Американското дијалектичко здружение од 1990 година, на дебата во Балтимор, се обидува да постигне консензус за тоа кој збор ја обележил годината. Меѓу нивните членови е и лингвистот што за „непристојниот“ збор што означува сексуален однос (на англиски почнува со буквата „ф“) напиша цела книга. Друг член, пак, напиша дело што се занимава со кратенката ОК, со тезата дека таа е „најголемиот американски изум“. Ваквите избори на зборови на годината или деценијата го потврдуваат на поинаков начин она што отсекогаш се знаело – дека јазикот е жива материја и дека ефектот на неговите официјални чувари и лингвистички пуристи во неговата еволуција е занемарлив
При пресметката на вокабуларот на Вилијам Шекспир се покажало дека тој бил вонсериски јазичен гениј, со речник од 70 илјади збора, што е квантум многу поголем од 50 илјади лексички единици што активно и пасивно (според контекстот) ги разбира екстремно високообразован човек. За Пушкин, пак, Русите пресметале дека во својот опус употребил 21.197 збора. Според некои статистики, пак, великанот Блаже Конески, чиј вокабулар се смета за еден од најбогатите, во својата поезија користел 3.278 збора, а во прозата 5.237 лексички единици, или вкупно 6.904 збора…
Овие примери имаат цел да укажат на тоа дека квантитетот на употребени зборови прави еден јазик да биде сметан за богат, во случајов еден книжевен јазик. Истото тоа важи и за јазикот што е во секојдневна употреба. Науката одамна го има апсолвирано заклучокот дека никој не може со сигурност да знае колкав број зборови користат луѓето што меѓу себе се разбираат на некој јазик. Некои светски лингвисти тоа го дефинираат на следниот начин: „Секој јазик има точно толку зборови колку што во одреден историски контекст им се потребни на неговите корисници“.
Оттука, лексикографите, базирајќи се на достапните податоци, оперираат со лексиконски квантуми од максимални 400.000 номинални единици набележани во одреден речник. Тоа се речници од најголем обем. Таков е рекордерот, познатиот „Миријам-Вебстер“, англиски толковен речник со околу 450.000 збора. Има речници и лексикони со по 200-300 илјади збора. Тоа се речници од среден обем и таков е Оксфордскиот речник, кој нема повеќе од 300.000 збора.
Стандардна бројка е од 60 до 200 илјади определници, колку што имаат најголемиот број речници. Во нашата толку долгоочекувана електронска верзија на Толковниот речник на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, пак, има или барем имаше 100.000 збора, пред да биде осакатен.
Во ниеден од овие речници, без оглед на нивниот обработен обем, не се изоставени зборови што би можеле да се окарактеризираат како „неподобни“, „вулгарни“, „бизарни“, „навредливи“, „грди“ или неубави на овој или оној начин. Затоа што ваквите лексикографски трудови се сметаат за толку посериозни колку што опфаќаат поголем квантум на зборови. Оттука, наместо да се скратува, електронската верзија на Толковниот речник треба да има можност за ажурирање, односно секојдневно збогатување со нови зборови, или со некои подзаборавени. Настрана политички неподобните зборови што беа исфрлени, можеби не ни се допаѓа на сите, ама факт е дека и зборовите како „твитање“ (на македонски – црцорење) или „гуглање“ (со значење – пребарување на интернет) веќе се одомаќени во секојдневната комуникација. Тие одамна се употребуваат, не само во англиското јазично подрачје, иако јазичните пуристи и ова ќе го прогласат за ерес. Дали подобро се разбираме ако кажеме „ќе те пребарам на интернет“ или „ќе те изгуглам“? Одговорот зависи од тоа кого ќе го прашате. Помладата генерација „гугла“, додека постарата и понатаму „пребарува“.
Едно е сигурно, јазикот не може херметички да се затвори и да се изолира од духот на времето, тој постојано е нов, како што се нови околностите што непосредно влијаат врз него. Не можете од македонскиот јазик да ги исфрлате ни зборовите што стигнале како наследени од историскиот процес, ние имаме голем број турцизми, србизми, грчки зборови, огромен број латински зборови… Вие можете да ги избегнувате, барајќи македонски еквиваленти, но не можете да ги избришете како да не постојат. Затоа што јазикот е најверодостојниот хроничар што ги бележи сите културни, пријатни но и непријатни работи што се случуваат во светот.
Американското дијалектичко здружение, интересна институција што е основана уште во 1889 година, уште одамна поведе иницијатива за избор на збор на годината. Од 1990 година, на дебата во Балтимор, тие се обидуваат да постигнат консензус за тоа кој збор ја обележил годината. Оттогаш тоа го прават во првата половина на секој јануари. Правилото е дека новиот збор не мора задолжително да биде нов, но мора да биде значаен за изминатите 365 дена, според зачестеноста на употребата, важноста и пораката што ја носи. Тој збор треба да биде некој вид „временска капсула“, за на најсоодветен начин да изрази „кои сме и каде сме биле“ во поминатата година. Слични избори прават и други здруженија, но ова има најголем авторитет. Меѓу нивните членови се наоѓа лингвистот што за „непристојниот“ и во сите јазици често спомнуван збор што означува сексуален однос, а во англискиот јазик почнува со буквата „ф“, напиша цела книга. Друг член на здружението, пак, напиша дело што се занимава со кратенката ОК, со тезата дека таа е „најголемиот американски изум“. Ваквите избори на зборови на годината или деценијата го потврдуваат на поинаков начин она што отсекогаш се знаело – дека јазикот е жива материја и дека ефектот на неговите официјални чувари и лингвистички пуристи во неговата еволуција е занемарлив.