Новиот американски претседател подготви нов пристап во однос на човековите права, кој е обележан со идеализам и понизност, пишува Џејмс Трауб за „Форин полиси“
Што навистина мисли Џо Бајден за бранењето на демократските принципи
Во својот говор на инаугурацијата во 2005 година, тогашниот американски претседател Џорџ Буш Помладиот претстави нова политика, која тогаш гласеше „Агенда на слободата“, според која промовирањето на демократијата се најде во центарот на американската надворешна политика. Буш тогаш тврдеше дека бесот на терористите што ги извршија нападите на 11 септември се должел на тиранија во арапскиот свет, а само „силата на човечката слобода“ можела да ги изгасне тие пожари и да го обезбеди „опстанокот на слободата во нивната земја“. Меѓутоа, ваквата теорија на Буш беше целосно погрешна. Се покажа дека арапските држави, кои беа предмет на неговата „Агенда на слободата“,се сосема имуни на американското влијание. Сепак, САД успеаја да го сведат тероризмот на закана што може да се контролира преку класичните инструменти на домашната безбедност, вооружените сили надвор и дипломатијата. Подготвеноста на администрацијата на Буш да ги тргне настрана овие свети начела на слободата во име на „војната против тероризмот“ го претвори јазикот на промовирање на дипломатијата во една голема лицемерност.
Од поранешните претседатели, Барак Обама избегнуваше помпезен јазик и арогантни барања од „Агендата на слободата“, додека Доналд Трамп го реши проблемот со лицемерноста со целосно отфрлање на демократската политика. Сегашниот американски претседател, Џо Бајден, ја врати демократијата во срцето на американската надворешна политика. Бајден често зборува за „самитот на демократијата“, кој планира да го свика во првата година од неговиот мандат. На средината на минатиот месец, неговиот државен секретар Ентони Блинкен испрати телеграми до сите американски дипломати со инструкции да зборуваат за прашањата за човековите права и демократијата и да остваруваат средби со локалните активисти, порачувајќи им дека „бранењето токму на овие принципи насекаде не се коси со американските национални интереси и безбедност“.
Промена во ставовите на Бајден?
Бајден никогаш не веруваше дека САД можат сторат нешто повеќе за внатрешната политика на други земји. Тој не ја сфати сериозно „Агендата на слободата“, не веруваше дека Американците ќе го претворат Авганистан во демократија и беше скептичен кога Арапската пролет накратко се чинеше дека предизвика револуција на Блискиот Исток. Бајден се сметаше за искусен прагматичар во горните ешалони од администрацијата на Обама, кој требаше да ги потсетува младите идеалисти дека светот е сложен. Зошто тогаш сега стана силен поборник за демократијата како Буш?
Одговорот е во тоа што Бајден има многу различна теорија од Буш. Демократскиот дефицит со кој се занимаваат претседателот и неговиот тим не е надворешен, туку внатрешен. САД се единствените од сите демократии што некогаш важеа за „консолидирани“ што избраа популист со намера да ја зацврсти својата моќ преку рушење на демократските принципи, како што се случи во Бразил, Индија, Полска, Унгарија и други земји. Демократиите, како што напиша тогашниот претседателски кандидат, беа „парализирани од хиперпартизам, заглавени во корупција и обременети со екстремна нееднаквост“.
Бранење или промовирање на демократијата?
Цврстите реалисти ги оценуваат сите овие теории за демократијата како одвлекување на вниманието од спроведувањето на геополитичките интереси на САД. Иако промовирањето реформи меѓу арапските автократии можеби беше бавен, по дури и циничен потфат, сепак не може да се негира дека бранењето на демократијата од автократските тенденции дома и од авторитарните држави надвор е проблем од највисок национален интерес, само прашањето како и дали може да се направи. „Бранењето“ или „штитењето“ е многу различно од „промовирањето“. Реториката на Буш претпоставуваше дека демократијата е бесконечен ресурс на САД, кои можат да го всадат во послабите држави. Последните неколку години сурово ја покажаа суетата на таквиот став, затоа што сега токму на Вашингтон му е потребен лекот што порано го извезуваа.
Бајден се осврна првенствено на домашната криза. Тој се надева дека ќе ја реши кризата преку обемни напори за враќање на просперитетот кај исплашената средна класа преку постојана употреба на двопартизам и реторика за колективна цел, но и преку воведување клучна легислатива за демократски прашања, иако е прерано да се каже дали специфичните мерки ќе успеат да ја поправат состојбата во државата. Но Бајден исто така верува, како и сите претседатели по Вудро Вилсон, дека либералните демократски САД не можат да опстанат во свет што ниту е либерален ниту е демократски, дури и да соработуваат со автократски држави за светските проблеми. САД не се сами во овие грижи. Француската десничарска популистичка политичарка Марин Ле Пен има еднаква шанса да го порази претседателот Емануел Макрон на следните избори во април. Другите светски сили, како Русија и Кина, активно работат да го ослабат „либералниот поредок“ и поединечни либерални држави.
Акцент на заемноста
Оние што го планираат демократскиот самит, велат дека сите поканети држави, меѓу кои САД и другите „зрели“ демократии, како и помладите, мора цврсто да се обврзат за да го решат внатрешното назадување на демократијата. Заемноста е многу добра работа, што укажува на најнеамериканската понизност и подготвеноста да се учи од другиот. Но овој нов етос, што е за почит, не нуди корисно водство во услови на криза како онаа што ја предизвика тунискиот претседател Каис Саид, кој ја распушти неговата влада и презеде итни овластувања на 25 јули. Блинкен го предупреди тунискиот лидер да соработува со „сите политички актери и тунискиот народ“ и му вети помош со економската и здравствената криза. Но Вашингтон и неговите сојузници, пред сè Франција, можеби ќе треба да ветат или да се заканат многу повеќе за да ја зачуваат единствената демократија во арапскиот свет да не западне во диктатура.
Ветувањето за заемност исто така нè соочува со сите наши ограничувања. Најважниот подарок што САД можат сами да си го дадат е легислатива што ќе го спречи потиснувањето на гласачите и постизборните манипулации. Но републиканците најверојатно ќе блокираат секаков значаен предлог-закон на оваа тема.
Народот е темелот на демократијата
Демократиите зависат од правото и правните институции, но на крајот на краиштата тие се потпираат на верувањата на граѓаните токму во тие институции и подготвеноста да се почитуваат нивните структури. Луѓето што живеат во силно поларизирани општества нема да веруваат во ниеден исход што би бил неповолен, а она што е наметнато со закон може да се поништи со нов. Ние навистина не знаеме како да ја спречиме радикалната поларизација. Секако, популистичките лидери прават сè што е во нивна моќ за да ја зајакнат недовербата. Индискиот премиер Нарендра Моди или турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган еден ден можеби ќе ги загубат изборите, но до нивното заминување нивните држави ќе станат неповолни за демократско владеење. Опортунистичкиот руски претседател Владимир Путин долева масло на огнот секаде каде што гори, но првично е потребно токму избивање на оган. Во една скорашна статија, Френсис З. Браун и Томас Каротерс, водечки експерти за демократија во фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“, заклучија дека „одредувањето на демократската стратегија околу целта за спречување на подемот на Кина и Русија“, како што честопати правеше администрацијата на Бајден, ги игнорира „главните двигатели на демократскиот пад“, кои всушност се внатрешни. Сепак едно од искушенијата е тоа што секогаш е полесно да се создаде политички консензус околу легислативата за да се спречи странско хакирање или надзор, како и кампањи за влијание, отколку да има соочување со длабоко вкоренетите поделби во општествата.
Државите може да донесат разни корисни подароци. Законите за наложување на откривање на идентитетот на странските инвеститори, регулаторните шеми за управување со вештачката интелигенција или надзорна технологија, правилата за ограничување на црните пари во политиката може да ја унапредат демократијата постепено. Можеби државите дури ќе се натпреваруваат да донесат нешто особено добро. Но да не заборавиме колку разочарувачки беше за еден одлучен американски претседател да ја обнови штетата што ја нанесе Трамп и една генерација на поларизирани републиканци. Колку што им е тешко на настраданите земји да го обноват духот на демократијата во време кога практично и не постои индустриската средна класа и истовремено се доведува во прашање зачувувањето на културните идентитети, толку потешко е да се подобри состојбата во нечија друга земја.