Пописот на населението се одложи, и?

Веднаш да напоменам дека, како прво, се поставуваат дилемата и прашањето дали тој ќе се спроведе и во новиот термин, зашто невообичено е таква обемна, сложена, масовна и најголема статистичка операција да се спроведува во година и во речиси ист период со избори

Долгоочекуваниот попис на населението, домаќинствата и становите што, во согласност со донесениот закон за него, требаше да се спроведе од 1 до 21 април 2021 година, со направените измени и дополнувања, ќе се спроведе од 5 до 30 септември 2021 година. Иако се направи голем напор во огромните подготовки во еден краток временски период, што е невообичаено во светот, тој се одложи, односно се помести неговиот рок за спроведување. За потребите за негово спроведување, имајќи предвид од какво значење се неговите податоци, имаше голема подршка од целата државна власт, институциите во системот, политичките партии, експертската и стручната јавност, научната фела и целото граѓанство. За жал, заради оправдани причини, зафатени со пандемијата, односно со ковид-19, мораше да се поместат неговите термини.
Веднаш да напоменам дека, како прво, се поставуваат дилемата и прашањето дали тој ќе се спроведе и во новиот термин.
Невообичено е таква обемна, сложена, масовна и најголема статистичка операција да се спроведува во година и во речиси ист период со избори, а во наредниот месец, односно во октомври 2021 година треба да се спроведат локалните избори.

Но, независно и од тоа, треба да се има предвид дека во однос на законот имаше доста дискусии, забелешки, амандмани, собирање потписи за бојкот и предлог за нов закон, што значи дека и се немаше консензус при донесувањето на законот.
Независно од сето тоа, сега веќе одмина еден месец од измените и дополнувањата во законот и се поставува прашањето што е направено, што е преземено, што е дискутирано или се размислува како да се надминат сите наведени отворени прашања. Немојте само повторно како и досега, набрзина, без јавност, транспарентност, консултации, трибини, мислења, предлози, размислувања и објаснувања за некои наведени дилеми.
Во оваа пригода и во ваква состојба сакам само да посочам, укажам, препорачам и прашам за некои состојби што бараат длабинско, стручно, професионално и искуствено добро објаснување на повеќе активности што произлегуваат од препораките за попис, Законот за попис и од Методологијата за попис.
Како основно е да се усогласат одредени термини, дефиниции, критични моменти, како и други појави што би дале точно дефинирани состојби. Како примери може да се наведат активностите на надлежните министерства во однос на горенаведеното што се однесува за земјата, за дијаспората, за вкупното население, резидентното и нерезидентното население итн.

Да се даде објаснување за јавноста, не за потрошените финансиски средства за подготовките, наградите, реонските пописни комисии, реонските инструктори, реонските попишувачи, туку дека се вели дека со измените и дополнувањата што се направени во Законот, донесените акти не важат туку дека престануваат со работа. И ако се знае и се знаеше дека неколкупати беа повторувани конкурси за учесници во пописот, треба да се даде добро објаснување што со истите тие натаму. Секако дека за време од пет месеци се можни секакви појави на состојбите. Во таа насока упатувам на можностите кај одредени состојби да се даде дообјаснување за јавноста, граѓаните и заинтересираните.
Само со добра комуникација, само со консултации, само со средби, договори и разговори може да се добијат квалитет, доверба, кредибилитет, веродостојност кај населението за пописот и за резултатите од него.
На крајот од овие дадени размислувања и укажувања ,сакам само да дадам придонес за добивање консензус за спроведување и за доверба во пописот и во неговата успешност.

Авторот е демограф и директор на Државниот завод за статистика