Меѓу болните дилеми што останаа неразјаснети и две децении по Охридскиот договор е онаа за „амнестираната одговорност“ и неоткривањето на сторителите на злосторствата над цивилното население во конфликтот, сѐ уште неоткриената вистина за исчезнатите и киднапирани лица, злосторствата против човештвото и ѕверското убиство на македонски бранители за време на конфликтот
Фактот дека најголемиот број граѓани на Македонија што биле полнолетни во таа 2001 година се современици на Охридскиот договор, се чини дека и дваесет години подоцна тешко може да предизвика инспирација, па дури и некому да му падне на памет тоа да го наведе во своја лична биографија, како некаков ориентир за епохата во која живеел. Секако, таквата информација веројатно е сосема одвишна во, да речеме, некоја професионална биографија (наречена си-ви) за вработување, иако еден од ефектите на Охридскиот договор во македонското општество е што создаде амбиент за вработување во државни институции, по етнички клуч, дури и без соодветни професионални квалификации и со „цреша на шлагот“ – цела деценија да се добива плата без воопшто да се оди на работа. Но она што како своевиден куриозитет беше откриено при одбележувањето од дваесетгодишнината на овој договор, во организација на ДУИ како коалициски партнер во македонската влада, е „демистификацијата“ на авторот на документот на договорот – Пол Вилијамс. Дваесет години подоцна, авторот е поканет на прославата во Скопје, со што на своевиден начин веќе официјално е расчистена една дилема за Охридскиот договор, односно расчистени се некои (можеби ретки) наивни верувања дека документот е резултат и дело произлезено од преговорите на автентичните македонски политички фактори, влијателни во тој период.
Но, за разлика од „демистификацијата на авторството“, се чини и понатаму секое навраќање на случувањата од 2001-та во Македонија и обидите за анализа на придобивките и промашувањата на договорот, кој уште се нарекува и рамковен и кој е вграден во Уставот (дури и во преамбулата), предизвикува дилеми и неодговорени прашања, кои, сепак, заслужуваат одговор.
Една од дилемите што постојано се наметнува, иако можеби славениците не сакаат да ја споменуваат, е тоа што и по 20 години се избегнува да се даде дефиниција на конфликтот, кој беше причина за создавање и потпишување на рамковниот договор. Дали се работеше за терористички напад (како што беше оквалификуван на почетокот од тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, но и од институциите на ЕУ), агресија однадвор, или наводна борба за поголеми малцински права… останува нејасно и по 20 години. Можеби за славениците најприфатлива би била теоријата за наводна „борба за малцински права“, но парадоксално е што и тогаш претставниците на малцинствата учествуваа активно во политичкиот живот на Македонија, имаа свои пратеници во Собранието од етничките партии, беа дел и од владите до тој период, а во извештаите на Советот на Европа оцените за малцинските права во Македонија беа (и се) дека ги надминуваат дури и европските стандарди.
Македонија во тоа време, пред конфликтот, во очите на меѓународната заедница беше посочувана како оаза на мирот, па нејасно е како во една таква оаза можело одеднаш и одненадеж да избувне судир?!
Во тековите, превирањата и пресвртите на македонската политичка сцена во изминативе дваесетина години, во еден момент беше проценето како „политички опортуно“ дури и да се прошири рамката на Охридскиот договор, па беше издејствуван и усвоен (навистина сѐ уште процедурално спорен) Законот за употреба на јазиците, со кој на своевиден начин албанскиот јазик стана втор официјален јазик во Македонија, задолжителен како опција дури и во средини каде што нема албанско население во рамките на оние 20 отсто што ги предвидува Охридскиот договор, како услов за добивање „специјален малцински третман“. Оцените на Венецијанската комисија, пак, се јасни – дека Законот за употреба на јазиците во голема мера може да предизвика нефункционалност во работата на институциите и дека излегува надвор од конвенциите за малцинските јазици.
Меѓу болните дилеми што останаа неразјаснети и две децении по Охридскиот договор е онаа за „амнестираната одговорност“ и неоткривањето на сторителите на злосторствата над цивилното население во конфликтот, сѐ уште неоткриената вистина за исчезнатите и киднапирани лица, како и откривањето на извршителите на субверзивните акции во кои загинаа припадници на легитимните формации на македонските бранители во конфликтот.
Таквите болни неодговорени прашања, кои упатуваат на феноменот „селективна правда“, потиснат во заднината на Охридскиот договор, не дозволуваат да исчезнат сенките на сомнежот за окрвавените раце на поранешните борци со бомби и пушки во раце, кои потоа се трансформираа во политичари во костуми и вратоврски. Токму една таква трансформација, без да одговараат за сторените злосторства и за последиците во одредена мера, им овозможи и Охридскиот договор.
Понатаму, она што останува како контроверзност на ефектите од Охридскиот договор е процената дали македонското општество по неговото усвојување успеа да стане (по)граѓанско, пообединето, дали е пронајдена заедничка надетничка вредност како кохезивна нишка на унитарноста на државата, дали е поголема довербата меѓу граѓаните од различна етничка припадност. И самиот дух на прославата на дваесетгодишнината од потпишувањето, во кој (не)дискретно доминира етничкиот триумфализам, не оди во прилог на дефиницијата, ниту на реалноста за градење граѓанско општество врз демократските принципи на еднаквост и праведност. Македонија не е мултиетничка држава и општество од времето на потпишување на Охридскиот договор. Мултиетничкиот живот на овој простор функционирал уште пред веројатно да биде и смислен овој термин. Пред Охридскиот договор, таквиот живот се нарекуваше соживот, соседство, па и братство-единство…, но меѓучовечките и меѓуетничките релации се градеа поприродно, поспонтано и поискрено пред да бидат изнудени во сѐ уште недефиниран конфликт и вкалапени во политички договор како бирократска меѓународна интервенција.
Конечно, последната дилема што ја отвори Охридскиот договор е дали беше потребно да се прославува со гала-приредби и половина милион евра од државниот буџет во време кога во земјата се активни две кризни состојби – едната за справување со пандемијата на коронавирусот, а другата за борбата со пожарите како огнена стихија, која не стивнува повеќе од десетина дена. Дваесет години поминаа. Да се надеваме дека нема да поминат уште толку за граѓаните и јавноста да ги добијат одговорите на сите неразјаснети прашања. И, се разбира, правото и правдата да ги стигне сите што на кој било начин во минатото се огрешиле од неа, затскривајќи се токму зад некакви рамковни договори и слично.
На вчерашното одбележување на 20-годишнината на рамковниот договор, поранешниот прв човек на НАТО, Џорџ Робертсон, кој, колку за потсетување, во 2001-та тогашните „борци за права“ ги нарече терористи, вчера порача дека историјата памети многу договори, но она што граѓаните го бараат е работа, квалитетно образование и надежи за посветла иднина.Ако Робертсон тврди така, и во 2001-та и во 2021-та, зарем има простор да се сомневаме во неговите зборови?! И во однос на минатото, уште повеќе во однос на иднината.