Џо Бајден мораше да го прекине одморот во Камп Дејвид и да се врати во Белата куќа за обраќањето поради влошената ситуација во Авганистан. Неговата порака до американската јавност беше јасна – тој нема да се повлече или да се предомисли, пишува „Фајненшл тајмс“.
Во неговото прво обраќање откако талибанците го заземаа Кабул, американскиот претседател покажа дека нема назнаки оти ќе го смени курсот или дека ќе ја прифати вината за ситуацијата.
– Цврсто стојам зад мојата одлука. На потежок начин научив дека никогаш не е добро време за повлекување на американските сили – кажа Бајден бранејќи ја одлуката на неговата администрација за повлекување на американските трупи од Авганистан по речиси дводецениското присуство.
Тоа беше јасна порака од политичарот кој првично почна да се залага за повлекување од Авганистан пред повеќе од една деценија кога беше потпретседател за време на мандатот на Барак Обама.
Бајден честопати ги споредуваше војните во Авганистан и во Виетнам. Вчера тој јавно вети дека „нема да бара од американските трупи да ги ризикуваат животите во воена акција која одамна требаше да заврши“.
– Нашите лидери го сторија тоа во Виетнам кога дојдов тука како млад човек. Јас нема да го сторам тоа во Авганистан – кажа Бајден.
Но поддржувачите и критичарите на Бајден се согласуваат дека говорот ја покажал тврдоглавоста на актуелниот претседател. Таквата карактеристика му донесе на Бајден и одреден успех, но придонесе и за спречување на промена на курсот кога политичката ситуација тоа го налагаше.
– Тој ја промаши целта и го промаши мигот. Никој не се противи на повлекувањето од Авганистан. Станува збор за начинот на кој САД заминаа, во тотален хаос – вели Мери Ен Марш од Демократската партија.
Бајден застана зад одлуката за повлекување, но не се извини за евакуацијата на американската амбасада во Кабул, ниту за ситуацијата во која десетици илјади поранешни соработници на владата на САД се принудени да бараат спас од Авганистан.
Одбивањето да ја прифати вината за хаосот во Кабул повторно ги поттикна критиките кои Бајден ги избегнуваше подолго време – дека тој честопати ги занемарува советниците, особено оние задолжени за надворешната политика, заклучува „Фајненшл тајмс“.