Аљоша Симјановски
Изгубено и обезвреднето е местото на културата во земјава, воопшто, не само во медиумите. Што треба да се случи за еден културен настан или уметник да добие насловна страница, ударен термин на вести или, пак, мегаинтервју објавено на видна позиција на некој портал? Ако пред десетина години постоеја цели редакции за култура, со најмалку тројца-четворица новинари што следеа различни области, денес тоа е научна фантастика и станува реткост дури еден новинар од култура да ја работи само оваа област, велат новинарите.
„Вниманието со ‘Медена земја’ го привлековме кога се вративме од ‘Санденс’. За време на ‘оскарите’, зeмјата беше понесена од успехот на филмот, најавена ни беше дури и државна пензија, за која набрзо идејата беше повлечена, затоа што законот не дозволувал“, потсетуваат авторите.
Според извесни согледби и толкувања, културата и културната дебата во Македонија на фонот и во вителот на општествено-економските и социјалните турбуленции се, всушност, замена – за политиката и за интелектуално-политичкиот ќор-сокак во кој западнаа редица стратези културни дејци и мислители, но и голем број производители на културните добра кај нас и пошироко, на целиот исток.
Многу од протагонистите на културното живеење и во нашиот сокак останаа затекнати во новонастанатите културни услови и, во состојба на шок, затворени во магичниот круг на некритичка исклучивост, негирање и себесожалување, никако да ги согледаат суровата и динамична димензија на културата и целиот корпус на уметничките глобални метаморфози.
И ако некогаш од културата се бараше да не биде млака, да биде ангажирана и да не остане само во рамките на себедоволство, сега под превезот на препораки, во пакет со економско-политичките искуства, на културата ѝ се препорачува и од неа се бара да биде дел од европската софистицирана дебата за убавото, доброто и праведното.
Човечкиот род е длабоко навлезен во постинформатичкиот универзум. Силниот технолошки подем е сеприсутен, очебиен и е вгнезден во нашите (наизглед) кревки информациски тела и во нашата свест, и на сите еднакво ни овозможува да бидеме дел од играта во глобалното цивилизациска битие. Но сето тоа заедно не значи по автоматизам некаков антрополошки прогрес. Технолошкиот прогрес може да влијае на планот на удобноста и живење на квалитетно време и нема сомнение дека интернетот и глобалните медиумски алатки влијаат врз моделирањето и артикулирањето на нашата реалност во согласност со своите принципи, но во исто време нѐ развива, оспособува како значајна културолошка перцептивна рамка, која го изострува нашето цивилизациско чувство во современото битисување.
Силно заплиснати од бурниот технолошки развиток, „аналогните“ генерации уметнички трудбеници и нивните традиционални сфаќања и толкувања на уметноста се исправени пред сериозна задача. Најпрвин да се свртат околу себе и да видат во кој век живеат. Таа мала и одбрана дружина проследувачи, критичари и толкувачи на уметничкото дејствување, стварноста секојдневно ги опоменува и топло препорачува вид себекорекција, во смисла на навремено детектирање на потенцијалот на новите медиуми, чии визури и перспективи во дигиталната ера се суштинска претпоставка и алатка на културното дејствување. Треба да се има предвид врутокот на новиот сензибилитет од кој се заплиснати сегашните и идните поколенија културни работници, културтрегери, критичари и критизери, кои на културата гледаат, мерат и премеруваат со параметрите од традиционалниот анахрон бинарен систем на евалуации, во кој културата се дели најпрвин на жива и нежива, и во нив традиционалните поделби на жанрови, сликарство, театар, литература, скулптура…
Медиумската експанзија и продолжениот простор во кој треба да се движиме налагаат ново поимање и видување на уметничкото дејствување. Изобилството од најразлични содржини налага извесна мека промена на сфаќањата и толкувањата на глобалните медиумски параметри, молскавичен ритам на перцепција и уште еден куп предизвици и насоки со кои мора да се сообразиме, за правилно разбирање и трасирање на културните политички насоки и стратегии.
Светот и реалноста се медијализирани до степен на усвитеност и се претворени во континуирано реално шоу. Нашите животи, со „несебична“ помош од секојдневните виртуелните хомологации, се претворени во вид чиста дигитализирана апстрактна егзистенција, во која во најголем дел сме само една од функциите на комуникациските медиуми.
Медиумскиот карактер на стварноста станува појдовна основа и претпоставка што налага еден нов вид поимање на уметноста, редефинирање и проширување на нејзината онтолошката рамка.
Зарем е помалку уметност создавањето атрактивни видеоигри што со својата динамична визуелност сè повеќе се претвораат во театар, во кој сме и гледачи и артисти. Креативниот нов сензибилитет може да се забележи и на рабовите на сè поатрактивната медиумска графика или кај интензивниот маркетинг.
Можеби ќе прозвучи малку еретички и претенциозно, но денес одредени сегменти на телевизијата, порталите и социјалните мрежи, како форма и содржина, слободно можеме да ги окарактеризираме и да ги прогласиме за творечки производ, виртуелна проекција на културна сила во чија т.н. заднинска механика се впрегнати синергија и креативен потенцијал на голем број различни профили. Креативната телепортација станува реалност.
Слободно и со право можеме да ги прогласиме за уметност современиот графички дизајн, шпиците и џингловите, музичките видеоклипови, или добриот избор на лица со висока телевизуелност и костими на Фешн ТВ, директните преноси од „Греми“, „Евровизија“, Ем-ти-ви…
За креативен уметнички чин може да се окарактеризираат и директниот телевизиски пренос и одделни телевизиски спортски жанрови.
Зарем преносот на натпреварите за Формула 1 не е автентична уметност и креативен чин? Изгледот и креацијата на болидите, фасцинантната адвертајзинг-иконографија, одличната поставеност на камерите, кои формираат монтажен простор, временска и просторна истодобност во која активно се вклопуваат над милијарда гледачи.
Секое продолжение е посебна епизода, во која основниот динамичен дел е драматуршки конзистентен и непредвидлив, местото на случување – различно.
Директните фудбалски преноси од олимпијадите, Европското фудбалско првенство, шпанската Примера, италијанското Калчо, англиската Премиер-лига… Севкупно – висок естетски чин во духот на новото време. Фактот дека тој е еднаква информатичка и естетска наслада за милијарда консументи е силна потврда за демократскиот и естетски потенцијал на овие жанрови.
Уметничкото творештво со силниот технолошки подем многукратно се демократизира и во условите на глобалната медиумска експанзија добива неверојатно големи шанси за промоција на квалитетни идеи, креативен авторски потенцијал, што во никој случај не подразбира исклучување и негирање на традиционалниот израз и на културните вредности, туку реално димензионирање и мудра стратегија за постапно и правилно искористување на можностите на уметничките суптилни сфери како моќно орудие на човечкото дејствување.
Што се однесува до културната дебата и теорија, треба да се разлачи и деконтаминира автентичниот културен набој од перфидно вметната агресивна компонента на сеприсутната политика. Замената и мешањето на полето на културниот со политичкиот натпревар се неетички чин и најчесто латентна дневнополитичка манипулација, како рефлекс на итроманство и неодговорен медиокритетски провинциски менталитет.