Во надеж дека вакцинацијата ќе се одвива со посакуваното темпо и дека кон крајот на летото и почетокот на есента веќе ќе имаме колективен имунитет, како што најавуваат надлежните во здравствениот сектор, сега е клучен период кога мора да се таргетираат соодветни мерки и помош за компаниите и кога треба да истраеме заедно за да се надминат и овие тешки месеци и истовремено да се спасат што повеќе работни места
Здравствено-економската криза што се наметна во земјава и низ целиот свет поради ширењето на ковид-19, од самиот почеток беше закана за работните места. Освен обврските за побрзо сузбивање на пандемијата и спасување човечки животи, од почетокот стопанствениците, институциите и властите се исправени и пред обврската за спасување што повеќе работни места. А последните податоци на државните органи покажуваат дека пандемијата сѐ повеќе атакува на работните места и дека токму овие месеци пред сите е исправена обврската да се зачуваат што повеќе работници на своите позиции. Во спротивно, се зголемува опасноста отпуштените работници да се најдат на листите на невработени или, пак, на листите на корисници на социјална помош.
Последниве месеци податоците што ги објавува Државниот завод за статистика покажуваат дека се намалуваат работниците во индустријата, и тоа во секторот рударство, во преработувачката индустрија, па дури и во секторот енергетика. Намалувањето на бројот на работниците укажува дека неизвесноста и несигурноста и понатаму се присутни и дека работодавците се одлучуваат да го намалат бројот на вработени притиснати од кризата и тешките услови за стопанисување.
Но не се погодени само работниците во овие сектори. Забележан е раст на бројот на невработени што се евидентираат во Агенцијата за вработување, каде што покрај лицата што биле одјавени од работа во изминатава година растеше и бројот на лица што досега не биле вработени. Ова укажува дека без работа се луѓе што работеле без да бидат пријавени, или, пак, дека расте бројот на лица што првпат бараат работа. Неодамна и текстилните компании укажаа дека поради корона-кризата и рестриктивните мерки што се применуваат низ европските земји, нарачките се значително намалени, што ги доведува во прашање работните места на текстилните работници, кои беа и меѓу првите на удар покрај угостителските и туристичките работници.
Сепак, и покрај растот на невработеноста, податоците покажуваат дека заканите по работните места и бројот на отпуштања може да бидат многу поголеми, бидејќи и падот во индустријата беше значително поголем. Падот во индустриското производство минатата пандемиска 2020 година, во споредба со претходната 2019 година, беше 9,5 отсто, но бројот на намалени работници не беше на исто ниво, што би можело да е резултат на финансиската помош што ја добиваа компаниите за исплата на платите. И во овој сегмент имавме манипулации и бизнисмени што ја злоупотребија помошта од државата и, наместо плати, парите ги задржаа за себе, сепак, ефектот на задржување на работните места беше позитивен.
Она што е клучно во следниов период, кој е особено значаен, е како да се зачуваат и понатаму што поголем број работни места што се изложени на ризик поради пандемијата. Голем дел компании и понатаму се соочуваат со намалени нарачки, дел воопшто нема договори за работа, друг дел се соочува со откажување на договорите и нарачките поради променетите навики на потрошувачите… Сето ова ги доведува во ризик работните места, поради што токму следниве месеци најверојатно ќе бидат клучни во зачувувањето на што поголем број работници на нивните работни места.
Деновиве Владата најави нови пакет-мерки за кои компаниите можат или ќе можат да аплицираат и чија цел е токму поддршката за стопанството, која е насочена кон спас на компаниите и спас на работните места. Она што е особено важно во вака турбулентен и непредвидлив период, кој е особено тежок за компаниите, е новите мерки за помош да бидат соодветно таргетирани, насочени кон поддршка на секторите што имаат тешкотии во функционирањето, но и оние што добро функционираат и кои успеваат да работат и да го полнат буџетот во овие тешки периоди.
Важноста на мерките е особено значајна овие месеци, кога компаниите и граѓаните се преморени од битката како со вирусот, така и со одржување на своите дејности и своите професионални обврски. Мерките пред сѐ мора да се јасни и навремени, за да можат работодавците да ги разберат и да знаат за што аплицираат. Но исто така овие месеци е време да се покаже човечност, па наместо измамени работници, сите работодавци да ги проследат средствата што ги добиваат од Владата кон работниците, за сите да имаат доволно за основните потреби.
Истовремено ова е период кога мора да се пронајдат решенија на долгорочните проблеми, проблеми што за жал беа ставани под тепих и чии решенија ќе овозможат подобар и побрз развој на економијата. Образованието како една од често спомнуваните области е клучно во оформување соодветни кадри за стопанството, кое освен со адаптации во образовните програми, треба да се подобрува и преку насочување на младите кон изучување професии што се бараат. Секако, горчлив проблем на кој мора исто така да му се посвети внимание е обезбедување на владеењето на правото, рамноправност меѓу сите учесници на пазарот на трудот и сузбивање на сивата економија.
Во надеж дека вакцинацијата ќе се одвива со посакуваното темпо и дека кон крајот на летото и почетокот на есента веќе ќе имаме колективен имунитет, како што најавуваат надлежните во здравствениот сектор, сега е клучен период кога мора да се таргетираат соодветни мерки и помош за компаниите и кога треба да истраеме заедно за да се надминат и овие тешки месеци и истовремено да се спасат што повеќе работни места.