ГЕВГЕЛИЈА

Општина Гевгелија ќе биде дел од првата екоакција „Генералка викенд – За чисто како дома исто“ во организација на „Мен енд маунтен“, продукциска компанија за емитување и медиуми. Екоакцијата ќе се одржи на 7 мај, 2021 година (сабота), со почеток во 9.30 часот. Во акцијата можат да учествуваат граѓани од општината Гевгелија, училиштата, невладините организации, спортските клубови.
Инаку, „Генералка викенд“ се спроведува во соработка со ПАКОМАК, Министерството за животна средина, Министерството за земјоделство и шумарство, а проектот е поддржан е и од Делегацијата на Европската Унија.
Како што истакнаа од продукциската компанија, ова е прв проект во кој ќе бидат вклучени сите граѓани со надминување на бариерите во однос на припадноста на одредена партија, заради постигнување повисока цел, а таа цел е реобнова на земјата со отстранување на отпадот од минатото и создавање еколошки одржлива иднина.
– Успеавме да воспоставиме основа на која се надминуваат сите партиски бариери, етнички, религиски и каде што сите луѓе ќе учествуваат еднакво бидејќи тие сфаќаат дека сме само луѓе и дека на сите ни требаат чист воздух, чиста и пивка вода, безбедна средина – велат оттаму.
Иницијативата започнала од неколкумина мотивирани луѓе во сите делови на земјата: Велес, Штип, Охрид, Крушево, Демир Капија, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Струмица, Гевгелија.

– Сите се обединија во волјата да се постигне ново сфаќање и разбирање дека местото во кое живеат е нивната животна средина: улицата пред нивната куќа, паркот низ кој поминуваат секој ден, полињата покрај кои возат секој ден и на кои расте жито од кое подоцна тие јадат леб, реките над кои поминуваат и од кои пијат вода и дека треба да ги чуваат чисти и да се грижат за нив. Секој од нас е одговорен за нив. Не само политичарите, партиите, религиите, туку секој човек што живее во земјава има одговорност да ја одржува чиста, безбедна, да ја почитува, а со тоа да ги почитува илјадниците генерации што живееле на оваа земја во здрава средина, која ја загадуваме и уништивме во изминативе 50 години. Наша е одговорноста еколошки да ја обновиме земјава што ја загадуваме – велат во Општина Гевгелија.