Ако се прави некаква истрија на македонското современо, повоено, печатено новинарство, ако се прави некаква ранг-листа во која би биле запишани имињата на стоте најпознати новинари, името на Тачко Локвенец сигурно би се нашло во горната половина. Кога би се правела, пак, специјална жанровска листа на најдобрите пишувачи на репортажи, Тачко би зазел место меѓу првите десетмина.
Тачко, кој речиси четириесет години беше новинар на весникот „Нова Македонија“, не е само македонски новинар. Како дописник од Прилеп читателите го запознаа преку неговиот асли стил на македонски раскажувач и прикажувач, чиниш е наследник и доследник на неговиот дамнешен сограѓанин Марко Цепенков. Колку и да звучи ова претерано, не е далеку од вистината. Ако се прелистаат во архивите текстовите на Тачко, објавувани речиси четири децении на страниците на весникот „Нова Македонија“, ќе се види таа сличност. Бликаат во нив народна нарација, разни слики опишани низ зборови, чист едноставен јазик, наук со поук. Понекогаш пишувани како мешавина на стилови, микс на современ и народен говор, на македонски јазик со прилепски дијалект, обоени со блага доза прилепски курназлак, скриен хумор и цинизам, текстовите на Локвенец беа вистински новинарски деликатес на задоволство и на најистенчените читателски вкусови.
Текстови за сараи и манастири, за цркви и џамии, за корзо и дружба, за љубов и омраза, за блискости и непријателства, за историја и сегашност, за градови и села, за плодни полиња и македонски пустелии, напуштени села и урнати куќи, за археологија и споменици, за празници и делници, за прослави и слави, за боемија и сиромаштија, за ситни радости и големи неволји. Неуморно ќе прелистувате текстови посветени на професори, доктори, научници, на стопанственици (сега бизнисмени) и земјоделци, за успешни и пропаднати претпријатија, за стари борци од НОБ и за млади социјалистички активисти и трудбеници, за неспособни шефови и наградени ударници, за првата пушка и последниот куршум. Низ неговите текстови продефилирале стотици институции и илјадници имиња и презимиња на луѓе, стари и млади, мажи и жени.
Значи: во текстовите на Локвенец има луѓе, луѓе, неброено луѓе. Само со нему својствен стил, пристап и постапка, води разговори со стари учители и млади учителки, со тревари и исцелители, лекари и надрилекари, со попови и оџи, со овчари и налбати, со занаетчии чии занаети не се раѓаат туку умираат. Низ разговори, текстови и интервјуа е близок со глумци и режисери, со културни дејци и кафеански безделници, со писатели и скрибомани, со спортски тренери и играчи, со улични чистачи и вредни пожарникари. Нанижани се приказни за прилепски пазарџии и бозаџии, слаткарџии и кафанџии. Речиси во сите такви текстови има една непореклива константа: во нивната средина, во нивното средиште, централната фигура е човекот, човековата судбина, каков и да е човекот, каква и да му била судбината.
Од сите жанрови со кои се занимавал, а се занимал со сите, освен што не бил роб на политичкото новинарство, Локвенец стигнал неприкосновено до врвовите на репортажата, на репортерските записи, негов главен белег, сјаен блесок. До репортажата, тој жанр, што го нема во денешните весници, што е подзаборавен за жал. Жанр што Тачко го негувал со само нему својствен жар. Таа жар понекогаш избувната во оган или лексички пожар, Тачко на читателите им ја дарувал од срце, со посветеност, со искрен приод кон себеси и кон професијата.
Во аналите на македонската журналистика ќе останат запаметени неговите репортажи од Мариово и од други предели на Македонија, од повеќе села и градови. Сепак, центарот, оската на неговите текстови е Прилеп, градот во кој долги години беше дописник на „Нова Македонија“. Прилеп и Прилепско, речиси со секоја улица, со секое село, до секоја педа.
Како прилепска одредница, прилепски алманах, прилепска хронологија на осумдесеттите и деведесеттите години на 20 век може да се наведат само наднасловите на неколку негови повеќегодишни серијали. Еве ги нивните наднаслови: „Во Прилеп се зборува и молчи“, „Прилепски дневник“, „Судница – лудница“ и други. Тие беа текстови што се читаа не само од Прилепчани, нив со сласт ги читаа читатели низ цела Македонија.
Тачко Локвенец не е оригинален само по своето име (или прекар, сеедно) и презиме, тој е оригинален како новинар. Како таков ќе остане запаметен не само во моите сеќавања. За голема жал на новинарството во Македонија, такви пишувачи како Тачко речиси нема. Нема ни такви човечки теми, човечки судбини. Во денешното македонозападно новинарство можеби сѐ има, но човекот го нема. Тој е ставен на маргините, човековата судбина не е новинарски интерес. Ниту од морален, ниту од материјален аспект.