Грчката држава со повлекувањето на регистрацијата ги прекршува основните вредности на Европската Унија и во 21 век на еден народ му го ускратува правото за негување на мајчиниот јазик. Брисел како да заборава дека Македонците во Грција се европски граѓани и како такви за нив треба да важи споменатата повелба, или не треба?
Со златни букви во Повелбата за фундаменталните права е напишано дека Европската Унија се заснова на универзалните човекови вредности – достоинство, слобода, еднаквост, солидарност, демократија и владеење на правото. Со други зборови, обединета Европа, која претендира да биде еден од столбовите на западната либерална демократија, на сопствените граѓани им гарантира право на живот, слобода, интегритет, приватност, мисла, изразување, религија и ја забранува секоја дискриминација што вклучува културна, верска и јазична разновидност. Меѓутоа реалноста е поинаква. Денес, во срцето на Европа на еден народ му се забранува да го промовира мајчиниот јазик, кој по некоја „случајност“ се именува како македонски. Крајно време е Брисел да се изјасни за ова прашање, бидејќи Македонците во Грција се европски граѓани, или не се?
Да се вратиме на почетокот. Пред неколку дена во македонските медиуми можевме да прочитаме „Има светло во тунелот: Грција го регистрира друштвото ‘Крсте Мисирков’ од Воден“. За што точно станува збор? Грчката организација што го носи името на македонскиот великан Крсте Петков Мисирков го доби спорот пред грчките судови, поради што Министерството за култура на Република Грција официјално го регистрира. Не смееме да заборавиме дека единствената цел на спомената организација е изучување на македонскиот јазик. Настанот беше преседан, бидејќи ниту една ваква организација или друштво досега не можеше официјално да се регистрира и се појави искра надеж за Македонците во Грција.
` Но регистрацијата на друштвото траеше само три дена. Министерството за култура на Република Грција информира дека процедурата на регистрација била по автоматизам, а кога виделе дека организацијата има „проблеми“ со грчкото судство, решението за регистрација било повлечено. Според образложението на надлежното грчко министерство, организацијата никогаш не учествувала во програмите на Министерството, ниту пак добила финансиски средства од државните или европските фондови. Каков апсурд! Како може една организација што не е регистрирана да аплицира за финансиски средства. Но да се вратиме на суштината. И малите деца знаат дека регистрацијата е повлечена бидејќи споменатата организација го промовира македонскиот јазик, а тука е името на друштвото – Крсте Петков Мисирков, име што не им се допаѓа на грчките власти.
Изборот на името од страна на Македонците во Грција не е случајно. Мисирков е роден во малото гратче Постол, кое се наоѓа на четириесет километри од Солун, и целиот свој живот го минал во промоција на македонските национални особености. Тој говореше: „Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите… Македонците ѝ се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив… Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници… Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина.. затоа сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува сѐ само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.“
Да се навратиме на Повелбата за фундаменталните права. Грчката држава со повлекувањето на регистрацијата ги прекршува основните вредности на Европската Унија и во 21 век на еден народ му го ускратува правото за негување на мајчиниот јазик. Брисел како да заборава дека Македонците во Грција се европски граѓани и како такви за нив треба да важи споменатата повелба, или не треба?
Со децении македонските политичари нѐ убедуваат дека нашата иднина е во Европската Унија и дека кога ќе ги започнеме преговорите, во Македонија ќе „тече мед и млеко!“ Да ги оставиме соништата настрана и да ѝ погледнеме на реалноста во очи, која вели дека во Европската Унија нема место за македонските национални особености – јазик, култура, обичаи и сѐ така до бесконечност. Затоа крајно време е да се запрашаме дали навистина се движиме во вистинскиот правец.
Да завршиме со Крсте Петков Мисирков: „Секој народен јазик си има своја историја и свои современи варијации или дијалекти, поддијалекти итн. Своја историја и варијации си има и нашиот јазик. По таа историја може да се проучи како сегашните варијации се добиени од постари и последниве од еден општ македонски јазик, а тој од една јужнословенска група итн. Создавањето литературен јазик е духовна потреба кај нас, за да им се стави крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси и да се создаде свој литературен и научен центар за да се нема нужда од Белград и Софија. А таа тешка задача ќе се постигне само ако Македонецот од Северна Македонија му подаде рака на својот брат од Јужна Македонија и оној од Западна на оној од Источна.“