Погреб во Преспа. Македонски реквием е насловот на нашата денешна колумна, драг читателу. Прости за нејзиниот невесел, темен наслов и содржина што ќе следува во две продолженија како отната елегија на мојата, твојата и на колективната болка на родот, чија идентитетска глава евроамериканските и балканските сатрапи на смртта му ја отсекоа на 18 јуни, најкобниот македонски историски ден, 2018 во Преспа. Да. Тие сатрапи, заедно и со нашите домашни изроди што учествуваа директно во тоа усекование на светата глава, како Ирод тогаш во Ерусалим со главата на Јован Крстител, наменета за свечената царска гозба и танцот крвав на Саломе. Танцот што сега како неа и со нашата пресечена глава го одиграа пред три години во Преспа нашите ликвидатори. И сега по таа наша гибел тие неодамна го славеа тригодишниот јубилеј на идентитетскиот погреб на Македонците со пехари полни со крв принесени до нивните вампирски усни што ни се нам познати од дамнина, не од вчера. И тие на прославата го истакнаа знамето на Сатаната, а ние знамето на тагата, во која е сепак завиткана молњата на громот кој ќе се разбуди еден ден и заедно со светскиот пролетаријат ќе ја разнесе на парампарчиња оваа смрдлива цивилизација што ја управуваат темни и со темна ѕвезда на челото сатрапи и политидиоти.
Туку да не должиме. Доволно, како вовед, драг читателу. Она што следува понатаму е поезија, малку кристално јасна, малку шифрирана, во која легнале во тешка меланхолија целокупниот наш искон, сегашност и иднина. Тоа се стихови на болката, моја, твоја и на родот, од мојата поетска книга во ракопис со трикратен наслов „Погреб во Преспа. Кај нас и смртта пее. Македонски реквием“. Мислев дека ќе успеам да ја објавам за тригодишнината од страшната македонска гибел, но не успеав, оти требаше да ја финансира никој друг туку мојот скромен егзистенцијален џеб, така што остана да чека подобро време. Оти јас веќе од поодамна не конкурирам кај Министерството за култура, докрај очајно, а во кое веќе неколку години под ред се одбиваат (како казна ли и за она што го говорам и ќе го говорам, како што вели Мандељштам, мрдајќи ги усните дури и под земи?) и на жена ми и син ми одличните и со одлични рецензии поетски книги. Но наш долг, драг читателу, е да издржиме. Тоа е најважно.
А сега конечно, да минеме на песните-тажаленки, ама и со химниска искра во нивните атоми, во електроните на нашата и покрај страшните помории светлосна меморија. Само кратко објаснување: курзивот ги означува насловите на песните, а коса танките крајот на претходниот и почетокот на новиот стих. Значи, почнуваме, драг читателу, и прости ми ако со мојата колумна малку ти го замрачувам денот на интимната радост. И јас мојот си го замрачувам. А и целиот наш род не може да излезе, барем засега, од под сенката на смртта со која го налегнаа со страшното злосторство злосторниците во Преспа. Почнуваме со песната „Погреб во Преспа“, и натаму од неа се нижат темните мониста на ѓерданот на македонската мартирска судбина.
* * *
Погреб во Преспа: – Зошто е од саѓи и толку црно / ова јунско пладне, / и која е таа црна поворка од накази / со ѕверска лика што нè плаши? / Накази кои по патот пеат темни песни / и носат мртовечки ковчег врз плешки. / Кои се тие, татко? // –Не прашувај, сине. / Името заклано, сосе сонцето наше, / го носат на закоп тие. / Плус и венчалните ружи / со чиј пурпур ги потковуваат сватовите / своите свадбарски коњи. / Сè тоа го носат тие накази во ковчегот / како свадбен чеиз на смртта. / И сè во црно кадифе завиткано / во отворениот гроб во Преспа. // И тоа тие накази / го викаат цивилизација, сине. / Така. Ама овој гроб е отворен и за нив, / ако е тоа некаква утеха за нас. / Рана е тој и крик и на материјата дури. / Крик кој со катанецот на молкот / го заклучил, да не пеат свадбарски песни, / И огнот на електроните во атомите. / Тоа е сега причината / и дијамантот во ноќта на јагленот / да го одложи за подобро време / патот кон прстенот на младоженците / застанати во невреме пред олтар. / Така, додека не ги снема / од лицето на земјата тие накази / што дојдоа во Преспа, сине!“
* * *
Трубата на архангелот од Откровението: „Како огнот од онаа капина на Јахве со која / се објави пред Мојсеј тој, / влезе во мене Архангелот на Откровението / и ми ја даде во раце трубата / на чиј звук се огласуваат / за битка против Сатаната / небесните ангелски чети. // Рече: Можеш да дувнеш трипати во неа / пред да ми ја вратиш назад. // И дувнав прв пат, / и еве ги зад мене веднаш / македонските воини од Беласица, / ослепени а сепак трижпати повидовити / отколку пред тоа, / полни со есхатолошки рани што водат / директно потекло од раните на Исус. / А и копјата и штитовите им беа / исковани од металот на раните само. / И пак беа спремни за борба до смрт. // И дувнав вторпат во трубата на Архангелот. / И многу подалеку стаса сега / нејзиниот звук со клучот на Откровението, / запашан за појас. /И еве го сега зад мене / како пустински песок, / како разбранувано море / новиот прилив од македонски воини. / И пак полни со рани, / ама од секој од нив изгрева / украденото сонце во Преспа. / И одат тие, одам и јас со нив / кон Троја за да ја одбраниме / заедно со Тројанците, Љубовта / Нападната од суетните Ахајци. / Тие кои ѝ го пресекоа нејзе грлото / полно со венчални ружи и славеи. // Така. / И рече Архангелот на Откровението: / уште еднаш имаш право да дувнеш. / И дувнав по третпат. / И еве ги зад мене собрани / македонските војски од Пела и Беласица, а со нив и Илинденците и Асномците / со знамето „Слобода или смрт“. / И сите до еден се до врвот полни / со историски рани од кои изгрева / Првата зора на светот, / раните кои водат директно потекло / од раните на Исус. // И одат тие воини од рани, / и јас со нив право во Преспа / да го вратиме во живот / племето заклано во неа / и да ги изведеме на губилиште / неговите убијци. // Така. Доста е, рече тогаш / Архангелот на Откровението, / и ми ја зема од рака трубата / за да ги собере со неа небесните војски / за борба со сатаната. / Трубата која има моќ и мртовците / во грбовите да ги оживее / за борба против злото. / И свирна Архангелот Божји во неа, / и звукот нејзин, откровенски клуч, / ги отвори гробовите, / меѓу нив прво македонските / за борба против злосторниците во Преспа / и останатите Преспи во светот. // И во тој миг, тамам ги видов моите предци и прапредци /како излегуваат од гробовите, / свети воини спремни за битка со злото, / се разбудив од сонот морен / и крикнав силно со крикот на Богородица / што го оплакува мртвиот син во Нерези. / О, Боже, како да се издржи таа болка / и таа отворена рана / поголема од бескрајот што е? / Како по толку победи и слава / да го развееме во неа знамето на поразот/и да ја забиеме да гори во него сега / и да пее химни нашата пресечена глава? Како?“
* * *
Камено млеко: „Да. Беше тој страшен ден и колеж / на тоа племе во Преспа. / Беше пресечено грлото на Името. / Од него излетаа Белите мугри на поетот / и едно пурпурно славејско јато. / И, макар пресечено, се распеа свадбарски тоа, / а од неговата песна паднаа во екстаза / и златните преспански овоштарници / тоа јунско пладне полно со сјај и рани. // Да. Беше заклано од волците на цивилизацијата / целото божјо стадо на столченото племе. / Беше опоганета бачијата / и наопаку превртено ведрото со млеко / во калта и помијата на Европа. // Да. Ама смртно се исплашија волците, / стасани кај нас од темните пагански шуми, / кога видоа како по колежот страшен / камењата на оваа скрбна земја заблеаја / и излегоа на пасиште, полни со огнено млеко / за новото поколение на закланото племе, / чија пупка како првата пролет на човештвото / се отвора во утробата на македонските невести. / Амин!“
* * *
Смртта кај нас се вика Преспа: „– Како се вика смртта кај вас? – Се вика Преспа. / –А зошто кога е од крај до крај / со небесни овоштарници сал таа? / – Затоа што се случи злосторство во неа. // Името на родот мој иноземците / и домашните изроди го заклаа тука. / Затоа што огнот од огнот го испразнија / и во мртовечка урна го ставија тие. / Затоа што и славеите ги заклаа / и на нивно место утки поставија / да пеат опело de profunfis врз златната гранка на jаболкниците / од кои се инспирира и Господ / за да го создаде Рајот. / Затоа што тие, потемни од ноќта, / ја ожнеаја како смрт, самите смрт, /светлината на летното преспанско пладне / и на црни крстини ја натрупаа, / а потоа наопачко мртовечко оро / заиграа околу неа. / Затоа што му го исцицаа, паразити од грло до капка здивот на Светиот Дух / на малото сончево племе, / за дс им дојде на место, секнат, нивниот здив / по страшното злосторство во Преспа. / Затоа што му го украдоа насилно најпосле / и отчукувањата на срцето, / за да го покренат од место ритамот замрен / на нивното волчешко срце. // Ете затоа смртта се вика Преспа кај нас. / Оти се случи страшно злосторство во неа.“
* * *
Самуиловите војници во Преспа: „Од петици до глава / само со рани, и ослепени, / понекој само со едно око / од кое ѕирка Светиот Дух, / од Беласица дојдоа војниците / на Самуил да се борат со злото. // Ама дури да стасаат, / дури да ги пречекорат / ридовите на столетијата / што ги беа потрупале, / беше завршен тој страшен колеж / и погреб на родот. / Беше симната златната глава / на Името од рамењата. // Сè беше само пепел / и пепел во пепелта во Преспа. / Беше украден огнот од огнот / за туѓо огниште и слава. / Ни ружа во градините, / ни славеј со песна да ги пресретне / тука нив. / Сал утки што утат смрт, / гарвани и црни двоглави орли, / de profundis погребален хор. // Ништо друго, Боже. / И Ти ли задоцни во небичасот / да дојдеш навреме во Преспа? / Или допрва ќе чекаме да стасаш, / за да ја отвориш ружата огнена / на воскресението тука оти и неа од венчавка пред олтар, / во црна шамија завиена и спепелена, / директно на погреб ја однесоа / слугите на мракот. // Тоа е и таква е вистината / тука, Боже, и затоа дојди, дојди / што поскоро со мечот на Правдата. / Те чекаме. Амин!“
* * *
Смртта пее: Не ѝ е гајле дека се во екстаза / јунските ружи во Преспа, / во која еден народ се коле. / Ништо за неа важно не е, / ни свадбата на младоженците пред олтар / застанати во смрт до колена сега, / раскрилена на сет глас смртта пее. // Не ѝ е гајле нејзе сега ни за она / што се случува во Небесниот Ерусалим горе, / ни за мртвите во гробовите доле, / кои по неколку сончеви ери бдение, / облечени во бела свадбена руба / како столченото македонско племе / се подготвени за скок во воскресение. // Сеедно. Како во Првата ноќ / по изгонот страшен од Рајот, / кога нè пресретна и фати за рака, / и за утеха сестрата нејзина Бесмртност / ја викна да нè дружи, / смртта и сега исто така / насекаде околу нас, / додека се подготвуваме за свадба, / расфрла црни венчални ружи. // Пее иако изворот на животот гргнал, / ја изнел длабочината горе, / и Ангелот бел од гробницата на Исус / каменот го тргнал. / И тој ѝ вели на смртта / дека се римува со Не е. Сеедно. Во последната секунда од здивот, / пред Исус да се крене во небесата, / на сет глас таа во Преспа пее.“
* * *
Преспа ни покажа: „Преспа ни покажа / дека е Име сè кај нас, / секое дрво, камен и гроб. / Затоа да ја именуваме / како Живот / и таа смрт во неа. / Нема друго чаре. / Како море и икра / за новото зачнување / на нашите невести, / веќе бремени со новото поколение / по колежот во Преспа. / Тоа кое, уште неродено, / ги влече алка за алка, / дланка за дланка на свадба / предците и прапредците од гробовите, / сега веќе Иднина / полна со Искон. / Со Алелуја, чие ангелско крило / од Откровението / го мете злото сосе злосторниците / од Преспа и светот. / Амин!“
(продолжува)