Покрај зголемената побарувачка, многу локални медиуми лани се соочија со намалување на приходите што го крена алармот за феноменот на „згаснување на медиумите“. За среќа, се појавија охрабрувачки иницијативи што можат да ги поддржат медиумите што се соочуваат со тешкотии во многу земји
Кризата со ковид-19 повторно ја потврди важноста за широк пристап до јасни, сигурни и точни информации. Во текот на пандемија, луѓето низ целиот свет зависеа од сигурни извори на вести за да им помогнат да го разберат не само самиот вирус туку и неговото влијание врз нивните економии и општества. Сепак, луѓето што ги собираат, проверуваат и доставуваат тие информации, се најдоа под невиден притисок што го зголеми ризикот дека, кога ќе дојде следната криза, ќе имаме малку доверливи извори на вести.
За разлика од другите индустрии што настрадаа за време на пандемијата, новинарството не се соочи со пад во побарувачката. Напротив, „Нилсен“ проценува дека останувањето дома, како и во секоја криза, може да доведе до речиси 60 отсто зголемување на побарувачката на медиумите. Навистина, во САД побарувачката на медиумите достигна историски рекордно ниво во 2020 година, со тоа што програмирањето вести беше главната компонента на зголемувањето. Истиот тренд може да се види низ целиот свет. Една студија за побарувачката на медиумите во Северна Азија за време на пандемијата открила нагло зголемување на употребата на дигитални извори на вести во Јапонија како што се ширеше стравот за ковид-19. Во Тајван и во Јужна Кореја, новинските телевизиски канали беа главни причини за растот на рејтингот на телевизиите.
И покрај ваквиот пораст на побарувачката, намалувањето на приходите погоди многу локални медиуми во 2020 година. Како што предупреди слободниот новинар Камил Ахмед минатата пролет, загубите се толку големи што може да се јави „феномен на згаснување на медиумите“. Тој зборуваше за земјите во развој, но ризиците се сериозни дури и во напредните економии како САД. Добрата вест е што новиот извештај нарачан од фондацијата „Конрад Аденауер“ покажува дека иницијативите што се водат во многу земји можат да помогнат за зајакнување на медиумите. Овие напори спаѓаат во четири широки категории: приватно финансирање, јавни субвенции, нови деловни модели и поддршка од технолошки платформи. Сите се корисни, иако на долг рок, некои ќе се покажат поважни од другите.
Во однос на приватното финансирање, организациите како новинската иницијатива на „Гугл“, центарот „Пулицер“ и „Интерњуз“, заедно со владините агенции, формираа средства за итна помош за време на пандемијата. Но како што покажува напливот на барања за таква помош, индивидуалните грантови не се доволни. Потребна е поширока, сеопфатна и меѓународно насочена стратегија, како еден вид глобален Маршалов план за новинарство. Некои ја препознаваат оваа потреба, а докажаните експерти за развој на медиуми започнаа да ги координираат донаторите, да го зголемуваат финансирањето и да ги поддржуваат медиумските институции и медиуми. На пример, Марк Нелсон од Центарот за меѓународна медиумска помош, заедно со Џејмс Дин и Маха Таки од медиумската акција на „Би-би-си“, промовираше меѓународен фонд за јавни интереси вреден милијарда долари, кој би распоредил владина помош за развој за поддршка на новинарството на јужната хемисфера.
Но со оглед на тектонските поместувања во медиумскиот пејзаж, ниту една поединечна иницијатива, без оглед колку е голема, нема да биде доволна за да ги одржи локалните медиуми на долг рок. Како што истакнува медиумската претприемачка Ивон Лијау, исто како и технолошките компании, медиумите мора да градат посилни мрежи на инвеститори што се посветени на тоа да им помогнат на крајот да постигнат одржливост. Токму во овој дух Стив Валдман, коосновач на „Извештај за Америка“, поведе иницијатива насочена кон трансформација на приближно 6.700 американски приватни весници во финансиски независни институции втемелени во заедницата. Тој предлага создавање непрофитен фонд за прераспределба што ќе ги идентификува публикациите на кандидатите и ќе ги реорганизира нивните корпоративни структури за да ги направи финансиски независни и поодговорни на потребите на заедницата.
Директното јавно финансирање исто така има улога во поддршката на локалното новинарство, па така повторно се работеше на унапредување на амбициозните предлози. Земјите како Австралија, Норвешка и Сингапур, кои новинарството го сметаат како средство од јавен интерес, обезбедија субвенции за медиумите и хонорарни преведувачи за време на пандемијата. Но овие мерки беа скромни во однос на потребата.
Во САД послабо се поддржува независното новинарство. Но сега се во тек напорите за донесување закони за да се финансираат локалните медиуми и квалитетното известување. На пример, Законот за одржливост на локалното новинарство, претставен во Конгресот минатиот јули, ќе обезбеди петгодишен, неповратен даночен кредит до 250 долари за трошоците за претплати на локалните весници. Покрај тоа, основачот на организацијата „Слободен печат“, Роберт Мек Чесни, подготвуваше иницијатива за локално новинарство, со која ќе се утврди буџет од 100 долари по лице за поддршка на локалното непрофитно новинарство, а заедниците ќе гласаат кои медиуми да добијат финансиска помош. Според овој план, Владата ќе насочи средства собрани од мал данок на реклами што ќе ги плаќаат богатите технолошки компании преку американската поштенска служба. Со ваквиот пристап би се решило горливото прашање за тоа како би се принудиле големите технолошки компании да ја поддржат индустријата, која, всушност, тие самите ја поткопаа.
Сепак, најголемата вест на овој фронт е предложената нова рамка на Австралија за да се намали нерамнотежата на моќта помеѓу медиумите и технолошките гиганти.
Конкурентскиот орган на земјата, предводен од економистот Род Симс, подготви закони, кои, доколку бидат усвоени, ќе бараат од „Гугл“ и од „Фејсбук“ да плаќаат за вестите што ги пренесуваат, а цените да бидат утврдени по арбитража. Другите влади, во Африка, Европа и САД, внимателно го следат овој напор.
Очајните времиња бараат храбра акција, а ова се несомнено очајни времиња за новинарството. Но новинската индустрија се бори уште пред почетокот на пандемијата. Освен ако земјите не ја надминат краткорочната поддршка за градење и одржување поотпорни екосистеми на локални медиуми, сè потешко ќе се наоѓаат веродостојни и проверени информации што им се потребни на нашите општества.
Авторката е истакната професорка
на школата за меѓународни и јавни односи на универзитетот „Колумбија“