Фото: Маја Јаневска-Илиева

Словенија и Унгарија, и двете членки на ЕУ, викендов потпишаа билатерален договор со кој ги регулираат патувањата на своите граѓани, а контра препораките на Брисел

НА ГАФОВИТЕ НА БРИСЕЛ ИМ НЕМА КРАЈ

Треба ли Македонија да ја активира својата дипломатска мрежа и да започне да лобира во ЕУ за нашите граѓани што се вакцинирани со кинески и со руски вакцини да можат слободно да патуваат во Унијата? Оваа дилема стана актуелна во домашната јавност откога Брисел неодамна соопшти дека влез во земјите од ЕУ ќе биде дозволен единствено за оние лица што поседуваат ковид-пасоши, односно се вакцинирани со вакцини произведени во Европа и во САД.
Дополнително, овие прашања добиваат интензитет и во пресретот на домашната туристичка сезона и очекуваниот прилив на гости. Какви протоколи и вакцини ќе важат за нив и како ќе се контролира тоа?
Светските медиуми веќе започнаа да информираат дека голем број европски држави на големо започнале да наоѓаат начини како да ја надминат состојбата со ограниченото движење на вакцинираните граѓани во Унијата.
Новинскиот портал „Еуроактив“ пишува дека Словенија и Унгарија викендов потпишале меѓудржавен договор со кој се овозможува граѓаните на двете земји вакцинирани со вакцини што потекнуваат од Русија и од Кина непречено да ги минуваат границите.

Според медиумот, државните врвови на двете земји излегле со соопштение во кое се истакнува дека документите за вакцинација издадени во една од државите за секаква вакцина се целосно важечки во земјата во која патуваат нивните граѓани.
Дополнително, „Еуроактив“ потсетува дека овие две земји неодамна врз основа на билатерален договор дозволуваат и патување на нивните граѓани во двата правци без притоа да поседуваат негативен ПЦР-тест за коронавирусот.
Во меѓувреме, дипломатите и политичките аналитичари со кои се консултиравме сметаат дека овие забрани за влез во Унијата се доказ дека ЕУ не може да се носи со проблемите на модерниот живот наметнати од пандемијата. Тие советуваат дека Македонија во моментов треба само да почека одреден период за да згаснат намерите за забраните за влез во ЕУ на вакцинирани граѓани со вакцини што не се на листата вакцини за имунизација на населението одобрени од Брисел.
Поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски истакнува дека актуелните состојби со непризнавањето одредените вакцини од ЕУ што се произведени од трети земји немаат никаква логика со здравствената криза ниту со глобалната политика. Тој смета дека моменталните забрани на Унијата за влез на странски граѓани надвор од ЕУ, како на пример Македонците, со време ќе спласнат како одредби и на нашите граѓани, но и на сами граѓани на ЕУ што се вакцинирани со вакцини од Русија или од Кина ќе им се овозможи непречено движење во земјите од Стариот Континент.

– Овие политики се неиздржани и тие ќе исчезнат наскоро од акцискиот план за политичко дејствување на Брисел во овој правец. Оттука сметам дека нашата земја нема потреба да ја активира својата дипломатија по примерот на Словенија и Унгарија бидејќи актуелниот тренд сам по себе ќе згасне наскоро – вели Арсовски.
Дипломатот објаснува дека и во моментов одреден број од државите-членки на самата Унија имаат граѓани вакцинирани со руски и со кинески вакцини.
Па оттука, според дипломатот, нема правен ниту законски механизам ним да им се забрани патувањето и во шенген-зоната и во остатокот од Унијата.
– Што се однесува за македонските граѓани што најчесто летуваат во најголем број во соседна Грција, мислам дека и тука проблемот многу скоро пред почетокот на туристичката сезона ќе биде надминат. Имено, Грција секогаш имала одлични релации и со Западот, но и со Кина и со Русија, а тоа се гледа и во многубројните огромни економски инвестиции на овие два гиганта во пристаништата на Егејско Море. Па затоа верувам дека Атина многу елегантно ќе го надмине овој проблем, врз начинот на кој туризмот привремено и многу кратко таму заживеа и во првата година живот со пандемијата. Ако Грците, но и Хрватите на пример тогаш ризикуваа да примат голем број странски туристи, зошто сега би размислиле двапати ако кај нив пристигне турист што е безбеден и вакциниран од производител што не е дел на ЕУ – вели дипломатот.
Поранешниот амбасадор советува дека по логиката на нештата Македонија би требало да изгради политика и кај себе да ги прими сите туристи што летово сакаат да одморат на бреговите на нашите езера, без некакви пречки во правец на тоа со каков тип вакцина се тие вакцинирани.

– Она што нам треба да ни биде сега битно е да овозможиме тука да летуваат што е можно поголем број странски туристи што се здравствено безбедни и целосно да ги занемариме овие политики на ЕУ, кои покажуваат дека Унијата одамна е нефункционална и неспособна да се справи со проблематиката на современиот свет – вели Арсовски.
Дипломатот додава дека и лидерите на Светската здравствена организација СЗО ќе помогнат да влијаат врз Брисел за овие нелогични политики да згаснат во најкраток можен рок.
Слично размислува и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој, пак, истакнува дека она што нас треба да нѐ интересира во оваа дипломатско-здравствена загатка што ја наметна Брисел, е националниот интерес на Македонија.
– Имено, непризнавањето на руските и кинеските вакцини ќе згасне толку бргу во политиките кругови на ЕУ колку што бргу згаснаа и нивните слични неуспешни намери „правично“ да ги разделат вакцините или „правично“ да ги разделат грижите за мигрантите во Европа. Па оттука јас би почекал да стивнат овие намери пред воопшто како држава да се обидеме да лобираме за признавање на нашите здравствени документи за вакцинираните граѓани и идни патни документи – вели Пекевски.
Овие состојби, според аналитичарот, многу негативно ќе се одразат во Македонија, бидејќи сега ЕУ со дадени само 4.000 дози вакцини ќе го минира процесот на имунизација во земјата со стотиците илјади вакцини што пристигнаа тука од адреса на фармацевтските производители во Русија и во Кина.

– По оваа логика на Брисел не би требало да си го вакцинираме населението бидејќи тоа сега не би можело да патува надвор од нашата земја ниту пак да дозволиме странци да ни пристигнат во Македонија – вели Пекевски.
Тој советува дека Македонија во овој момент треба да си продолжи самостојно да си размислува за својот здравствен и економски интерес.
– Ние не треба специјално да се активираме дипломатски сега туку треба да ги засилиме напорите за да си го заживееме туризмот и да стимулираме граѓани што се вакцинирани или кои имаат ПЦР-тест да пристигнат на летување во Македонија. Дополнително во оваа група влегуваат и оние граѓани на земјите од соседството како Србија на кои, пак, воопшто не им е потребен ПЦР-тест да ги минат нашите граници. Летото ќе биде можност да си го наполниме буџетот, а туристичките агенции да ги санираат раните нанесени од кризата во минатата година – вели Пекевски.
Аналитичарот вели дека Словенија, Унгарија, но и многу други земји од Унијата сами ќе го направат притисокот врз Брисел за овие политики да згаснат и затоа нема никаква потреба Македонија дополнително да дејствува врз оваа проблематика.

[email protected]