Во моменти кога светот живее со пандемија, сѐ повеќебројни се предупредувањата дека во моментов на глобално ниво се случува пад на дигиталната демократија. Во истиот период, Македонија мака мачи со фундаменталните и основи правила на практикување на демократијата генерално, но пред сѐ и внатре во самите политички партии
Година и половина од избувнувањето на глобалната пандемија на ковид-19, светот сѐ посилно ги чувствува последиците од вирусот во сите сфери на секојдневното живеење. Се чини дека поради пандемијата на удар се најде и демократијата во државите, каде што пораснаа критиките за кршење на основните човекови права и слободи.
Имено, има периоди во историјата на човештвото кога многу се говори за демократија или почитување на ставот на мнозинството. И обично тоа се периоди кога во практика најмалку ја има, бидејќи потребата да се зборува за нешто вообичаено е поттикната од некаков проблем со тоа нешто.
Токму во тој контекст загрижувачки се информациите што неодамна ги објави п „Проџект синдикејт“, кој истакна дека во последната година, за време на светската здравствено- економска криза предизвикана од ковид-19, која во исто време наметна сѐ да се одвива преку интернет, намалена е границата за прифатливиот дискурс, дури и во либералните демократии.
Така, според истражувањето, лани просечната глобална оцена за демократија што во пандемијата се одвивала дигитално е во опаѓање, и тоа најмногу од 2006 година, кога првпат било започнато ваквото мерење.
Заклучоците од истражувањето се темелат на стручни процени, со кои се мери индексот на спроведената демократија во земјите врз основа на различни индикатори, како на кој начин се спроведува изборниот процес, колкав е плурализмот во земјите, каква е функционалноста на владата и дали таа има политичкото учество во јавниот дискурс и до кое ниво се политичката култура и граѓанските слободи во светот.
Одредени влијателни светски експерти и авторитети одат дури дотаму што се запрашуваат дали демократијата ќе ја преживее дигиталната ера.
Објаснувањата се дека во еден ваков распоред на случувањата во политиката, каде што животот на целата држава се темели на интернет и на дигиталните алатки, а со тоа и севкупните државни процеси, несакано се бришат основните постулати на спроведувањето на демократијата.
Па, така, во тој контекст, за обележување е дека и нашата држава, како и остатокот од светот, ги минува истите болни процеси, во кои пандемијата ги нагризува основните демократски слободи на дејствување. Но во Македонија демократските процеси не се нагризени и загрозени само од дигиталната ера и новите услови што ги наметна пандемијата. Кај нас проблем се и фундаменталните и основи правила на демократијата, внатре во самите политички субјекти и политички партии. Тие како сѐ уште да не ја имаат научено лекцијата за сопствена внатрешна демократизација.
До денес во земјава во суштина сѐ е обратно од развиениот свет, вклучувајќи ги тука и логиката на дигитализација и начинот на кој функционираат партиите, кои се главен двигател на овие процеси сите години во плурализмот од независноста досега.
Имено, нивото на внатрепартиската демократија во политичките партии на македонската политичка сцена е огледало до каде напреднала демократијата, генерално, во државата.
За жал, без оглед на новите статути и најавите на поголемите политички партии во земјава дека се залагаат за почитување на демократскиот принцип во постапката за селекција на партиските кадри, повеќе од очигледно е дека клучниот збор го има партиската врхушка. Тоа, секако, не е одраз на демократија, туку на султанизам во партиите.
Односно, партиите како главни двигатели на демократијата наместо да функционираат како структури каде што ќе се нудат мноштво различни и конструктивни предлози во интерес на државата и граѓаните, тие дејствуваат како т.н. „султан-партии“, каде што демократските процеси се практикуваат преку благословот на лидерот на партијата и на плебисцитарно изразување поддршка само на еден кандидат.
Доказ за оваа констатација се практиките на нашите најмногубројни политички партии, каде што, при селекција, кадрите се избираат под директива на водството на партијата, а не преку системот на отворени листи во кои граѓаните сами ги избираат идните преставници во локалната и централната власт. На идентичен начин се одбира и внатре во самите партии. И тоа е случај кај сите политички партии во државата, без исклучок и без разлика дали се од власта или од опозицијата. Секаде е истата болка на отсуство и немање вистинска внатрепартиска дебата, немање конкурентност на идеи и предлози.
Секаде евентуалниот противкандидат на лидерот, или претендент на некоја од високите функции повеќе има епизодна улога на глумење конкуренција отколку на реални внатрепартиски иницијативи, спротивно од волјата на лидерот и врхушката околу него.
Ако на овие состојби се надоврзе и фактот дека неделава пропадна и најновиот обид за промена на Изборниот законик во насока на менување на моделот од шест изборни единици во една, ќе се заклучи дека со години се говори за демократизацијата само на хартија, а во практика таа изостанува од македонскиот политички амбиент.
Ваквата поставеност на состојбите во партиите е на штета и на партиите, но и на граѓаните и државата. Ако навистина сакаме да ги подобриме овие практики, нашите партии најпрво треба сами да започнат со демократизацијата во својот двор. Тие треба да иницираат прогресивни процеси со кои во наредниот период барем ќе се обидеме да се доближиме до нивото на кое функционираат демократиите во Европската Унија.