Изминатата деценија на дело се покажа дека САД и Европа имаат различни интереси и дека нема гарантирано единство на трансатлантската интеграција како што постоеше за време на претходната Студена војна со СССР. Со сè што го уништува меѓународниот правен и мировен поредок, моќта и влијанието на недржавните чинители во меѓународните односи пораснаа, па корпорациите и финансиската индустрија ги водат своите геоекономски војни и ја претвораат целата меѓународна заедница во глобализиран нерегулиран пазар на геоекономска конкуренција. Тешко е да не се види дека меѓународниот поредок каков што беше создаден по Втората светска војна неповратно се распаѓа, а нов сè уште се нема појавено. Тоа е директен ефект од потезите на глобалните и новите регионални сили на геополитичката сцена и низа драматични настани што тие ги предизвикаа во текот на изминатата деценија, се вели меѓу другото во анализата на Марио Стефанов за „Геополитика“, чии делови ви пренесуваме во неколку продолженија
Хаосот на речиси уништениот мировен поредок, без правила, дополнително се разгорува со зголемувањето на бројот и силата на регионалните актери што управуваат со нивните повеќе или помалку независни геополитички делови. И големите и малите, и глобално моќните, исто како и регионалнитe шерифи – сите тие се обидуваа да создадат нови или да ги обноват своите поранешни империи. Велика Британија излезе од структурата на ЕУ во текот на изминатата деценија и се свртува кон доктрината „Глобална Велика Британија“, со нескриени амбиции да се врати на старите империјални позиции. ЕУ се обидува да создаде глобална ЕУ и да се искачи на позициите на глобалната моќ. Турција ги создава своите сфери на геополитичко влијание во областите каде што некогаш се протегала Отоманската Империја. Русија се обидува да создаде своевидна тампон-зона кон проширување на ЕУ и на НАТО, потпирајќи се на историското наследство на империјата Романов. На Франција не ѝ паѓа на ум да се откаже од својата африканска зона на постколонијална доминација, позната како „Françafrique“ и нејзиното влијание во Источниот Медитеран.
Обединетите нации станаа значително атрофирана и нефункционална меѓународна институција без какво било значително влијание, а на почетокот на минатата деценија ѝ дадоа навистина сомнителен правен легитимитет на воената интервенција на САД и сојузниците во Либија, што ја уништи земјата до темел, го разгоре исламистичкиот екстремизам и предизвикаа невидени варварски крвави судири на разните исламистички фракции во стилот на Лудиот Макс. Дури и денес, овие и вакви ОН го признаваат легитимитетот на исламистичката влада во Триполи, која не може да ги доброи ниту масовните гробници на нејзините противници и невиното население на територијата под нејзина контрола, а пазарите на робови се вообичаена појава. Од своето основање, ООН никогаш не покажа способност да ги реши меѓународните кризи и секогаш, преку својот Совет за безбедност, всушност беше место за договарање на постојаните членки на тој совет. Но она на што ООН спадна во текот на изминатата деценија е чиста карикатура. Никој веќе не ги користи т.н. „сини шлемови“, мировниците предводени од ООН, а наместо тоа, тие се заменуваат на светските боишта со воени сили на светските моќници, кои ги уништуваат последните остатоци од меѓународниот поредок.
На растечката смрдеа поради неуспешниот мировен поредок укажуваат дури и економските и политичките центри на моќ, кои во голема мера се одговорни за ваквиот развој на настаните во последните децении. Така, завршниот извештај на глобалните светски ризици усвоен по состанокот на Светскиот економски форум во 2018 година во Давос ја опишува состојбата на меѓународните односи како крајно хаотична и тешко предвидлива. Во него, префинетиот дипломатски речник дава анализа за моменталната состојба на односите на светската сцена и процена на нејзиниот понатамошен развој. Оваа процена на прегледот на глобалните ризици е крајно индикативна поради нејзиниот пророчки карактер, бидејќи сега, ниту три години по нејзиното усвојување, може да се види дека сè што е наведено во него навистина се остварило.
Бидејќи во Давос не се собираат гатачки, туку банкари, бизнисмени и политичари што цврсто ги држат дизгините на власта во свои раце, сосема е сигурно дека документите усвоени во Давос не претставуваат каква било процена на развојот, туку се некој вид програма за тоа што ќе се случи на меѓународно, економско и политичко поле. Давос не ги опишува настаните, туку ги создава.
Во документот од состанокот во Давос во 2018 година, под наслов „Извештај за глобални ризици 2018“, стои: „Светот влезе во нова и вознемирувачка геополитичка фаза. Не само мултиполарниот туку и мултиконцептуалниот развој е на дело.
Нема повеќе безбедносни претпоставки од периодот по Студената војна за постоењето на цврсти норми и институции на чии основи водечките светски сили би можеле да се приближат и да ги усогласат нивните интереси. Ова создава нови ризици и неизвесности – зголемување на воените тензии и економско-трговски нарушувања. Меѓународните односи сега се движат по различни насоки – преку неконвенционалната воена акција, која ги вклучува новите извори на сајбер-закани, трансформирани и целосно променети трговски и инвестициски врски, конфликти преку посредници и неочекувани промени во динамиката на постојните (воени и политички) сојузи… На тој начин предизвиканото зајакнување на цврстата државна политика доведува до губење на јачината на глобалните норми и растечката тензија меѓу големите сили, што се рефлектира и во моќните и во малите држави. Ова, пак, произведува сè поагресивни геоекономски агенди и создава зголемени притисоци со кои се соочуваат послабите држави“.
Прегледот на глобалните ризици за 2018 година понатаму заклучува дека во такви околности, повторното воспоставување на „државата на моќ“ логично се појавува како сè повеќе „привлечно стратегиско сидро“. Во него се вели: „Конкретно, националистичките агенди и надворешното претставување на силна држава стануваат ефективна стратегија за владите што сакаат да ги поправат согледаните сегашни или минати меѓународни понижувања.
Си Џинпинг во Кина повикува на ренесанса на кинеската нација, за на тој начин да го остави зад себе еден век понижувањето на земјата. Во САД, претседателот Трамп се обидуваше да ја обнови Америка по децении искористување, Велика Британија се обидува да ги зајакне позициите и да ја врати контролата по напуштањето на ЕУ, Шинзо Абе го зајакнува национализмот во Јапонија, во Русија Путин го охрабрува обновувањето на руското меѓународно влијание во урнатините на поранешниот Советски Сојуз, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги решава сметките со неговите домашни и меѓународни противници.
Анализата на Светскиот економски форум заклучува: „Интензивирањето на националистичките и силните државни приказни создава ризици на домашен и на меѓународен план. Профилот на овие ризици ќе варира од случај до случај, во зависност од тоа како се стекнува и потврдува моќта и кон кого се користи“.
И навистина, сè што е кажано токму сега се случува пред нашите очи.
Нема повеќе идеологија како двигател на акција или трајни сојузи. Сè е од денес за утре, како и во вистинското деловно опкружување на економските субјекти.
Државите на овој слободен пазар, создадени врз урнатините на поредокот воспоставен по двете големи војни, со неподнослива леснотија на игнорирање на своите обврски од меѓународните договори, како билатерални така и мултилатерални, како и на одредбите од меѓународното право, немилосрдно се борат за своите геоекономски и геополитички интереси.
Изминатата деценија на дело покажа дека САД и Европа имаат различни интереси и дека нема гарантирано единство на трансатлантската интеграција како што постоеше за време на претходната Студена војна со СССР.
(продолжува)
Марио Стефанов