Оваа симбиоза на политиката и криминалот, најпрво се овоплотила на Сицилија, а потоа како канцер се проширила до Рим во самото срце на италијанската држава. Многумина италијански политичари – премиери, министри и градоначалници напредувале во кариерата благодарение на своите врски со мафијата, а меѓу нив беше и контроверзниот Џулио Андреоти, кој доминираше половина век на италијанската политичка сцена како претседател на седум италијански влади
Во текот на 70-тите и 80-тите години на 20 век, легендарниот обвинител и судија Џовани Фалконе ја предводеше борбата против сицилијанската мафија. И покрај многубројните пречки и закани, Фалконе постигна значаен успех кога успеа да убеди неколку високопозиционирани мафијаши да го нарушат т.н. „кодекс на честа“ на Коза ностра. Меѓу првите т.н. пентито беше Томазо Бушета, а неговите информации станаа основа за обвинението во судењето против мафијата кога стотина нејзини истакнати членови беа осудени и добија затворски казни. Споменатиот судски процес е запаметен како најзначајното и најголемо судење против мафијата во историјата.
Многумина веруваа дека Фалконе ќе биде награден поради успешната борба против криминалот. Споменатиот италијански обвинител се кандидира за виш јавен судија, меѓутоа советот на јавни судии со мнозинство гласови ја одби неговата кандидатура. Очигледно е дека Фалконе требало да напредува во кариерата, но тоа не се случи.
Колку и да звучи чудно, одговорот лежи во внатрешната содржина на самата мафија. Имено, сицилијанската Коза ностра се состои од две групации, воена и политичка мафија. Воената мафија е онаа што дејствува на самиот терен и се занимава со продажба на наркотични средства, рекет, убиства и сите други видови криминални дејства. Спротивно од ова, политичката мафија е посуптилна, таа дејствува внатре во политичко-општествениот живот, следствено многумина политичари, судии, јавни обвинители и др., одржуваа блиски контакти или беа членови на спомената криминална групација. Доколку некоја личност сакала да биде носител на јавна функција, ѝ била потребна поддршката на политичката мафија, секако, за возврат во иднина требало да направи одредени услуги за мафијата.
Оваа симбиоза на политиката и криминалот, најпрво се овоплотила на Сицилија, а потоа како канцер се проширила до Рим во самото срце на италијанската држава. Многумина италијански политичари – премиери, министри и градоначалници напредувале во кариерата благодарение на своите врски со мафијата, а меѓу нив беше и контроверзниот Џулио Андреоти, кој доминираше половина век на италијанската политичка сцена како претседател на седум италијански влади.
Затоа не треба да се зачудиме што Фалконе не беше избран за виш јавен судија и му беше попречен патот за напредок во кариерата. Легендарниот судија ја мина својата кариера во борба против воената мафија и следниот негов потег требаше да биде насочен против политичката мафија.
Џовани Фалконе беше свесен дека затварањето на шефовите на воената мафија е само делумен успех и доколку државата сака успешно да ја заврши борбата против организираниот криминал, треба да ја продолжи истрагата против сите јавни личности што имаат врски со Коза ностра, од уништувањето на симбиозата помеѓу криминалот и политиката, која ја труела државата, зависел успехот. Многумина се плашеа и затоа го изолираа Фалконе, кој на крајот беше ликвидиран на свиреп начин.
Изолирањето на Џовани Фалконе, а потоа и неговото убиство требаше да ги спречат сите понатамошни истраги против мафијата, но неговата ликвидација предизвика контраефект. Всушност убиството на легендарниот судија се покажа како пресврт во борбата против организираниот криминал.
Неговото убиството и погреб добија политичка димензија кога илјадници граѓани јавно излегоа и побараа од италијанската државата да ја продолжи борбата против Коза ностра. На крајот, политичко-општествената елита беше принудена од самите граѓани сериозно да ја разбере борбата против канцерот што го уништувал општеството. Упорноста на Џовани Фалконе и граѓанскиот притисок кулминираа со апсењето и осудувањето на Тото Рина – шефот на шефовите на Коза ностра и чистење на политичкиот систем од криминогените и коруптивни елементи.
Што можеме да научиме? Борбата против организираниот криминал не треба да биде насочена само против уличните криминалци, бидејќи успешноста е условена од уништувањето на нивните јатаци. Тука лежи формулата за успешна борба против криминалот и сѐ додека од македонскиот политичко-општествен систем не бидат отстранети овие непожелни елементи, ќе слушаме стории за издавање македонски пасоши на светски криминалци, кои се карактеристични за банана-државите, а не за држави што настојуваат да бидат членки на Европската Унија.