Фото: Игор Бансколиев

За разлика од Европа, кај нас нема поголема акција поврзана со шверц на цигари во земјава. Можеби затоа што нема индикации дека таков вид криминал се случува во нашата земја? Во секој случај, единствен регистриран случај од ваков вид е оној од август минатата година, кога бугарски државјанин беше уапсен на магистралниот пат во близината на селото Сушица, Струмичко, бидејќи по преглед на неговото товарно возило „волво“ биле пронајдени и одземени две илјади кутии цигари. За настанот бил известен јавен обвинител, а по целосното документирање на случајот, против него беше поднесена соодветна пријава

ЕВРОПА СО ШИРОКА АКЦИЈА ПРОТИВ ШВЕРЦОТ НА ЦИГАРИ, КАЈ НАС ЗАСЕГА МИРНО

Шверцот на цигари е вносен илегален бизнис за криминалните групи, кои преку шверцот заработуваат големи финансиски средства. За жал, државите сѐ уште не пронашле начин како да се справат со шверцот на цигари, кој ги оштетува економиите, но и производителите на цигари.

ЕВРОПОЛ СЕ СПРАВУВА СО НЕЛЕГАЛНОТО ПРОИЗВОДСТВО И СО ШВЕРЦОТ НА ЦИГАРИ

Европол заедно со полската полиција, на крајот на минатиот месец, работеше на разбивање организирана криминална група инволвирана во нелегално производство на цигари.
Во акцијата беа инволвирани повеќе од сто полицајци, кои успешно разоткрија и уапсија 16 осомничени поради вмешаност во нелегално производство на цигари во Варшава. Уапсен е и лидерот на криминалната група.
Повеќе од 1,6 милион нелегално произведени марки на цигари биле откриени заедно со 13 тони тутун, кој требало да биде искористен за производство на дополнителни 13 милиони цигари. Штетата по државниот данок е проценета на 3,8 милиони евра.
Проценетото фабричко производство на дневна основа изнесува еден милион цигари дневно. Фалсификуваните брендови цигари биле наменети за пазарите во Обединетото Кралство и во Германија, каде што на криминалната група требало да ѝ обезбедат заработка од 9,7 милиони евра.
На почетокот на минатиот месец беше реализирана акција помеѓу португалската и шпанската полиција заедно со Европол, во која исто така беше разбиена криминална група што работела со шверц на цигари.
Во оваа акција беа претресени 82 локации, 70 во Португалија и 12 во Шпанија, и беа уапсени 17 лица. Запленети биле осум илјади килограми тутун, вредни два милиони евра, и 454 илјади цигари, вредни 113.500 илјади евра. Во истрагата се откриени седум оружја, 24 возила и 216 илјади евра, 116 илјади во готовина и сто илјади на банкарска сметка.
Оваа криминална мрежа била инволвирана во шверц на тутун од Шпанија во Португалија. Тутунот бил наменет за илегално производство на цигари, но и како тутун за домашно правење цигари во Португалија.

МАКЕДОНИЈА ОДАМНА НЕМА РЕГИСТРИРАНО СЛУЧАЈ СО ШВЕРЦ НА ЦИГАРИ

Во земјава нема поголема акција поврзана со шверц на цигари. Единствен регистриран случај е оној од август минатата година, кога бугарски државјанин беше уапсен на магистралниот пат во близината на селото Сушица, Струмичко, бидејќи по преглед на неговото товарно возило „волво“, биле пронајдени и одземени две илјади кутии цигари. За настанот бил известен јавен обвинител, а по целосното документирање на случајот, против него беше поднесена соодветна пријава.
Поголем случај имаше регистрирано во 2013 година, кога седумнаесет лица беа изведени пред истражен судија и против нив беше поднесена кривична пријава поради сомнение за шверцување цигари од Македонија во Бугарија. Според првичните сознанија, цигарите биле внесувани од Албанија и Косово во земјава, складирани во магацини на скопски Бит-пазар, а потоа транспортирани за Бугарија.
– Според документираните сознанија, групата во септември 2010 година ја создал 47-годишен скопјанец, потпомогнат од 41-годишно лице од Тетово и други пет лица од Скопје, заради вршење кривични дела шверцување цигари. Другите членови од Струмица, Делчево, Кочани и Берово, кои биле на возраст од 25 до 60 години, имале задача илегално да ги пренесуваат цигарите во соседна Бугарија.

Според полициските сознанија, групата се занимавала со организирање шверц и транспорт на акцизна стока цигари, со и без акцизни маркички, од Албанија и од Косово во Македонија, а потоа од Македонија во Бугарија. Цигарите биле складирани во магацински простории на територијата на Скопје, меѓу другото и на Бит-пазар, и во околината на градот или во помошни магацински простори, лоцирани во близината на македонско-бугарската граница.
Членовите на криминалната група имале строго поставени задачи во хиерархијата. Според податоците на полицијата, организаторот и неговите помагачи набавувале цигари од странство и ги организирале шверцот до Македонија и од Македонија во странство, плаќањето на цигарите, складирањето, обезбедувањето на транспортот, како и продажбата на цигарите во земјава и во странство. Групата имала организирана мрежа на транспортери што ги носеле цигарите до источниот дел на Македонија, на подрачјата на Крива Паланка, Делчево, Кочани, Берово, Струмица, каде што им ги предавале цигарите на другите членови на групата.
Во претресите што ги реализира полицијата во домовите на осомничените беа пронајдени три пакети рефус цигари, неколку килограми марихуана, 100 пакети енергетски пијалак „ред бул“ нелегално внесен од Косово, над 15.000 евра, 341 штека цигари без акцизни маркички, 3.983 македонски акцизни маркички, за кои се претпоставува дека се фалсификувани, и едно патничко моторно возило.
Покрај осомничените во „Филтер“, полицијата открила уште една група од Делчево што, наводно, шверцувала цигари исто така кон Бугарија.

[email protected]