Долги години мултилатерализмот изграден на заедничка сеопфатна визија го претставуваше најдолгиот период на мир и стабилност во Европа. Токму поради тоа Европската Унија треба да послужи како модел за реформи во Обединетите нации
Минатиот септември, по повод 75-годишнината од формирањето на Обединетите нации (ООН), Генералното собрание усвои значајна декларација, со која се потврдува заложбата за „мобилизирање ресурси“ и „покажување невидена политичка волја и лидерство“, за да се обезбеди „иднината што ја посакуваме“. Декларацијата ООН75 беше инспиративна, но дали таа ќе доведе до значајни промени?
Историјата сугерира дека е можно. Во секој случај, минатите годишнини од основањето на ООН донесоа значителни структурни реформи. На одбележувањето на 60-годишнината, светските лидери формираа Комисија за градење мир, за да им помагаат на земјите во транзиција од војна во мир, ја надградија Комисијата за човекови права во посилен Совет за човекови права и ја усвоија доктрината „Одговорност за заштита“, за да помогне во заштитата на цивилното население во зоните на конфликти. Подобрувањето на перспективите на декларацијата ООН75, всушност, ја одразува волјата на граѓанското општество. Пред Генералното собрание минатата година, ООН спроведе глобално истражување за да открие за што се грижат обичните луѓе. Од над 1,3 милион испитаници, 87 отсто рекле дека меѓународната соработка е од клучно значење за справување со денешните предизвици. ООН, исто така, поддржа повеќе од 3.000 дијалози во 120 земји за иницијативата „иднината што ја сакаме, ООН што ни е потребна“.
Резултатите од одржаните дијалози помогнаа во обликувањето на декларацијата. Во исто време, националните влади работеа на заживување на мултилатералната соработка. На пример, во април 2019 година, германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, и францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, ја формираа Алијансата за мултилатерализам, чија цел е унапредување на глобалната соработка во време на обновен национализам, која сега има поддршка од повеќе од 50 земји. Слично на тоа, изминатиот февруари, лидерите на Г7, вклучувајќи го и американскиот претседател Џо Бајден, соопштија дека ќе работат заедно за „2021 година да биде пресвртница за мултилатерализмот“. Главни приоритети беа соработката за обнова по пандемијата и „подобро градење на иднината“.
Земјите, исто така, изразија поддршка за декларацијата ООН75. Два месеца по едногласното усвојување, десет шефа на држави и влади, свикани од Шпанија и Шведска, објавија заедничко соопштение, во кое се нагласува нивната посветеност кон декларацијата и амбицијата што ја вклучува и повикува на реформи на трите главни органи на ООН за создавање „поагилна, поефективна и поодговорна организација“ што може да „даде подобри“ резултати.
Сето ова е добро за иднината на мултилатерализмот. Но не е лесно теоријата да се преточи во практика, особено кога се работи со толку многу актери со конкурентни визии и интереси. Со моќни националистички и популистички сили во многу делови на светот, предизвикот што претстои е сè пострашен. За да се соочиме со него, треба да се огледаме на Европа. Европската Унија (ЕУ) е сигурен предводник во мултилатерализмот. Во февруари, Европската комисија и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, издадоа заедничка комуникација за зајакнување на придонесот на ЕУ во мултилатерализмот заснован на правила. Исто така, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, им се придружија на генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, и сенегалскиот претседател Меки Сал во повикот за поинклузивен мултилатерализам.
Лидерството на Европа во оваа област има смисла. Иако ЕУ честопати се оценува како бавна, стабилна и нефлексибилна, таа се издвојува по својот успех во создавање ефективно наднационално управување и здружување на ресурсите за да одговори на заедничките предизвици. Европејците особено ја поддржуваат меѓународната соработка. Во истражувањето на ООН, повеќе од 90 отсто од Европејците ја опишаа меѓународната соработка како „многу важна“ или „од суштинско значење“.
За да се намали притисокот врз Советот за безбедност на ООН и глобалниот хуманитарен систем, светските лидери мора да преземат мерки за решавање на основните причини за конфликтите. Ова значи да се остварат основните социјални потреби, да се подобри застапеноста во политиката и да се зајакнат националните и регионалните управни институции. Покрај тоа, мора да се справиме со „кризата на експертиза“, вклучувајќи го и зголемениот скептицизам во науката што ги поткопува програмите за вакцинирање против ковид-19 и напорите за спречување на климатските промени. Ова може да се постигне преку меѓународни и национални теренски кампањи што поттикнуваат доверба и се борат против дезинформациите.
Трет императив е промена на структурата и пристапот на глобалните и регионалните финансиски институции, за да се надминат празнините во дигиталното учество, да се зајакне образованието и да се постигне напредок кон родовата еднаквост. Еднакво критични се и реформите во законските и нормативните рамки за да се исполнат предизвиците на денешниот свет. Мултилатералните решенија може тешко се подготвуваат, договараат и спроведуваат. Ова може да ги направи да изгледаат неефикасни и неекономични, а актерите претпоставуваат дека е подобро сами да реагираат. Како што многупати досега докажа Европа, решенијата од мултилатералните процеси имаат тенденција да бидат поинклузивни, поефективни и поиздржливи. Европа го должи најдолгиот период на мир и стабилност токму на тие процеси.
Поради тоа, од ЕУ може да се научат вредни лекции за обновување на ООН. Инклузивна, флексибилна и моќна ООН, која ќе се потпре на искуството на ЕУ може да формираа силна основа за меѓународен поредок заснован на правила што ги унапредува глобалниот мир и стабилност, а истовремено ќе го олеснат преземањето чекори во заедничките предизвици. Таквата институција не може да биде подостојна за нашата постојана посветеност и грижа.
(Авторката Брека е член на управниот одбор на добротворната организација „Роберт Бош Штифтунг“, а Финли е претседател и технички директор во центарот „Стимсон“)