Има работи, драги мои, што изгледаат исто, ама не се исто нешто. Има општествени појави што се блиски, но не се од ист вид. На пример, оној што трча рекреативно покрај кеј еднаш во неделата навидум изгледа исто со оној што трча маратон или спринт, ама не е атлетичар. Оној што сади домати во бавча ја прави истата работа како и оној што работи во оранжерии, ама првиот е љубител на домати, а вториот производител на домати. Исто ама не е исто. Така, во Македонија, на ист начин се перципираат културата и уметноста. Како иста работа. Па, вообичаено, така и се конципирани, во пакет, како „култура и уметност“. Култура е, драги мои, сѐ што може секој од нас, по сопствен избор, да го практикува како надградба на својот живот, на својата основна професија или примарен животен повик во сите други области освен во уметноста. Па, така, ние имаме индустриска култура, здравствена култура, сообраќајна култура, кулинарска култура, па дури и спортска култура.
Но не постои идеја за уметничка култура, нели? Зошто е тоа така? Затоа што уметноста не е нешто што се практикува како надградба, туку како примарна општествена појава. Оттука произлегуваат голем дел од проблемите во културата и уметноста, особено кога таму е замешана политиката. Да не се разбереме погрешно, културата, по логика на нештата, како дејност на Министерството за култура е работа на политиката и политичарите. Културата да, ама не и уметноста.
Еднаш засекогаш треба да го разбереме тоа. Ако сакаме да решиме некои односи, еднаш и засекогаш. Но како да стигнеме дотаму? Тоа има свои истории, една од нив е вистината дека сѐ што е изградено и утврдено како факт на културата и уметноста во Македонија е дело на Сојузот на комунистите на Македонија, особено во седумдесеттите и раните осумдесетти години од минатиот век, кога, свесни за промените што доаѓаат, тогашните комунисти изградиле бедем од институции од културата и уметноста, кои се основната обвивка на идентитетот на еден народ. Еве, јас со тој факт немам никаков проблем. Така беше и во мојот роден град Струмица. Средината на осумдесеттите години од сега веќе минатиот век, во градот навистина вриеше од културни и уметнички пориви, иницијативи, групи и поединци, кои беа поддржувани од институциите на системот, организациски и финансиски. Така се случи и дефинира онаа сцена на цела една генерација на уметници и културњаци, од кои голем дел се токму главните „бунтовници“ во врска со изборот на фискултурец за директор на центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. За тоа сакам да пишувам денеска, драги мои. Сето она што сега ви се гледа како настан на денот има своја историја, а разбирањето на таа историја ќе нѐ одведе, многупати сум кажал досега, до тоа да можеме да ја поднесеме сегашноста, но и да ја предвидиме иднината.
Еве ја генезата: како почна сето ова. Во 2002 година на власт дојде Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, премиер беше Бранко Црвенковски, а министер за култура на таа влада стана тогаш многу фалениот и успешен директор на битолскиот театар Благоја Стефановски, во театарските кругови познат како Баге. Човекот е покоен, нема да зборувам за него. Но ќе зборувам за реформите што ги направи во театарот, за што, така го рекламираа неговите, бил експерт, и долгогодишен и успешен во тоа што го правел. Тие реформи почнаа во 2003 година, а се интензивираа во 2004 година, кога премиер е Владо Бучковски, а градоначалник на Струмица Зоран Заев! Чудно, а? Ајде, да го видиме чудото. Со изговор дека тоа е директива од Европската Унија (како а?!), со која се инсистира да се скратат институциите од културата (замислете!), тогашниот министер за култура ја започнува реформата, со која се укинуваат „народните театри“ како институции (тоа се првите професионални институции од културата формирани веднаш по ослободувањето, со многу мака, труд и посветеност на Сојузот на комунистите на Македонија), и така Прилеп, Штип, Куманово и Струмица остануваат без атомот, основната клетка на уметничкото живеење во тие градови, околу кој гравитираа и се развиваа како синкретика и литературата, сликарството, вајарството, фолклорот, музиката, модата и целото интелектуално живеење на тие градови.
Она што и тогаш, а и сега, беше чудно е зошто истиот принцип не беше применет и во Битола?! Тогаш имаше различни приказни, од најтривијални, кои се сведуваат на локалпатриотизам, па до други пикантерии што не заслужуваат внимание, но сега се радувам што не го направил тоа, па барем битолскиот театар, колку толку, остана институционално здрав. Таа реформа, која беше единственото нешто што го направија социјалдемократите во културата за време на нивниот мандат од 2002 до 2006 година, донесе последици што денес ги гледаме, а ќе останат да бидат она што и тогаш и сега сум го зборувал: центрите за култура да се претворат во депонии за политичкиот отпад во градовите, особено во Струмица, од каде што потекнувам и каде што сум бил жив сведок на настаните што сега произведуваат конфликти и антагонизми што немаат решение. Што се случува, драги мои, за тие што не ги познаваат работите?! Таа влада на СДСМ ги укина театрите и формира таканаречени центри за култура, кои во себе си ги инкорпорираат, според соцреалистичките номенклатури и потреби за општествената надградба, сите оние дејности што тие сметаа дека се блиски или слични – како што се театарот, применетите уметности, музиката, фолклорот, образованието и, замислете, општите граѓански културни и уметнички потреби, што во суштина е аматеризам, односно состојба на хоби или рекреација. Кажав во воведот, средиште за задоволување на општите културни потреби од сите сфери на општественото живеење. Па, така, во тие институции се случи она што и тогаш сме го зборувале и на што сме предупредувале: сегрегација и потиснување на професионалните и висококвалитетни дејности (логично е поради времето и вложените средства тоа да е театарот!) од општите потреби за јавна, аматерска, дилетантска култура, уметност и забава што беше перцепција на оние што беа ставени да управуваат со тие институции, кои се направени само и единствено да послужат како социјални центри во кои, внимавајте, како управители ќе се вдомат сите оние што не ги бива во стопанството, администрацијата и образованието, затоа што за да се биде директор во културна институција, според сите партии, треба само да не се биде успешен во ништо друго! И точка.
Па, така, ова што се случува со сега изборот на учител по физичко да биде директор на центарот за култура во Струмица не е нешто спектакуларно ново и вчудовидувачко, напротив, освен во еден краток период, кога директор на тој центар беше актерот Ванчо Мелев, сите други директори и управи биле бакалџии, зарзаватчии и трговци и од СДСМ и од ВМРО, да не се лажеме. Дури и оние што не биле, се однесувале така, затоа што тие институции сами по себе создаваат антагонизми што водат кон конфликти. Оттука, исклучително е неважно дали на чело на центарот за култура ќе биде актер, режисер, сликар, културолог или историчар на уметноста, верувајте ми! Тој човек, кој и да е, какви и да се неговите квалификации, компетенции, знаења и вештини, нема да го издржи притисокот што врз него ќе го направат другите дејности, а тоа не се театарски и уметнички, па на крајот сѐ ќе води, како и досега, кон конфликти, борби и пропаѓања на сите дејности, не само на театарот! Убеден сум, и Питер Брук да го донесете да биде директор на центарот за култура „Антон Панов“, проблемите нема да се решат, од проста причина што се работи за форма на институција што во краен случај е поставена така за да биде дисфункционална и постојано да произведува конфликти што ќе водат кон распад. Ете ги почетните намери. Вратете се погоре, кога се направени овие институции: премиер Бучковски, градоначалник Заев, министер Баге!
Драги мои, распадот на Македонија преку нејзиното културно обезличување, што е почетокот и крајот на пропаста на една нација, е започнат во далечната 2004 година, а апологети и извршители на тој проект се истите тие луѓе што денес го довршуваат тоа што го почнаа веднаш по војната во 2001 година, кога беа определени за егзекутори на нацијата и државата. Точка по прашањето. Постојано ви велам дека се работи за истите тие луѓе, за истата таа групација и за истите тие проекти. Да не мислите дека зад нив стои армија. Не, стојат пет-шест влади со нивните амбасади во Скопје. Толку е. Се сеќавам, многу добро паметам, тогаш институцијата дом на културата во Струмица се викаше „Благој Мучето“ и имаше дебата за тоа зошто од јавниот простор се симнува името на херојот на Струмица. Одговорот го даде една година подоцна истиот оној талибанец што бришеше спомен-плочи, а особено денес, со менувањето на именките и придавките на Македонскиот народен театар, Македонската опера и балет, Македонската филхармонија, Македонската академија на науките и уметностите, кои се репрезентот на националните достигнувања во уметноста на еден народ.
Но што се случи во меѓувреме? Единаесет години власт во Македонија, а со тоа и на државно институционално ниво, беше ВМРО. Дали нешто се промени? Да не се лажеме, тоа е доволно време за промени. Па, походот на Александар Македонски до Индија и назад траел десет години, да му се сневиди! Центарот за култура во Струмица, како и другите центри во Прилеп, Куманово и во Штип, станаа депонии не само за директорската туку и за „културно уметничката“ фира, драги мои. Ајде, погледнете малку и во себеси. Молчевте кога ВМРО вработуваше суво и сурово, со и без квалификации и компетенции, па се замешавте со културни и уметнички помии и трици до гуша, а сега се чудите што дошле свињите да ве јадат! Така си е тоа. Пред десет години го зборував истото ова што го пишувам сега. Затоа и престанав да одам во центарот за култура и во театарот, за жал. Немаше таму што да се прави, освен да се сплеткари по ходници. Мене тој дел од уметноста не ме интересира. Но прашањето е сега на каде? Како да се реши овој проблем? Многу едноставно. Вратете сѐ онака како што било пред 2004 година и укинете ги реформите на комуњарите.
Шеснаесет години се доволно за да разбереме дека ова не функционира, наспроти старото, кое го положило најтешкиот, испитот на времето. Народниот театар во Струмица е свечено отворен на 2 мај 1949 година и се развивал, со нормалните уметнички, кадровски и општествени амплитуди нагоре и надолу, но секогаш на подобро, сѐ до кобната 2004 година. Каков дополнителен доказ ви треба за ова? Струмичкиот театар беше фабрика за производство на драматурзи, сликари, музичари, вајари, но и фабрика за производство на општи достигнувања, општествен вкус, интелектуален дискурс, образование и воспитување.
Што е денес? Денес немаме театар во Струмица. И на крајот, да ја завршиме ова драма со малку комични елементи, па, нели, зборуваме за театар! Во сега далечната 1984 година, старата зграда, она што денес се нарекува стариот струмички театар, била забранета за употреба, а ансамблот преселен во тогашниот дом на културата. Тоа е предгенезата на проблемот. На умните луѓе им е сосема јасно дека проблемите секогаш завршуваат таму каде што започнале, па долги години, да не речам децении, во Струмица, на секои избори, проект број еден беше изградбата на зградата на стариот театар.
Во 2011 година мои пријатели и соработници, функционери во тогашното струмичко ВМРО, побараа да направам идеен проект за изградба на театарот. Го направивме, имавме и јавна презентација на Цареви Кули. Паметиме? А? Тогашниот градоначалник жестоко нѐ нападна дека никогаш нема да го започнеме тој проект и дека најдобро е да му го дадеме нему, па тој, како татко на градот што е животно заинтересиран за тој театар и за градот Струмица, ќе го изградел, ако треба и со свои средства! Нејсе, изградбата започна во 2013 година, власта се промени во 2015 година, сега сме 2021 година, тој тогашен градоначалник на Струмица сега е премиер на Македонија! Театарот до каде е? За пријатели прашувам? Го гледате ли првиот чекор? Театарот си бара театар, не дом на култура. Џабе се мачите. Сѐ додека не се врати театарот во театарот, проблемот ќе биде културен а не уметнички и ќе го решаваат политичари што логично е да управуваат со културата, утврдивме веќе зошто. Но уште еднаш за крај: уметноста и културата изгледаат слично, ама не се исто.
Авторот е режисер и универзитетски професор