужни и се нормална состојба, но дека главното прашање е колку тоа општество е длабоко поделено или длабоко затруено.
– Кај нас има труење во општеството. И кога ќе бидат 80 отсто вакцинирани, повторно ќе има поделби. Сите искуства од другите земји што би можеле да се применат се универзални, со карантини и слично. Но сите знаеме дека единствената цел се постигнува со вакцинација. За таа цел е потребна силна пропаганда за насочување на граѓаните да се вакцинираат – заклучува Тоновски.
Мотивација и комуникација
Бојан Кордалов, комуниколог, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, вели дека поделбата во општеството може да се смени само со мотивација и со изложување на сите факти може да се постигне долгорочен и одржлив успех.
– Комуникациски, не постои можност некого да мотивирате да направи нешто со помош на санкција. Впрочем, термините мотивација и санкција се противречни. Ја разбирам добрата намера на здравствените власти за да се постигне поголем опсег на имунизација, па затоа се посегнува и по рестрикции, но комуникациски сметам дека ваквиот пристап долгорочно нема да ја постигне целта од повеќе причини – посочува тој.
Според него, само мотивациските мерки градат сојузници и градење на свест за потребата од прифаќање на науката, додека, пак, рестрикциите можат само подлабоко да нѐ закопаат во поделбите и да нѐ оддалечат од процесот на имунизација.
– Повеќе од потребно е правилно да се комуницира во оваа корона-криза, а тоа е јасно да се изложуваат научните податоци и да се стави науката во средина. Доколку мешаме наука и политика, односно да ја ставаме науката во функција на политиката, одговорно тврдам дека штетата ќе биде многу поголема од корисноста. Ќе навлеземе во процес од кој многу тешко ќе се вратиме, а таквите процеси сериозно се закануваат да ја редефинираат демократијата, барем онаква како што ја познаваме – заклучува Кордалов.
Тој уверува дека ако сме ја следеле комуникациската наука, сојузници во целиот процес на здравствените авторитети ќе биле и угостителите, но и сите борци што успеаја да го преживеат ковид-19 итн.
– Ова не е мала бројка на сојузници, па, оттука, мислам дека успехот ќе беше многу поголем и ќе служевме како позитивен пример во регионални и светски рамки. На тој начин, поддршката и охрабрувањето за поширок опфат за вакцинација кај огромното мнозинство непрележани граѓани ќе растеа од ден на ден како позитивен бран, наспроти ова што се случува во моментов, а тоа е поларизација, која комуникациски само повеќе ќе нѐ закопа како општество во место и нема да ни дозволи да се поместиме ни чекор понапред за излегување од оваа здравствена, економска и психичка криза на секоја индивидуа – посочува Кордалов.
Владата почнува кампања за вакцинација
Владата почнува со кампања „Вакцинирај се“ за да се поттикнат граѓаните масовно да се вакцинираат и да се спречат лажните вести на антиваксерите. Ова вчера го кажаа премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, со што нагласија дека оваа кампања треба да ги охрабри граѓаните да се вакцинираат, оти тоа е единствен начин да му се стави крај на вирусот.
– Новиот сој на ковид-19, кој доведе до четвртиот бран на вирусот, како и антиваксерските движења што шират лажни вести и ги збунуваат граѓани се причина за ваквата кампања. Само со комплетна вакцинација се спречуваат тешка форма на болеста и смртни случаи. Да ја прифатиме и да се отповикаме на повикот за масовна вакцинација, за да можат децата да тргнат на училиште, да се вратат артистите на сцените, да заживее економијата, да почнеме пак нормално да живееме. Кампањата има цел да им го сврти вниманието на граѓаните да бидат внимателни кога до нив пристигнуваат вести што не се вистинити – рече премиерот Зоран Заев.
Министерот Венко Филипче кажа дека статистиките што ги правеле покажале дека во градовите каде што има висока стапка на имунизација, како што се Битола, Охрид и Гевгелија, нема притисок на болниците, а онаму каде што граѓаните не се вакцинираат, како што се Тетово и Гостивар, болниците се преполни и има голем број смртни случаи.