Насловот на колумната е мисла на нашиот премиер, кој е очигледно вљубен во сопствената влада и своето беспрекорно владеење (надвор од правото, ама во рамките на убавината!). Затоа, ми падна жал кога го видов како дава долго интервју покрај брегот на Охридско Езеро, токму на првиот ден на заслужениот годишен одмор. Но ако можеше Груевски 24/7, може и Заев. И повеќе од него, ако треба. За волја на вистината, вредно работеше и за време на празник Илинден (одеднаш наречен Денот на Републиката, и речиси успеа да не го спомне зборот на М): ја отвори кампањата за референдумот од Пелинце (иако законски таа почнува на 10 септември, ама „ху кеарс“, што би рекол тој откако поднаучи англиски), а веднаш потоа да гради добрососедски односи со Бугарија, поклонувајќи се на непостоен гроб на Делчев во Благоевград, чии мошти почиваат среде Скопје.
Веројатно тоа беше показна вежба како отсега ќе функционира историскиот ревизионизам: ќе се поклонуваш и веднеш глава пред нешта што не постојат, а ќе мижиш пред оние што постојат. „Вежи коња где ти газда каже, па макар коњ умро!“ Нема да навлегувам во целината на тоа „охридски бисер интервју“, водено од дури двајца новинари (патем, едниот од нив се прослави со интервју со некоја порно-ѕвезда Стоја, која покажа не само интегритет туку и интелигенција за разлика од други соговорници). Најмногу ме израдува крајот на интервјуто (кое мазохистички го следев докрај), во кое премиерот ни раскажа како ќе си го помине одморот. Не ми се веруваше, ама рече дека сака да прочита книга! Не кажа која, а јас толку би сакала да му препорачам топло да го прочита Уставот, особено Преамбулата, членот 1, 2 и 8. Се разбира, не смее да ги прескокне и наредните членови што се однесуваат токму на човековите права, па и ингеренциите на институциите. Всушност, мал е Уставот, треба да го знае наизуст. Кога гледаме како резонира и како го толкува, човек мора да се праша дали можеби и го прочитал, ама свесно го крши – дел по дел! Впрочем, во Владата му седи професорка по уставно право – не е можно да не знае дека одлуката донесена два дена пред Илинден е противуставна!
Односот на власта кон највисокиот правен акт на државата е во најмала рака релативизаторски, бидејќи даваат заклетва дека ќе го бранат, она што потоа систематски го кршат. Ова ме потсети на една анегдота што ја слушнав неодамна, а се однесува на случка од 1946 година, кога еден пратеник на опозицијата (Давидовиќ) се повикал на владеењето на правото и на Уставот, па го добил следниот одговор од Моша Пијаде, тогашен претседател на Народното сојузно собрание на ФНРЈ: „Ма дај, знаеш дека Уставот го донесовме само поради Англичаните!“ Подоцна, во 1970-тите, и Тито даде една „легендарна“ изјава, која изгледа и денес е многу популарна: „Некои судии се држат за правото како пијан за плотот“. Ова се однесува на конкретен (хрватски) судија што одбива да пресуди во случај на наводна противдржавна дејност, држејќи се строго до законот и доказите. Во Македонија постои таква алергија кон правото, што дури и универзитетски професори и новинари врескаат „аман од тоа право! И јас сакам да сум легалист, ама не е време сега за тоа!“. И нашиве отсекогаш размислувале како Пијаде во 1946-та, иста ментална матрица!
Не верувам дека Заев ќе фати книга в рака (ако досега евидентно тоа не му било хоби, ништо не прави за десетдневен одмор). Многу повеќе му лежи другиот дел од планот „да го размрда Охрид и да му внесе живот“, повикувајќи ги другарчињата со глисери да волонтираат за дружба. Но пред да замине во забавниот дел, кажа неколку работи што не смееме да ги премолчиме (иако новинарите голтаа кнедли и молчеа, исто како оние порано пред Груевски). Прво, од позиција на премиер зборува дека е неважно каков бил референдумот (консултативен или задолжителен, не било важно), дали бил по овој или оној член – небитно! Може уставните правници да „овулираат“ во ставовите, да се фалат дека се како Фауст и дека веќе антиципираат некои идни (европски) уставни норми, ама додека не се смени, во за тоа предвидена постапка, Уставот е света книга на секоја либерална демократија. Второ, како е можно премиер, па и министер за полиција да знаат детали од предистражна постапка, која е тајна во согласност со законот? Како можел Заев, кој леташе од Пелинце до Благоевград, и назад до Охрид, да знае детали за лица повикани на информативен разговор? Тој вели: „Јас сум премиер, знаете, и министерот за полиција сѐ ми кажува, ние будно следиме сѐ!“ Да, ама и министерот за полиција не смее да знае детали од постапка што во согласност со закон се води како тајна! Груевски падна заради следењето и прислушувањето, заради корупцијата и контролата на неистомислениците – кога се прелеа чашата! Овие верно го следат неговиот пат и се фалат со она со кое треба да се срамат.
Дали ви се чини нормално кога премиер, онака насмеано и беневолентно, заговара политика на недопирливост и неказнивост за неговите министри, кои се во директен конфликт на интереси при делење грантови и субвенции? А новинарите како статисти на годишен одмор.
Груевски прозиваше политички неподобни новинари на своите митинзи, а Заев го надминува како врховен цензор, барајќи оставки од директорот до новинарите на МТВ затоа што за празничната програма поканиле двајца професори што се дрзнале да зборуваат против „стратегиските и државни интереси на Република Македонија“! Новинарите во импровизираното студио (шанк!) не само што го премолчеа ова туку и инсистираа на одговорноста на нивните колеги. Нејасно е како можел Заев да знае што тече на програмата и како неговиот говор го коментираат во студиото; впрочем Министерство на вистината е платено да врши улога на цензор! По хистеријата на социјалните мрежи, следуваше официјално барање оставки од штабот на владејачка партија, која има други механизми за постапување ако некој крши закон.
Хајката праќа јасна порака: НАТО и ЕУ се од таков државен интерес, што секој збор што отстапува од поставената линија е напад на државата (Raison d’État). А сето тоа во пресрет на референдум, на кој наводно имаме право да гласаме и ПРОТИВ! Оние што до вчера се бореа за слобода на говорот, очигледно мислат само на слобода за себе, а не и за неистомислениците. Слободата на мисла подразбира и слобода без закани да се слушнат „еретички“ ставови, особено ако доаѓаат од академската сфера. Оваа атака опоменува дека ако треба или да си воведеме самоцензура – за да не ги носиме на душа новинарите што нѐ поканиле – или да молчиме. Покрај споделувањето информации, новинарите имаат мисија и да им опонираат на политичарите, па и да ги посрамотуваат кога лажат и чинат противзаконски и неморални дела (како што вели Пуховски). На интелектуалците не само што не им прилега да зборуваат од позиција на raison d’État (тоа доволно го прават политичарите), туку примарна им е позицијата на правната држава (État de Droit), човековите права и моралот.
Се прави баланс (на добивките и загубите) од уште еден илинденски „бој“: се бројат раните, се мери пизмата, се нижат обвинувања, се трага по говор на омраза, се воведува вербален деликт. Полицијата вредно работи и приведува. Мнозина останаа со чувство дека е ова последниот Илинден што се слави како државен празник. (Во согласност со Преспанскиот договор, Грција ќе може да тужи пред Меѓународниот суд на правдата, бидејќи Илинден, т.е. Крушевската Република и АСНОМ ќе се „ревидираат“ во преамбулата како „знак на иредентизам“, па нема да смее да се чествува од буџетот.) Но најголема колатерална штета на празникот се човековите права.
Потребите на државата (па и на меѓународни фактори) се ставаат над индивидуата и правото да мисли инаку од државата. Ова е демократија што не сака да е плуралистичка; а во едноумие стратегиските приоритети на државата се нешто со кое граѓаните легнуваат и се будат. Државата го крши правото во името на некаков супериорен критериум или мотив, а тоа е принцип над сите принципи во (идната) Северна Македонија. Прогресивците се закануваат со влечење за уши на референдум и со апокалиптични сценарија (ако не успее), користејќи ги (повторно) и Албанците како плашила (а, богами, и нивните политичари се закануваат во стилот „не гарантирам“).
Кога националистите ќе возвратат во сличен стил, овие глумат лудило, се шокираат и изигруваат светци, па посегаат по апсења за говор на омраза. Во земја во која омразата се лее секојдневно, во која професори (во колумни) повикуваат на клање, а новинари на чистки и темјан, во која не се залечени раните ни од 2001-та, а ни постарите, додаваат сол на рана и вијат во неа со мешавина на пелин и мед, страв и ветувања за живот.