Кај нас, во македонски контекст, нештата дополнително се комплицираат кога ќе се земе предвид етнокултурната поделба на општеството, којашто нужно се прелева и во партискиот систем, без разлика на понудениот изборен модел. Неопходноста од претставување на овие етнокултурни разлики произведува и поинакви правила за формирање на извршната власт во Македонија, кои делумно отстапуваат од досега утврдените (квантитативни) модели во политичката наука, но делумно и ги потврдуваат
Дали македонскиот изборен систем ја отсликува волјата на избирачите? Во една демократија, изборот на изборниот систем е едно од централните прашања на политичкиот систем. Изборниот модел определува кој ќе биде претставен во државното законодавно тело и, нормално, кој ќе раководи со заедницата.
Постојат крајно спротивставени гледишта во однос на самиот изборен систем. Некои теоретичари тврдат дека тој нема никакво влијание врз политичките текови, како и дека политичките движења и идеи сами си го наоѓаат патот до претставничките тела и до владата, независно од формалните изборни правила. Или, како што вели Виктор Иго, „ништо не е посилно од идејата чиешто време пристигнало“. Од друга страна, пак, постои и спротивставено гледиште дека изборниот систем е некоја форма политички инженеринг, којшто ги обликува политичкото поле и политичките движења, во зависност од пристапот што го нуди до законодавниот дом и до власта. Според ова гледиште, самите политички партии произлегуваат од изборниот систем, па коалицијата на интереси обединета во политичките партии зависи токму од природата на изборниот систем.
Врската помеѓу изборниот систем и резултирачкиот партиски систем е една од областите каде што политичката наука далеку напредна во последната половина од претходниот век. Најпозната хипотеза околу изборниот модел и неговото влијание врз партискиот систем е „законот на Диверже“. Според него, примената на еднокружниот мнозински изборен систем води кон создавање двопартиски систем. Следствено, пропорционалниот изборен модел треба да произведе повеќепартиски систем. Денес политичката наука утврди дека „законот на Диверже“, при определени општествени и политички услови, ги произведува оние резултати што Морис Диверже ги предвидел, но и дека не постои никакво механичко дејство помеѓу овој изборен модел и двопартискиот систем. Квантитативните методи го даваат отпечатокот на состојбата и овозможуваат да се согледаат некои трендови на натамошниот развој на партискиот систем, но анализата на меѓудејството помеѓу изборниот систем и партискиот систем мора да биде втемелена во анализата на самото општество, економскиот систем, општествената раслоеност, етнокултурната разноликост, институционалната традиција и политичката култура.
Во посткомунистичките земји, каква што е Македонија, прашањето на изборниот модел е дополнително сложено затоа што станува збор за држави каде што општествените, економските, културните и другите интереси сè уште се формираат и се обликуваат, па партиските системи се мошне флуидни и нестабилни. Кон тоа се надоврзува и честата промена на изборниот модел, но и на избраните тела, па мошне е сложено да се набљудува состојбата и да се извлекуваат цврсти заклучоци или закономерности кај овие толку специфични општества.
И покрај тоа што во моментов стабилноста на македонскиот партиски систем дејствува како траен белег на македонската политика, сепак, нужно е да се напомене дека македонскиот стожерен двопартизам е, исто така, производ на долг и бавен развој на општеството, а при неговото обликување своја улога имаше и изборот на изборниот модел. Се разбира, никогаш не постои конечност во политиката, па ни македонскиот стожерен двопартизам нема гаранција дека ќе трае вечно (стожерна партија е таа којашто успева да номинира и да избере премиер, а досега во Македонија единствено ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ успеале да го сторат тоа).
Кај нас, во македонски контекст, нештата дополнително се комплицираат кога ќе се земе предвид етнокултурната поделба на општеството, којашто нужно се прелева и во партискиот систем, без разлика на понудениот изборен модел. Неопходноста од претставување на овие етнокултурни разлики произведува и поинакви правила за формирање на извршната власт во Македонија, кои делумно отстапуваат од досега утврдените (квантитативни) модели во политичката наука, но делумно и ги потврдуваат.
Изборите, како централен настан во демократската политичка игра, може да се анализираат низ оптиката на сите општествени науки, а и самата политичка наука ја третира оваа тематика од повеќе дисциплини. Прашањата за интегритетот на изборниот процес, организацијата на изборите, рамноправноста на изборниот натпревар, медиумското претставување, изборните институции и нивните правила на одлучување се мошне значајни теми, кои бараат посебно внимание и кои мора да бидат предмет на продлабочена аналитичка и научна обработка. Меѓутоа, во следните неколку колумни нема воопшто да се занимавам со овие прашања. Суштината на мојата анализа ќе се темели исклучиво на анализа на изборниот модел, врз основа на добиените изборни резултати од последните неколку циклуси македонски избори, како и тоа што може да се заклучи од нивната обработка со досега познатите методи на квантитативната политичка наука.
Меѓутоа, пред да се отвори дебата за влијанието на изборниот модел врз партискиот систем, нужно е да се дефинира за што зборуваме. Прво прашање кога се определува еден изборен систем е тематиката околу определувањето на изборниот округ и неговото влијание на изборните резултати. Изборните окрузи варираат од изборни единици каде што се избира само еден пратеник, па до целата држава претворена во еден изборен округ кај пропорционалните избори каде што сите пратеници се избираат во само една изборна единица. Второ прашање е самиот изборен модел, а самиот пропорционален изборен модел има купишта подваријанти. Трето прашање, пак, е изборниот праг, како ефективниот, така и евентуалниот законски определен праг.
Во следните неколку колумни ќе се потрудам да ја објаснам механиката на постојниот изборен модел во Македонија, потоа ќе дискутирам околу алтернативните резултати од изборите, при задржување на постојните шест изборни единици, но со употреба на поинакви формули за пропорционално претставување.
Пропорционален модел на изборите, каде што изборните единици би биле втемелени на осумте географски региони, односно поранешните 35 општини, според старата територијална поделба, може да биде една од алтернативите при дискусијата за идните измени на изборниот модел, а може да се експериментира и со бипропорционалниот модел, најновиот „хит“ во изборното законодавство, каде што се задржува целосната пропорционалност на ниво на целата држава, урамнотежена регионално.
Се надевам дека со овие колумни ќе ја доближам до граѓаните дебатата што се води помеѓу политиколозите во Македонија за македонскиот изборен модел, односно како да се најде одговор на прашањето за претставувањето и пропорционалноста, односно дали постојниот модел овозможува прецизно отсликување на волјата на граѓаните, кои се можните импликации од промената на изборниот модел и каде треба да се движат идните реформи на македонскиот изборен модел за да се постигне посоодветна претставеност на изборната волја на граѓаните.