Сето она што беше пласирано во јавноста поврзано со бегството и враќањето на Мијалков повеќе личеше на некаков лош театар, отколку на одговорно дејствување на институциите. За жал, пак се докажа дека системот очигледно има многу пукнатини во себе и дека во однос на владеењето на правото како држава сме заглавени во мрачен тунел, од кој не се гледа светлина
Последниот случај со ненадејното исчезнување, па потоа појавување пред институциите на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, првообвинет во случајот „Таргет-Тврдина“, несомнено фрли голема дамка врз начинот на кој функционираат институциите во државата.
Имено, овој случај, како и некои слични примери од минатото, повторно го наруши угледот на нашата држава пред меѓународната заедница и го доведе под сериозен знак прашалник начинот на кој земјата го поима и применува во практика владеењето на правото. А тоа, за жал, не е ни приближно онака како што ѝ прилега на една земја што сака да биде членка на ЕУ и држава што е веќе составен дел на НАТО.
Старите рани и аномалии, персонифицирани во случајот „Мијалков“, кои одвреме-навреме имаат тенденција да излезат на површина, во јавноста само ги потврдуваат критиките добиени од странство што се однесуваат на лошото функционирање на нашата правна држава.
Нашата земја пак падна на тестот, односно не успеа да научи ништо од лекциите од минатото, кои очигледно ни се провлекуваат во системот од независноста, па досега.
Неделава пак се докажа дека системот очигледно има многу пукнатини во себе и дека во однос на владеењето на правото како држава сме заглавени во мрачен тунел, од кој не се гледа светлина. Сето она што беше пласирано во јавноста поврзано со бегството и враќањето на Мијалков повеќе личеше на некаков лош театар, отколку на одговорно дејствување на институциите. Така, на почетокот највисоките преставници на власта во државата, на законодавно-судската и на извршната, си ја префрлаа топката едни на други, избегнувајќи и да говорат за евентуална одговорност.
Кога разузнавачот исчезна, а полицијата не успеа да го пронајде, првиот полицаец Оливер Спасовски и обвинителката Вилма Русковска во своите изјави каде лежи одговорноста со прстот покажуваа на институцијата со која не раководат тие. Подоцна, кога Мијалков ги изненади сите и сам се врати, се сврте плочата и почна да се говори за некаков триумфализам, за уиграност, координација, за големи успеси итн.
Како голем „успех“ за враќањето на Мијалков се посочува и притисокот што бил извршен врз членовите на неговото потесно семејство (?!), што само по себе е проблем, бидејќи семејството не може да одговара за евентуалната вина на некој свој близок член. Вината е индивидуална, а не колективна или пак семејна, па затоа изјавите од овој профил се исто така разочарувачки за демократијата и правната држава.
Токму ваквиот тек на настаните само покажа дека државниот апарат очигледно е ’рѓосан, особено во годината кога живееме во тешки разочарувања предизвикани од битката со пандемијата на ковид-19 и со оние наметнати од проблемот што го имаме со Бугарија.
Можеби сме толку девастирани во очекувањата за тоа како државата треба да реагира во овие околности, па дополнително е непријатна и перцепцијата кај народот, што сите овие негативните случувања ги гледа како нешто на што е веќе навикнат и не очекува ништо подобро. Дотолку се урнисани правната држава и довербата во институциите, што граѓаните веќе изгубија верба дека што било може да се смени на подобро. Како да стана наша македонска судбина секогаш да работиме во полза на својата штета. Друга димензија на проблемот е што овие пропусти на системот нема да ги заборави ниту меѓународната јавност, чии амбасадори, пак, во овие моменти кога се обидуваме да станеме членка на Европската Унија го скенираат секој сегмент на нашето општество и однесување.
Дополнително, настаните со сигурност може да бидат и масло во огнот, кое ќе го додадат во Брисел оние што не ѝ мислат добро на земјата, па сето тоа може да е само нова пречка, со која уште повеќе ќе се закочи зачленувањето во Унијата.
Па затоа, повеќе од кога било, сите оние што се на одговорни позиции во државата треба да се подзамислат и да поработат на подобрување на состојбите.
Од однесувањето на секого од нив поединечно и на сите заедно зависат и иднината на државата и подоброто утре за граѓаните. А тоа ќе дојде само тогаш кога ќе се врати вербата во институциите и кога вистински и без какви било отстапки ќе профункционира правото и ќе завладеа правната држава. Кон сите и за сите еднакво. Без вистинска правна држава, и понатаму ќе останеме на опашката на Европа, без каква било перспектива за влез во Унијата.