Пандемијата на ковид-19 стивнува и во нашата земја. Во однос на минатите месеци, деновиве Министерството за здравство информира за намалување на откриени нови случаи на новозаболени од овој смртоносен вирус. Повеќе градови се без ниеден активен случај на коронавирус. Сведен е на минимум и бројот на нови починати. Сепак, досега од коронавирусот вкупно се починати околу 5.500 лица. Во тој контекст, загрижува вкупниот морталитет, кој во минатата година изнесува 25.755 лица, најголем досега. Истата година беа регистрирани само 19.031 новородено дете, со што природниот пораст на населението е негативен за 6.724. Ваквата појава првпат беше забележана во 2019 година, но тогаш изнесуваше само за 61 лице. Во функција на јавниот интерес, од почетокот на овој месец значително се намалени рестриктивните мерки против коронавирусот. Во тек е и понатамошна вакцинација. Но за масовна имунизација на населението, тоа е недоволно.
Во фокусот е и спроведувањето на петтиот пакет економски мерки наменет за граѓаните и за компаниите, за стабилна и развојна македонска економија и за подобрување на ликвидноста на стопанството. Овој пакет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра. За да имаат влијание и ефект врз економијата во текот на целата година, кај повеќето мерки поддршката ќе се користи до крајот на 2021 година. Овој пат директната финансиска поддршка за компаниите треба да придонесе за задржување на работните места во секторите туризам, занаетчиство, угостителство и кај меѓународните транспортери.
За стабилна и развојна национална економија на компаниите што покажуваат проактивност со нови вработувања се воведува кредитна гарантна шема во вредност од 307,5 милиони денари, како и финансиска помош во висина од 615 милиони денари преку нов фонд за поддршка на извозни компании. Се планира и укинување или намалување на царинските стапки за околу сто суровини, во вкупен износ од 665 милиони денари. Меѓутоа, голем проблем е што Македонија и натаму е на дното во регионот во користење странски инвестиции. Во минатата година за ова беа остварени само 274 милиони евра, во 2018 година тие изнесувале 624, а во 2019 година 326 милиони евра. Не е целисходно за ова да се споредуваме со Србија, Хрватска и Албанија, но добар пример треба да ни биде за трипати помалата Црна Гора, која лани има двојно поголеми странски инвестиции одколку нашата земја.
Со петтиот пакет мерки е предвидено и бришење на долговите по основа на камати на сите граѓани кон јавните претпријатија, Управата за јавни приходи, како и на општините и на други институции од јавните дејности. Исто така се овозможува главнината што ја должат граѓаните повеќе од три месеци по основа на испорачани комунални и други јавни услуги, даноци и данок на имот да се репрограмира за плаќање во период од 12 месеци. Но сето тоа не се однесува на долгови кон ЕВН, БЕГ и други приватни претпријатија што даваат јавни услуги. Со овој закон се цени дека ќе бидат опфатени околу 150.000 граѓани од сите категории.
И покрај досегашни пакет мерки, сиромаштијата и натаму е загрижувачка. Живеачката е сѐ поскапа поради зголемувањето на цените на многу земјоделски и други производи. Од надлежните институции е потврдено дека трошоците за живот за една година се зголемени за 2,7, а цените на мало за 6 отсто. Комуналиите за една година поскапеле за 4,3, а здравствените услуги за 3,3 проценти. Цената на горивата е зголемена за 17,6, на маслото за 30,8 отсто. И на пазарите во Скопје, во поголемите градови и во туристичките места цените се зголемени. Килограм цреши, кајсии, па дури и спанаќ се продаваат по сто денари, а на лукот цената е 200 денари. Во такви услови, инфлацијата има раст од 3 проценти. И во овој случај најпогодени се оние што живеат во сиромаштија и се социјално загрозени.
За време на корона-кризата и кај сите семејства се зголемени давачките за подобра храна, за заштитни средства, за хигиена и дезинфекција, за нови лекови и за друга потрошувачка. Треба да се најдат можности, како што е во повеќе земји, на сите оздравени и болни лица да им се надоместат трошоците за лекување од коронавирусот, а на семејствата на починатите и погребните трошоци.
Аналитичарите со право очекуваат нов бран поскапувања по воведувањето повисока еколошка такса, која се планира да изнесува 3,5 денари на сите видови горива. По литар бензин, ова поскапување со ДДВ ќе биде 4,13 денари. Сметките за струја од 1 јули веќе се зголемени за 12,5 отсто. За да се ублажат последиците, Собранието го усвои Законот за намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти за електрична енергија за домаќинствата во траење од една година. Потоа ДДВ ќе се зголеми на 10 отсто, а во 2023 година повторно ќе биде 18 отсто. Во вакви услови, потребна е поддршка за проширување на бројот на ранливите потрошувачи на електрична енергија што ќе добиваат субвенции на сметките. Но и покрај сето тоа, бројките за сиромашни од над 500.000 лица не се намалува, туку се евидентирани околу 10.000 нови социјални случаи. Голем број од нив се под прагот на егзистенцијалниот минимум, поради што се разочарани и депримирани. Меѓу сиромашните и понатаму е голем бројот на корисници на минимална пензија. Уште повеќе што според Државниот завод за статистика пензиите од 1 јули ќе бидат усогласени повторно само со 1,2 отсто, како надомест за зголемени животните трошоци. Така, најмалите пензии се зголемуваат само со 118 денари, просечните со 185, а највисоките за 680 денари. Просечната пензија ќе биде 15.823 денари. Поради крајно неповолната состојба со износот на пензиите за голем број пензионери, трета година по ред јавно со факти укажувам на потребата за измена на законското решение усогласувањето на пензиите да се врши и со процентот на зголемувањето на платите.
Во таа насока е и иницијативата на Партијата на пензионерите, објавена преку Мрежата на активите на пензионерките на Македонија, во рамките на Собранието, како законодавен дом, со закон да се регулира соодносот на минималната и просечната пензија со минималната и просечната плата. Затоа се бара со измени во Законот за ПИО да се создадат норми пензиите повторно да се усогласуваат со порастот на платите и порастот на трошоците на живот, бидејќи практиката покажа дека токму таквиот модел е најправичен и овозможува долгорочно социјално прифатливо и одржливо решение за најголемиот број корисници на пензија. Покрај тоа, според мене, потребно е и линеарно зголемување на пензиите по 1.000 денари и да има поголема грижа за сите жители во Македонија, почнувајќи од невработените, социјално ранливите категории и вработените со минимални примања.
Како долгогодишен новинар, публицист и општественик, сметам дека треба да се усвои собраниска резолуција за македонскиот јазик, идентитет и историја. Не случајно и претседателот на државата Стево Пендаровски потенцира дека македонскиот идентитет и јазик не се, ниту пак би можеле да бидат предмет на какво било преговори. Нашиот идентитет и македонскиот јазик се резултат на културен и научен факт, на долгогодишниот историски и културен развој. Впрочем, процесот на развојот на нашиот идентитет и јазик по ништо не се разликува од развојот на јазиците и културите на соседните народи.
Сето ова укажува на потребата во ова време-невреме да се дејствува здружено по сите прашања за идентитетот, за пандемијата и здравствената заштита и за развој и раст на економијата. Овие црвени линии се од големо национално значење за соживотот и иднината на нашата мила Македонија.
Авторот е новинар, публицист, експерт за трета доба