БИТОЛА

Заради зголемување на веќе постојните капацитети за згрижување стари и изнемоштени лица, на просторот на поранешната касарна во Битола, во тек е изградба на три сместувачки објекти за стари лица. Вкупната инвестиција изнесува 2.900.000 евра, а ќе обезбеди сместување на 210 лица и вработување на над 80 лица, медицински, помошен и друг персонал, во согласност со планот за работа на инвеститорите.
Инвеститорот на првиот сместувачки капацитет за стари лица, чија градба е во напредна фаза, претставува и успешен пример за женско претприемаштво. Овој објект вклучува изградба на приземје, два ката и поткровје и истиот тој зафаќа површина од 2.500 квадратни метри. Градоначалничката Петровска денес се сретна со инвеститорите, со кои разговараше за напредокот и идните планови, како и за понатамошната нивна соработка со локалната самоуправа.
– Поддршката што ја дава Општина Битола за инвеститорите е дел од програмскиот концепт на градоначалничката Наташа Петровска и создавање услови во општината за сите граѓани. Според предвиденото, се врши стимулирање на лицата што ќе пројават интерес за вложување во изградба на дом за стари и изнемоштени лица и вработување дополнителен стручен персонал во старските домови – велат во Општината.