Локалните власти се разработија токму сега, на два и пол месеци пред изборите, а цело време додека беше пандемијата на ковид-19 како да беа на „доброволен одмор“ или во „карантин“. Но и тука има еден, би рекле, парадокс и збунувачки показател. Во екот на пандемијата, кога локалните власти речиси ништо капитално не реализираа, во истиот тој период значително пораснала задолженоста на дел од општините. Е, сега, како е можно тоа? Сѐ да биде во мирување или на стендбај, а истовремено да се зголемат долговите? На што се потрошиле, тогаш, парите на граѓаните?! И како е можно некои општини со години да функционираат токму со блокирани сметки
Фала му на господ што се наближуваат изборите, па конечно дочекавме да ни ја „закрпат“ улицата. Речиси цела година баравме, апелиравме, ургиравме, лобиравме и буквално молевме да ни ја поправат улицата, откако поради интервенции во водоводната мрежа ни ја раскопаа, но сето тоа беше залудно. Не била во план за асфалтирање, бидејќи немало проект за неа, беа одговорите од локалната власт. И кога веќе се помиривме дека нема ништо од асфалтирањето на улицата и поведовме иницијатива ние самите да ја асфалтираме, деновиве конечно, на наше изненадување, ни ја „закрпија“ улицата. Да не наближеа изборите, не веруваме дека улицата ќе беше „закрпена“. Вака зборуваат жителите од населбата Битолско Водно, во близината на болницата „Плодност“, која важи за една од најрепрезентативните во Битола.
Вакви и слични приказни во градот под Пелистер има многу. Локалните власти во земјава во последно време личат на џубокс, кој на маалските средби исполнува многу барања и реализира голем број иницијативи. И навистина, во последно време не само во Битола туку и на многу други локации во земјата се гради, би рекле, ударнички. На голем број улици во градовите низ земјава се менуваат водоводната и одводната канализација, се поставуваат патеки со бекатон-плочки, се прават тротоари, се асфалтираат улици и сокачиња, се градат детски паркови, се уредуваат зелените површини… Иста или слична е сликата речиси во целата држава. Градоначалниците во најголемиот број општини во државата на два месеца до крајот на мандатот почнаа да ги реализираат (не)ветените проекти.
Иако таквата „активност“ на локалните власти во голема мера буди задоволства кај граѓаните, сепак не е мал бројот на оние што реагираат на ваквите на врат на нос активности. Реагира и добар дел од изведувачите, кои, како што велат, немаат доволно механизација ни луѓе да стигнат секаде да ги реализираат бараните активности. Крпењето дупки, поставувањето бекатон-плочки или смената на водоводните цевки по секое нивно пукање, како да станаа главна активност на локалните власти. За крупните инвестициски проекти понудени во нивните предизборни програми сега едноставно нема време. Најважно е да се поднашминка, да се поддотера одредено место, за да се придобијат симпатиите на граѓаните пред изборите. Тоа што особено ги иритира граѓаните е што во таа трка со времето за шминкање на градовите најчесто се заборава на претходно дадените ветувања и на реализацијата на веќе скапо платените проекти на претходната власт.
Конкретно во Битола актуелната локална власт не сака ни да слушне да ја почне изградба на подземната и катната гаража во центарот на градот, иако градот се задушува од сообраќајниот хаос. И по 15 години, Битола сѐ уште е без велосипедска патека, иако во последно време општината во неколку наврати распишува јавен повик за субвенционирање велосипеди. Нема ништо ни од гасификацијата и топлификацијата. На изградбата на затворениот базен, спортскиот центар, аквапаркот заборавија дури и тие што ги порачаа и скапо ги платија проектите. Да не зборуваме за хотелскиот комплекс кај Нижеполе, голф-терените, ски-центарот, обновата на „Копанки“… Но ова не е ништо ново ни за битолчани ни за жителите во другите градови. Кај нас најмногу се гради пред избори. Тогаш локалните власти сфаќаат дека им поминал мандатот и дека повторно треба да излезат пред граѓаните да го бараат нивниот глас.
Тоа што на два и пол месеци пред локалните избори особено ја збунува јавноста е што локалните власти се разработија токму сега, а цело време додека беше пандемијата на ковид-19 и кога поради полициските часови можеа мирно да работаат, без да им пречат на граѓаните, тие беа на „доброволен одмор“ или во „карантин“. Но и тука има еден, би рекле, парадокс и збунувачки показател. Иако некои анализи покажуваат дека во екот на пандемијата локалните власти речиси ништо не работеа, во истиот тој период значително пораснала задолженоста на општините. Е, сега, како е можно тоа? Сѐ да биде во мирување или на стендбај, а истовремено да се зголемат долговите? На што се потрошиле, тогаш, парите на граѓаните?!
(Не)сработеното на локалните власти за два и пол месеци ќе се најде на отчет кај граѓаните. Сега сите градоначалници што во изминатите четири години ја извршуваа градоначалничката функција се на „отчет“ и „тестирање“ кај партиските органи и тела. Од тоа што ѝ е достапно на јавноста, со ретки исклучоци, ако не сите, најголемиот број од нив бараат нов четиригодишен мандат.
На нов мандат се надеваат дури и оние градоначалници што во изминатите години, и покрај помошта од Владата, не успеаја да се одблокираат и сѐ уште работат со блокирани жиро-сметки. Да биде иронијата поголема, токму тие градоначалници што не успеаја да се одблокираат и по четири години и чии општини се блокирани речиси 20 и повеќе години, се чукаат в гради дека откако тие ја вршат градоначалничката функција, ја преродиле општината.
Како успеале да го направат тоа никој не знае, како што никој не знае како може општините да бидат со блокирани жиро-сметки со децении и за тоа време, наместо да размислуваат како да ги (ис)платат долговите, се расфрлаат со пари за разни непотребни работи и купување луксузни скапи автомобили и нов мебел, голем број партиски вработувања, спонзорирање најчесто партиски манифестации…
Со ваква поставеност на работите сосема нормално е што голем број градоначалници наместо да размислуваат за деблокирање на жиро-сметките на општините, најчесто и најмногу размислуваат како да го зголемат лимитот за трошење пари и како да ги потрошат парите што им се слеваат во буџетот на другата сметка, која не е блокирана, или, пак, да чекаат Владата повторно да го одврзе ќесето и да им ги (ис)плати долговите што со децении се таложат и кај кои каматите повеќекратно ја надминуваат главницата.
Доколку и општините функционираат како секој правен субјект во државата, без блокирани жиро-сметки, во тој случај прашање е колку градоначалници би се кандидирале или нафатиле да ја извршуваат таа функција. Оттаму се чини дека крајно е време е да се реши ваквиот начин на (не)функционирање на општините, бидејќи толерирањето на функционирањето на општините со блокирани жиро-сметки не само што ги тера за градоначалничката функција да се кандидираат и кадро и некадро туку во голема мера го загрозува и работењето на фирмите и компаниите што имаат побарувања од општините, а кои не можат да ги наплатат со децении.
Партиите, кои на крајот на краиштата ја прават селекцијата на своите кандидати за градоначалници, мора го имаат предвид тоа, бидејќи тие се најодговорни за изборот на кандидатите со кои ќе ја бараат довербата на граѓаните. А се чини крајно време е властите да размислат како да ги „натераат“ тие градоначалници да ги одблокираат општините, а против сите кои на овој или оној начин ги заглавиле општините да бидат преземени соодветни законски мерки. На одговорност треба да бидат повикани и сите оние што можеле, но не се обиделе да ги одблокираат општините, а за тоа време додека ја вршеле градоначалничката функција ненаменски и недомаќински трошеле народни пари.