Пандемијата нѐ освести како државите ја злоупотребуваат кризата за да ја оправдаат поголемата државна цензура, ограничувајќи ја слободата на говорот. Кога не може да се избегне проблемот, властите се обидуваат преку цензура да го контролираат наративот, обезбедувајќи медиумски фокус на напорите на државата да се справи со проблемот. Ги напаѓаат, притвораат, прогонуваат…
Светот денес како никогаш порано се соочува со пандемија на кршење на човековите права. Светот замолчи во пандемијата. Во Македонија одамна се молчи и пред пандемијата. Владите во борбата со пандемијата ги натераа луѓето да носат маски и ги замолчеа. Станавме сведоци на прекумерни и понекогаш насилни мерки од владите во светот за да се спречи критичкиот говор. Очигледно старите навики умираат тешко, вклучувајќи ја и склоноста кон замолчување на независните критички гласови во општеството. За лидерите со авторитарни пориви кризата со коронавирусот понуди удобен изговор да ги замолчат критичарите и да ја консолидираат моќта. Цензурата почна да ја храни пандемијата, помагајќи ѝ на пропагандата да ја попречува вистината. Кризата разви нови алатки за цензура и вешто ги користи постојните со многу поголема фреквенција. Здравствената криза неизбежно ќе стивне, но опасното ширење на моќта на автократските влади може да биде едно од најтрајните наследства на пандемијата.
Пандемијата покажа дека информациите можат да бидат разликата помеѓу животот и смртта и ја истакна важноста на пристапот до интернет за заштита на сопственото здравје, информирање и одржување контакт со семејството и пријателите. Сепак, од почетокот на пандемијата политичките размислувања се судрија со загриженоста за јавното здравје и слободното изразување. Властите блокираа легитимни веб-страници, наредија отстранување на несакани содржини, а новокреираните „непорочни“ проверувачи на факти на интернетот воведоа дополнителни нејасни и премногу широки ограничувања на слободата на мисла и говор. Мрежата за вести на интернет стана контролирана за тоа како да се известува за вирусот без објавување неофицијални извори, без вклучување независно известување, без критика. Се потврди дека кога ќе пристигне криза, оние што сакаат да ја задржат или да ја прошират моќта, сигурно ќе ја искористат.
Пандемијата на коронавирусот покажа како цензурата во една земја потенцијално може да влијае на глобалното јавно здравје и безбедноста. Исто така, им обезбеди на авторитарните, па дури и на историски демократските влади топовско месо за да ги разбијат информациите за коронавирусот во рамките на нивните граници против вистинските дезинформации, но во голема мера против вистинитите информации што режимот не сака да бидат слушнати.
Пандемијата нѐ освести како државите ја злоупотребуваат кризата за да ја оправдаат поголемата државна цензура, ограничувајќи ја слободата на говорот. Кога не може да се избегне проблемот, властите се обидуваат преку цензура да го контролираат наративот, обезбедувајќи медиумски фокус на напорите на државата да се справи со проблемот. Ги напаѓаат, притвораат, прогонуваат, а во некои случаи ги убиваат критичарите, затвораат медиуми и носат нејасни закони со кои се криминализира говорот за кој тврдат дека се заканува на јавното здравје. Меѓу жртвите се новинари, граѓански активисти, здравствени работници, политичката опозиција и сите оние што ги критикуваа реакциите на владата на коронавирусот. Прекумерните и понекогаш насилни мерки кон критичкиот говор значи опасна подготвеност да се кршат основните слободи во име на спротивставување на ковид-19. Обврската на владите да ја штитат јавноста од оваа смртоносна пандемија ја претворија карт бланш за ограничување на слободата. Никогаш цензурата не била пософистицирана и посистематска од онаа што се случува денес за да го спречи и контролира глобалниот наратив за неподготвеноста и неспособноста на државите да ја спречат епидемијата. Презентирајќи го својот последен извештај за слободата на изразување во време на пандемија пред Советот за човекови права, специјалниот известувач на ООН за слобода на изразување, Дејвид Кеј, изрази сериозна загриженост во врска со новите мерки со кои се ограничува и казнува слободниот проток на информации.
„Луѓето починаа затоа што владите лажеа, криеја информации, приведуваа новинари, криминализираа поединци зад маската на ширење лажни информации. Луѓето страдаат затоа што одредени влади повеќе сакаат да се заштитат од критики отколку да им дозволат на луѓето да споделуваат информации, да учат за епидемијата, да знаат што прават службениците или што не прават за да ги заштитат. Во изминатите месеци, голем број влади ја искористија пандемијата за да ја потиснат слободата на изразување кршејќи ги нивните обврски преземени со меѓународните документи за заштита на човековите права. Оваа изјава го потврди стравот на оние илјадници луѓе низ светот што излегоа на улица да ја бранат слободата од можноста преку дигитални сертификати да се воспостави диктатурата на државата над поединецот. Стравот од губење на слободата повторно го разбуди светот.
Што, секако, не може да се каже за Македонија.
Ние никогаш не сме биле светот, не знам зошто би биле сега. Зарем нешто вакво е можно во „слободна“ и демократска држава, каде што и корупцијата е прашање на лоша и погрешна перцепција? Не дај боже дека оваа власт цензурира поинакво мислење, а најмалку ја злоупотребува кризата со пандемијата да ја замолчи критичката мисла што ги оспорува нејзините наративи или, пак, да ги контролира медиумите дизајнирани да ги фалат и оправдуваат политиките на нејзиното справување со пандемијата и имунизација на населението. Или, пак, дека ќе ги гони лекарите и професорите на медицинскиот факултет што размислуваат поинаку во врска со пандемијата. Скраја да е. На ваква власт, која никогаш (можеби некогаш) не го излажала електоратот, треба да ѝ се верува. И кога умираат пациенти од ковид-19 и кога немаше, молеше и просјачеше за вакцини, кога задоцни со имунизацијата, па и утре кога ќе нѐ дискриминира по основа на вакцинацијата, зашто сето тоа го прави за наше добро. Зарем може да не те допрат зборовите на музиката на Лиде Лиде, новото лице на пандемијата, кога ги опева постигнувањата и самопожртвуваноста на нашиот министер за здравство во борбата со коронавирусот, кој е „вистинскиот лек од аптека“ за болеста. И после некој „злонамерно“ ќе каже дека имало цензура во државава? Секако дека нема, коронавирусот само ги нагласи ризиците од систем што ги става социјалната стабилност и легитимитетот на владејачката партија над јавниот интерес. Затоа носете си маски и молчете. Во спротивно власта е тука да ве замолчи.