Во последните 50 години, популацијата на ајкули и раи е намалена за 71 процент, покажува студијата објавена во списанието „Нејчр“.
Значителното зголемување на риболовот од 1970 година овозможило значително да се намали бројот на единките од споменатата популација. Се смета дека половина од 31 вид ајкули во светот се загрозени или критично загрозени, предупредува Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП).
– Намалувањето на бројот кај овие животински видови не запира. Нашите океани се многу исцрпени и ни требаат проактивни мерки за да спречиме колапс. Ова треба да биде повик за будење за носителите на одлуки – вели Нејтан Пакуро, водечки автор на студијата и истражувач на канадскиот универзитет „Симон Фрејзер“.
За оваа студија биле користени податоци од претходни студии, како и податоци за улов. Авторите на студијата стравуваат дека бројот на ајкули и раи е всушност уште помал, затоа што не располагаат со податоци од 1950 година, кога започнал масовниот индустриски риболов.
Покрај прекумерниот риболов, причините за овој проблем се ударите од бродови во ајкулите, експлоатацијата на нафта и гас и климатските промени. Претходните податоци покажале дека годишно се убиваат 100 милиони ајкули, што ја намалува нивната способност да се размножуваат.
– Постојаниот пад на бројот на овие животински видови покажува дека виталниот дел од екосистемите во океаните не сме го заштитиле од прекумерен риболов. Тоа негативно ќе влијае на самите океани ако не сториме нешто – предупреди Касандра Ригби, биолог од универзитетот во Австралија „Џејмс Кук“ и коавторка на студијата.
Истражувањето открило дека ситуацијата малку се подобрила по 2000 година. Падот на бројот бил забавен во Тихи Океан, но тоа не било случај во Индиски Океан, каде што бројот на ајкули и раи постојано опаѓа од 1970 година.
Биологот Ригби ги повика властите да се посветат на риболов што ќе се заснова на, како што вели, науката. Таа потсети дека на тој начин мора да се заштитат видовите што се клучни за екосистемот.
Научникот Мараја Пфлегер, пак, смета дека државите треба да забранат продажба и трговија на перки од ајкула. На ова се инсистира во САД, а во Канада тоа беше сторено во 2019 година, пишува „Гардијан“.