Општина Аеродром изминатите денови почна со поставување заштитни столпчиња и огради на различни локации во населбата Лисиче, каде што редовно има поголема фреквенцијата на пешаци и возила.
– Станува збор за сообраќајни решенија што имаат цел да ја зголемат безбедноста на пешаците, со што ќе се ослободи простор за нивно непречено и безбедно движење по тротоарите, кои многу често се узурпираат од непрописно паркираните возила – информираат од Општината.
Оттаму додаваат дека заштитни столпчиња досега се поставени на тротоарите што се во непосредна близина на трговскиот центар во Лисиче. Општината постави и заштитни железни огради пред влезот и по должина на тротоарот покрај детската градинка „Бубамара“, како и пред влезот на основното училиште „Димитар Македонски“, со што ќе се превенира директно излегување на дечињата и учениците на самите улици по кои минуваат возила.
– Безбедноста во сообраќајот е еден од приоритетите на Општина Аеродром. Постојано работиме на подобрување на сообраќајната сигнализација и нејзино редовно одржување. Пред сите училишта поставивме хоризонтална и вертикална сигнализација, за што поголема безбедност на нашите ученици. Исто така, секаде каде што постои можност поставуваме столпчиња и огради за да го спречиме непрописното паркирање или минување на возилата, кои со тоа, за жал, ја нарушуваат безбедноста во сообраќајот. Истовремено се грижиме и за велосипедистите, кои особено во летниот период се активни учесници во сообраќајот и имаат свои патеки по кои можат непречено да се движат – истакна градоначалникот на Аеродром, Златко Марин.
Тој упати апел сите учесници во сообраќајот да се однесуваат совесно и да ги почитуваат сообраќајните правила за поголема безбедност на сите.