Со лажираните пописни информации се лажира и историјата
Васил Кнчев (1862 – 1904), бугарски етнограф, егзархиски инспектор и голем приврзаник на великобугаризмот, населението во Горна Река, западна Македонија, наречено од Албанците како „Шкрети“, го регистрирал како Албанци само затоа што го говореле и албанскиот јазик. Тоа е пописна лага.
Горна Река е област во западна Македонија, во горниот тек на реката Радика и планината Кораб, на надморска височина од 950 до 2.660 м.
Навистина било тешко и мачно да се живее во овој предел, длабоко во шумите и карпестите предели, без поголеми ресурси за животен опстанок, природни непогоди, дивината и заканите со злоделата од недобронамерниците.
Турците, по освојувањето на Балканот, во 1507 година пристигнуваат и во Горна Река, каде што живее домородно словеномакедонско население со православна вера.
Во текот на XVII – XVIII век, Турците во северозападниот дел на Балканот колонизираат Албанци од Кавкаска Албанија и таа област ја нарекуваат Арнаутија (доселеничка област). Доселените Албанци, под заштита на Турците, преку планината Кораб атакуваат на населението во Горна Река. Согледувајќи го нивниот запустен живот, условите, местоположбата на живеење, опкружувањето, историските настани, изложеноста на закани и зулуми врз нив, Албанците ова словеномакедонско население го нарекле со погрдно и навредливо име „Шкрети“ – пустиници, кое име станало егзоним за негорнореканците.
Со терор и грабежи на стоката и имотот, го присилуваат населението на преселби или приспособување на новата состојба. За подобро да се контролира домородното население, им го наметнуваат албанскиот говорен јазик. Во Горна Река се создава дуализам со албанскиот јазик – го зборуваат новодојдените Албанци, го зборува и домородното население, од Албанците наречени „Шкрети“. За да направат разлика, Албанците меѓу себе, овие „Шкрети“ ги ословуваат со албанското име „Шкии“ – што значи Словени. Бидејќи убиствата на овие „Шкрети“ биле честа појава, Албанците се правдале пред турската власт: „Ништо не е, убиен е Шкија“.
Некои, и овие Албанци во Горна Река ги нарекуваат „Шкрети“, но само поради областа во која живее домородното население од Албанците наречено „Шкрети“. Помеѓу нив постојат видни разлики.
Домородното население наречено „Шкрети“ се Словеномакедонци, со христијанска православна вера, со македонски говорен и писмен јазик, со наметнат говорен албански јазик, како и со своја традиција.
Доселените Албанци, по потекло од Кавкаска Албанија, од некои и тие наречени „Шкрети“, веќе го примиле исламот, го зборуваат својот албански јазик, не живееле „шкретски живот“ и биле во надредена позиција во однос на домородните „Шкрети“. Тие во никој случај сами не би се именувале со погрдното, навредливо и понижувачко име „Шкрети“.
Едно од горнореканските села е и селото Кичиница, формирано во XI век од словеномакедонско население, на разгранок на Ничпурска Планина, под Кичинички Камен. Тоа се преселило на нова локација во почетокот на XIV век, во подножјето на Бистра Планина, со истото име на селото и селаните. Првите Турци доаѓаат во Горна Река во 1507 година. Новосоздадените непогодности ги принудиле кичиничани, во почетокот на XVII век, повторно да го преселат селото, уште повисоко и подлабоко во шумата, со истото население и истото име на селото Кичиница, каде што постои и денес.
Селото Кичиница, како и другите горнорекански села, се со словеномакедонско население, со православна христијанска вера, со македонски јазик и традиција. Под принуда го прифатиле албанскиот говорен јазик, но го користат и македонскиот во црковните служби, во комуникација со Македонци негорнореканци, по пазарите во градовите, кога се на печалба…
Етнолошки и антропогеографски денес ниеден горнорекански домороден сој не го поврзува своето потекло со никаков арбанашки (албански) фис (племе, фамилија).
Во октомври 2014 година, во селото Патешка Река кај Скопје, се сретнав со двајца браќа, сега Албанци муслимани. Тие го знаеја своето потекло, дека им е од селото Сенце во Горна Река и дека нивниот предок се викал Никола.
Горнореканците ја задржале христијанската вера, зашто во првите налети не биле атакувани по верска основа од новодојденците Албанци. При нивното колонизирање на Балканот од страна на Турците, од Кавкаска Албанија, покрај јазикот и албанската азбука, при преселбата ја донеле и својата христијанска вера. (Убави христијански храмови на кавкаските Албанци од тој период може да се видат денес на фотографии.) Брзо по преселувањето, покрај заштитата, за да ги добијат бенефициите од Турската Империја, Албанците преминуваат во ислам. Како исламизирани, тие сега вршат двоен притисок врз Словеномакедонците, јазичен и верски – најсилни елементи за асимилација.
Некогаш Горнореканците со ништо не се разликувале од другите Мијаци во реканскиот крај. Изолираноста на областа и суровиот живот во неа, а особено по доаѓањето на Турците и Албанците, создале можности за нови приспособувања, а со тоа и нови белези на ова македонско мијачко население, на кое ќе им се надоврзе егзонимот „Шкрети“.
Горнореканската етнопсихолошка група во духовниот живот се одликува со затвореност и молчеливост како лична внатрешна светост, со тивок збор, одмерен израз, но и со гордост.
Со етнонимот „Шкрети“ се именувало автохтоното население од Горна Река, како егзоним (ословување на словеномакедонското население на кое му бил наметнат албанскиот јазик). Горнореканците никогаш себеси не се нарекуваат „Шкрети“, тоа за нив е погрдно и навредливо име. За нив името „Шкрети“ нема статус на етноним, но за сите негорнореканци, тоа е етноним/егзоним (именување на одредено население, група со посебни одлики).
Никогаш Горнореканците не го научиле добро албанскиот јазик. Тој научен албански јазик содржи многу македонски зборови, иако одлика на Горнореканците е брзо и добро мнеметичко (запамтувачко) учење странски јазици. Со ова, тие несвесно се справувале со пасивна резистенција од етничката албанска асимилација. Албанскиот јазик го учеле под принуда, но и како можност да се заштитат од насилникот – Албанците заштитувани од Турците.
Шкрето во албанскиот јазик означува пусто, а шкретати – пустина. Било навистина тешко и мачно да се живее таму во планините, во неродните и карпести предели – во таа пустина. Таквото значење на именката „шкрети“, во април 2018 година ми го потврдија лицата Таки Несторовски од селото Горна Горица и Никола Митревски од селото Долна Горица, мајстори за работа со камен од Мала Преспа во Албанија.
Во речникот на говорот во селото Вевчани пишува: Шкрет (прилог) – осамен, без никого, запоставен, никаде, без трага, далеку. (Во Вевчани, како село до албанската граница, било корисно да се познава и албанскиот јазик.)
Тома Смиљаниќ-Брадина (1888- 1969), етнолог, филолог, публицист, по потекло од селото Тресонче во Мала Река, во своите научни искажувања за Горна Река во 1925 година ќе напише: Постар човек од селото Богдево, сега православен Арнаутин, го памети македонското потекло и вели „Јазикот го изгубивме, но верата не“. Друг селанец од селото Беличица, стогодишник, раскажува: „До пред 80 години во ова село никој не го знаеше арнаутскиот јазик“.
Тома Смиљаниќ-Брадина наведува дека во 1830 година никој во Горна Река не зборувал албански, напротив, тие говореле, читале и пишувале на македонски јазик.
Дека Горнореканците христијани, таканаречени „Шкрети“, не се Албанци се потврдува и со факти од пред нивното доаѓање во Горна Река и потоа. Во црквите се пеело на старословенско-македонски јазик; се зборувало на македонски јазик; во црковните книги во селото Кичиница има 40 кратки текстови, рачно напишани од 1874 година па наваму, напишани на македонски јазик и со кирилско писмо; надгробните споменици се со текст на македонски јазик и со христијански апликации; браќата Маноил и Лазар, кичиничани, успешни печалбари, го изградиле големиот „Арнаут хан “ (хотел) во центарот на Истанбул во 1883 година и на него поставиле камена плоча со нивните ликови и текст на македонски јазик со кирилско писмо…
Писмената комуникација на печалбарите, преку текстовите на надгробните плочи, преку текстовите оставени во црковните книги, преку натписите во црквите и манастирите, фреските и иконите, преку хронолошкиот историски преглед, пренесениот говорен македонски јазик и пишаните текстови на македонски јазик, како материјални и нематеријални факти, преку топонимите, го демантираат албанското тврдење дека „Шкретите“ христијани од Горна Река се Албанци.
Тие јасно ги потврдуваат својот македонски јазик, православната вера, мијачката традиција, својата македонска етничка припадност.
Албанската пропаганда, базирана врз минати лажни пописи и сакани претпоставки, меѓу другото тврди дека населението во сите 17 села во Горна Река, таканаречените „Шкрети“ се Албанци христијани и дека во Река има повеќе од 70.000 Албанци христијани.
Таквото тврдење го демантира и проф. д-р Мирјана П. Мирчевска, која четири години го проучувала тој крај, ги посетила сите села и разговарала со селаните, која ја напиша книгата „Вербални и невербални етнички симболи во Горна Река“ и меѓу другото извести: „Во тој крај не сретнав православни Албанци“.
Денес, помладите Горнореканци изразуваат гордост што се потомци на таканаречените „Шкрети“ – Македонци, кои и во најтешките историски времиња и услови за живот, со својата мудрост и истрајност, опстоиле како горостаси.
Д-р Драган Попоски