Преспанскиот договор (ПД), склучен меѓу Атина и Скопје во 2018 година, иако замислен како конечно решение на „прашањето за името“, всушност означи целосно изумирање, заминување на македонскиот идентитет и раѓање на нова нација. Имено, и покрај уверувањето од нашите властодршци, нивните поддржувачи и гласноговорници и надворешните медијатори дека прашањата на националноста, културата и јазикот не се предмет на договорот, сепак, токму овие прашања станаа централни и неизвесни, така што, според сите анализи, ПД му зададе конечен удар на македонскиот идентитет не разграничувајќи ги термините „државјанство“ и „националност“.
Преспанскиот договор (ПД), склучен меѓу Атина и Скопје во 2018 година, иако замислен како конечно решение на „прашањето за името“, всушност означи целосно изумирање, заминување на македонскиот идентитет и раѓање на нова нација. Имено, и покрај уверувањето од нашите властодршци, нивните поддржувачи и гласноговорници и надворешните медијатори дека прашањата на националноста, културата и јазикот не се предмет на договорот, сепак, токму овие прашања станаа централни и неизвесни, така што, според сите анализи, ПД му зададе конечен удар на македонскиот идентитет не разграничувајќи ги термините „државјанство“ и „националност“. На англиски јазик, членот 3б од ПД гласи: „The nationality of the Second Party shall be Macedonian/citizen of the Republic of North Macedonia, as it will be registered in all travel documents“, додека неговиот превод на македонски јазик гласи: „Државјанството на Втората страна ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи“. Категоријата „државјанство“ се изведува од терминот граѓанин, на англиски јазик: citizenship и citizen. Така, во англиската верзија, членот 3б јасно разликува две категории: „националност“ и „државјанство“ (или граѓанин, жител). Уште повеќе, во англиската верзија во членот кај националност е наведен зборот „македонска“, а кај државјанство синтагмата „граѓанин на Република Северна Македонија“. Додека, пак, македонскиот превод нотира само една категорија, односно во него е испуштена категоријата националност, а зачувана е само категоријата државјанство (граѓанин).
Дали е ова случајно? Одговорот ќе го најдеме во трудот од професорката Билјана Ванковска со наслов „Преспанскиот договор, етницитетот и националноста“ (УДК: 341.24(497.7:495) објавен во 2019 година. Во трудот, авторката укажува на грчкото гледиште на ПД, објавено на интернет-страницата на грчкото министерство за надворешни работи (2019): „Договорот го дефинира само државјанството на граѓаните на соседната држава, што претставува правна врска меѓу граѓаните и државата. Освен тоа, БЈРМ и формално ѝ потврди на Грција, преку Меморандумот за разбирање од 16 јануари 2019 година, кој е правно обврзувачки за БЈРМ, дека употребата на терминот ’националност‘ во англиската верзија на ПД се однесува само на ’државјанството‘.
Одговорот на прашањето за тоа дали Грција со ПД го признала постоењето на македонска нација или македонски јазик гласи: Договорот не признава ‘македонски народ’ или ‘македонска нација’.“ Со други зборови, според грчкото толкување, базирано на обврзувачки двостран договорен акт, што, за жал, значи треба да им се верува, ПД не признава ништо македонско, а за нешто што дури заемно (покрај од грчката страна, и од македонската страна) не е признаено, не ни дава право и можност да се избориме, да го зачуваме сопствениот белег.
Уште повеќе, за грчките интелектуалци и поддржувачи на ПД, договорот значи креирање северномакедонска нација (nation building). Така на пример, професорот по компаративна политика Армаколас, вели: „Посебна точка е што северномакедонскиот национален наратив сега се обликува во разговор со Грција.
“ Потоа, продолжува: „Не знам дали Грците разбираат колку ова е одлично. Замислете се појавува друг сосед и одлучува со нас како ние ги перципираме нашата историја и идентитет. Наместо да ги гледаме компетитивно, треба да признаеме дека тие, исто така, направија голем чекор со овој договор и да им помогнеме“ (преземено од https://www.aljazeera.com/features/2019/1/31/name-row-greece-north-macedonia-have-work-cut-out-for-them). Во контекст на претходно наведеното, јас би рекол не знам дали Македонците, ако може така да се наречат по ПД, разбираат колку ова е жалосно и трагично!
Дополнително ако се земе предвид фактот дека, денес, многу често, иако без правна основа, името на нацијата произлегува од името на државата, поради што полека, но сигурно ќе нѐ именуваат „северномакедонци“ (професорот Игор Јанев веќе укажуваше за ова во „Нова Македонија“). Со други зборови, во тек е инженеринг или вештачко конструирање на нова северномакедонска нација, која како вештачка конструкција, творба без корен, ќе се распадне, многу брзо. Оттаму ние сѐ почесто, од ЕУ-институциите и од другите наши сојузници, добиваме документи во кои се зборува за северномакедонски јазик и/или за неговото бугарско потекло. Но, за жал, секојдневно станува сѐ појасно, дека сите тие обиди се направени со знаење на сегашните властодршци, па затоа „Не тепајте го толку жолчно самарот“.
Ова е само уште еден доказ дека македонските властодршци беа и сѐ уште се подготвени на сѐ, само за да останат на власт, оправдувајќи ги сите неморални, нелегални и штетни постапки за националните интереси како неизбежни активности и предуслови за отпочнување пристапни преговори со ЕУ. Затоа, со право, некои политички аналитичари ќе извикаат „Прекин на пристапувањето во ЕУ, веднаш“. Да биде иронијата уште поголема, во ЕУ признаваат национално државјанство.
Ако не сте знаеле, во членот 20 од документот „Консолидирана верзија на Договорот за функционирање на Европската Унија“, („Службен весник на Европската Унија“, 26.10.2012 година), се утврдува државјанството на Унијата. Членот 20 гласи: „Државјанство на Унијата со ова е утврдено. Секоја личност што има националност на држава членка ќе биде државјанин на Унијата. Државјанството на Унијата ќе биде дополнување на и не го заменува националното државјанство.“ Еве го членот и на англиски јазик за споредба: „Citizenship of the Union is hereby established. Every person holding the nationality of a Member State shall be a citizen of the Union. Citizenship of the Union shall be additional to and not replace national citizenship.“
Тука, би сакал на читателите да им обрнам внимание да термините „citizenship – државјанство“, „citizen – државјанин“ и „nationality – националност“. Членот прави разлика меѓу двата термина државјанство и националност и, уште повеќе, зборува и за „национално државјанство“. Поради тоа, дури и да влеземе во ЕУ, а тоа сигурно нема да се случи во блиска иднина, да бидам конкретен мислам никогаш – верувајте ми, ние, по ПД ќе влеземе во ЕУ без националност, само како граѓани. Така е оти „откога е светот и векот и ние, најголемите битанги, лажговци ја преземаат власта“.
Повеќето од властодршците во нашава земја се токму какви што ги опишав во некои мои колумни. Некои од нив, за што ме потсети професорката Гордана Богоева, како да излегле и од страниците на есејот „Пофалба на Глупоста“ на Еразмо Ротердамски напишан во 1509 година. Есејот е исполнет со класични алузии типични за ренесансата. Така, Лудоста парадира како божица, заедно со Незнаењето, Самољубието, Ласкањето, Заборавот, Мрзливоста, Задоволството, Неумереноста.
Лудоста бесконечно се фали себеси, тврдејќи дека животот ќе биде тап и невкусен без неа, додека Глупоста изјавува „нема да најдете ништо весело или среќно што не се должи на мене“. Ова, во комбинација со ароганцијата, безобѕирноста, непочитувањето на волјата на народот и отсуството на национално чувство кај македонскиот дел од властодршците во голема мера е причина за апатијата што постои меѓу граѓаните, вклучувајќи ги тука и оние што се дел од академската заедница.
Што да правиме? Оставам на правниците, политиколозите и политичарите да најдат решенија. Ги има. Јас ги знам, а голем дел и од нашите истакнати експерти. Прашајте ако не знаете. Не е срамота, срамота е ова што досега го направивте. Па потоа, за другите, напишете нешто, макар и со мали букви, инаку тоа не личи на вас. НАПИШЕТЕ, СЕГА, ДЕНЕС, ЗА ДА НЕ БИДЕ ДОЦНА УТРЕ! Оти, ниту еден правен договор не смее да ограничува или да брише културни и други традиции, вклучувајќи и митови. Затоа, мојата и твојата и нашата мисија, прво како дел од академската заедница, а потоа и како обични граѓани на Македонија, е да вршиме притисок врз политичарите со аргументирана научноистражувачка основа, но и да инсистираме на културната и академската слобода во насока на промоција на сето македонско. Нам ПД не ни може ништо, ние треба, мора и ќе продолжиме да си зборуваме/пишуваме за Македонија и македонското. Нека нѐ тужат ако можат. Јас сум Македонец и зборувам македонски јазик што постои повеќе од 1.000 години. А ти?