Промената од „голема четворка“ во „лидер на власта и на опозицијата“ може да е израз на тоа што во моментот најголемиот политички јаз е меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, или пак позначајна промена, веројатно со меѓународна поддршка, од етнички партиски дијалог во идеолошки дијалог
Лидерската средба меѓу Зоран Заев, лидер на власта, и Христијан Мицковски, лидер на опозицијата, пред десетина дена, беше поздравена од повеќето политички коментатори и генерално јавноста, како неопходен чекор во политичкиот дијалог и намалувањето на политичките тензии во земјата. Лидерската средба дојде по неколку месеци од претходниот обид за средба, кој го одбија двајцата лидери, по што следуваше спирала на ескалација на политичките тензии, во СДСМ преку поддршка за промена на Мицковски од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ, во ВМРО-ДПМНЕ преку неучество во работата на Собранието.
СДСМ, директно или индиректно, поддржа обид за промена на Мицковски од лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ. И доколку се прифати дека иницијативата за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ е одраз на оригинално незадоволство на членови на ВМРО-ДПМНЕ, а не политички инженеринг поттикнат од СДСМ, тогаш е јасно дека Зоран Заев и СДСМ навиваат за промена на Мицковски. Тоа најдобро се гледаше со иницијативата на Зоран Заев за „Широка влада со чесни вмровци“ и кампањата на СДСМ за лична дисквалификација на Мицковски, пример со изјави што не беа против ВМРО-ДПМНЕ, туку лично против Мицковски.
Лидерската средба се случи по неколку знаци на деескалација, иако тие не беа лесно видливи поради постојаниот шум на меѓупартиски обвинувања и препукувања. Еден од знаците е тековниот политички дијалог за изборниот законик, една од точките што се најдоа на агендата на лидерите. За ова прашање да биде договорено од двајцата лидери, во заднина тивко се одвива дијалог меѓу претставниците на партиите. Вториот знак беше одложувањето на вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, по мое разбирање негово откажување. Тоа беше клучен чекор со кој СДСМ престана со обидите за промена на соговорникот во политичкиот дијалог, туку го прифати Мицковски како легитимен претставник на ВМРО-ДПМНЕ. Од другата страна, Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ прифатија попис со вакцинирани попишувачи.
Постепената деескалација, како и политичкиот дијалог во заднина, овозможи конструктивна средба на двајцата лидери, со договор за прашања како пописот, Изборниот законик, работата на Собранието. Оттука и позитивните коментари за повеќе политички коментатори. Секако, имаше и спинови и критики на форматот на средбата, но имаше критики и на исходот. Очекуваните спинови, секако, беа обидите лидерската средба да се прикаже како голема победа на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ, иако сите сме победници.
Имаше критики на форматот, зошто двајца лидери, зошто не повеќе. Форматот на лидерски средби се воспостави, доколку добро се сеќавам, пред Пржинскиот договор, како дел од обидите за воспоставување на политичкиот дијалог во земјата. Претходно тој формат беше пробан во преговорите и склучувањето на Охридскиот рамковен договор, во 2001 година. Тој формат беше формат на „големата четворка“ ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ (ПДП) и ДПА. Овој формат имаше обиди, особено од Никола Груевски, да биде разводенет во средба на лидерите на сите политички партии.
По формирањето неколку нови партии и повеќе конкуренти за местото на ДПА, се чини тоа ѝ припаѓа на коалицијата Алијансата на Албанците и Алтернатива. Промената од „голема четворка“ во „лидер на власта и на опозицијата“ може да е израз на тоа што во моментот најголемиот политички јаз е меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, или пак позначајна промена, веројатно со меѓународна поддршка, од етнички партиски дијалог во идеолошки дијалог. Дали е првото или второто, ќе одговори времето. Притоа очекувањето е дека двајцата лидери ќе извршат консултации со соодветните партии, како ДУИ и АнА.
Токму оваа промена предизвика релативно жестока реакција кај дел од политичките коментатори етнички Албанци, кои во лидерскиот договор гледаат заговор. Некои ја оценија средбата на Заев и Мицковски како антиалбанска, поради неучеството на ДУИ и АнА. Интересно е што некои од нив што ја сметаат оваа средба за антиалбанска ја убедуваа јавноста дека средбите на лидерите на политичките партии на етничките Албанци не се антимакедонски? Веројатно ќе треба да се навикнуваме дека и меѓу и вантреетничкиот дијалог не мора да биде насочен против некој друг. Вториот аргумент за антиалбанство беше одложувањето на пописот, со што пописот продолжува да се политизира и се прави сѐ поневозможен. Но тезата за антиалбанство брзо се распрсна кога ДУИ даде поддршка на договореното од страна на Заев и Мицковски. Тоа покажа дека ДУИ е консултиран и е дел од политичкиот дијалог. Тогаш од истите политички коментатори се пласира тезата дека се формира антизападен сојуз, односно дека ВМРО-ДПМНЕ пристапило кон спасување на криминалната коалиција на СДСМ и ДУИ, која се врти кон Србија за своја заштита. И оваа теза се распадна кога амбасадорот на САД во Скопје ги повика АнА и Алтернатива за конструктивно учество во политичкиот дијалог. И тука замени на тези, тоа било американска поддршка за стабилократија, наспроти ЕУ-поддршката за демократизација. Како политичкиот дијалог да не е клучен за демократизацијата.
Десет дена се малку за одговор на вакви прашања. Дали лидерската средба е прв чекор во позитивна насока. Во последното истражување на МЦМС и М-проспект, две третини од граѓаните мислат дека допрва ќе дојде најлошото во корона-кризата. Македонија треба да се подготви за можен четврти есенски бран, длабока здравствена, економска, образовна, социјална и друга криза, а соочувањето со тоа е врвен и најголем приоритет. Оттука, можеби нѐ очекува предизвик за широка коалиција што ќе ја води земјава, одложување на локалните избори за март 2022 година и на пописот за мај 2022 година (20 години од последниот попис) и можеби вонредни парламентарни избори заедно со локалните избори. Сето ова под претпоставка дека со заеднички напор и соодветна вакцинација, Македонија успешно ќе го преброди четвртиот есенски бран.
Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Ковид19 #ПолитичкиДијалог