Играјќи на картата на консензуалност во одлучувањето, Бугарија ја става и самата Унија пред изборот за приоритет на своите принципи: меѓу оној на консензуално одлучување или темелните принципи на Унијата и на меѓународното право – дека секој граѓанин и нација имаат право на самоопределување, самоименување и на сопствени национални атрибути, како јазик и историја. Сведувајќи ја ситуацијата на македонско-бугарскиот спор на колоквијално ниво, Бугарија едноставно ја наведува ЕУ на криминал во однос на меѓународното право
Пред десетина дена министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и на Словенија порачаа „дека е крајно време за стратегиска поглед на Западен Балкан“. Деветтемина министри на земјите-членки на ЕУ упатија писмо до шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, со барање на состанокот во април на министрите за надворешни работи на ЕУ да се одржи стратегиска дискусија за Западен Балкан и за неговите перспективи. Во писмото министрите го изнесуваат заедничкото согледување: кога се чинело дека процесот на проширување на ЕУ добил нов интензитет во пролетта 2020 година, кога Македонија и Албанија добија зелено светло од министрите на ЕУ да започнат разговори за пристап подоцна истата година…, процесот наишол на „камен на сопнување“ во одлуката Бугарија есента (истата година) да ја блокира Македонија поради несогласувањата за историјата и јазикот. Министрите во писмото проценуваат дека ветото на Бугарија спрема Македонија ѝ наштетило и на Албанија, бидејќи членките на ЕУ го гледаат пристапувањето на Скопје и Тирана „во пакет“.
Писмото на деветтемина ЕУ-министри за надворешни работи беше испратено речиси во истите 24 часа кога еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи порача дека треба да се најде „брзо, заеднички прифатливо решение“ за македонско-бугарскиот спор. Очигледно мапирањето на проблемот со проширувањето е заедничко на сите нивоа во ЕУ, но барањата и очекувањата од која страна да се бара решението се чини се различни. Министрите на ЕУ отворено ја наведуваат Бугарија како „камен на сопнување“ за политиката на проширување на Унијата, но еврокомесарот во неколку наврати ѝ препорачува на Македонија да „излезе во пресрет на загриженоста на Софија“. Прецизноста во писмото на министрите во формулацијата на причината за блокирањето на процесот на проширување од страна на Бугарија, „поради несогласувањата за историјата и јазикот“ со Македонија, укажува на свеста кај членките на ЕУ дека и самите се соочени со ситуација што има потенцијал да ги поткопа нејзините сопствени критериуми и принципи. Играјќи на картата на консензуалност во одлучувањето, Бугарија ја става и самата Унија пред изборот за приоритет на своите принципи: меѓу оној на консензуално одлучување или темелните принципи на Унијата и на меѓународното право – дека секој граѓанин и нација имаат право на самоопределување, самоименување и на сопствени национални атрибути, како јазик и историја. Сведувајќи ја ситуацијата на македонско-бугарскиот спор на колоквијално ниво – Бугарија едноставно ја наведува ЕУ на криминал во однос на меѓународното право!
Иако со статус на земја-кандидатка, со историја на 16-годишно чекање пред портите на ЕУ и повеќе нереализирани ветувања од истата Унија (и покрај спроведувањето на побараните од неа, национално контроверзни жртви), Македонија веќе нема простор за правење нови „вересии“ во интерес дури на европскиот „мир во куќа“. Развојот на настаните во однос на евроинтеграциите, кога и покрај потпишувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција (кој од меѓународната заедница беше императивно истакнуван како последен услов за откочување на интеграциите во НАТО и ЕУ), за две години се соочи со две блокади за почеток на преговорите со ЕУ, треба да биде гласен аргумент за отфрлање на политиката „од готово – вересија“. Зашто нова „вересија“ со ветувања и барања на ЕУ за „излегување во пресрет на нечија загриженост“, Македонија ќе ја чини целосно обезличување до исчезнување и како современ политички ентитет, но и целосно бришење на нејзиното постоење низ историјата. Колку и да се минимизира меѓународниот политички статус на Република Македонија пред Преспанскиот договор, освен „придобивањето“ географска одредница во уставното име, со него беа прокоцкани позицијата добиена со пресудата на Меѓународниот суд за правдата на Обединетите нации од Хаг и признавањето под тогашното уставно име на 130-140 земји во светот, од кои три се постојани членки на Советот на безбедност на ОН.
Како единствено реализирано ветување на меѓународната заедница за Преспанскиот договор, Македонија може да го „вкнижи“ членството во НАТО, но факт е дека сојузништвото на ниво на партнерство со Алијансата и претходно функционираше.
Охрабрена од успехот на Грција, преку ЕУ да издејствува одредени историски концесии од Македонија, Бугарија нескриено и предизвикувачки со истата стратегија. Но овој пат предизвикот не е само спрема Македонија, туку еднакво и подмолно ѝ е поставен и на ЕУ. Ниту Македонија ниту ЕУ не може да си дозволат пазар „од готово – вересија“ со Бугарија!