Британската компанија „Астра зенека“ се согласи да го објави редактираниот договор што Европската Унија и фармацевтската компанија го потпишаа на 27 август 2020 година.
Комисијата наведува дека договорот претставува цврста обврска на компанијата да ги достави дозите според планот, без оглед на статусот на дозволата за употреба на вакцината за време на потпишувањето на договорот.
– За нас, воопшто не е доведено во прашање она што е прецизирано со договорот – велат од Комисијата.
Портпаролот на ЕК, Ерик Мамер, повтори дека договорот бил потпишан однапред, пред да се даде зелено светло за вакцините на „Астра зенека“ и оти документот прецизира дека нема да има испораки доколку не се добие одобрение од Европската агенција за лекови.
– Постои клаузула што имплицира дека компанијата произведува дози пред авторизацијата за да може да го почитува планот за испорака веднаш кога ќе го добие потребното зелено светло – вели Мамар.
Објавениот договор содржи преработени делови што се однесуваат на доверливи информации, како што се детали за фактурата, а ЕК наведува дека во договорот се споменуваат и фабриките на „Астра зенека“ во Велика Британија за кои било договорено да придонесат за испорака на дози до ЕУ.
Голем дел од договорот е замаглен
На компанијата ѝ е дозволено да ги прикрива клучните делови во јавно достапната верзија на договорот. Дури 95 проценти од затскриените делови на објавениот договор биле замаглени од „Астра зенека“, а само 5 проценти од ЕУ.
– Сè што беше замаглено, односно 95 проценти од замагленото беше направено од компанијата. ЕУ го затскри само делот што се однесува на она што ќе се случува понатаму во разговорите. Не сакавме да го одложиме објавувањето на договорот расправајќи се со нив за толкувањето за тоа што е тајна, а што не е – вели извор од Унијата.
Проблемот е, се разбира, во толкувањето на клучните клаузули, како онаа за потребата од „вложување најдобри разумни напори“, како и толкувањето на делот за производствените капацитети од кои вакцините на „Астра зенека“ ќе одат во земјите на ЕУ.
За ЕУ, според европскиот извор кој им го објасни споменатиот договор на новинарите, не е прифатливо компанијата да биде таа што може да процени сама дека сторила сè што е во нејзина моќ.
– Интерпретацијата на ‘Астра зенека’ е субјективна. Нивното толкување е: ‘Мислиме дека сторивме сè што е во наша моќ. Никој не смее да го доведува во прашање тоа’ – рече изворот додавајќи дека компанија со таков капацитет не може само да каже дека не е во можност да ги исполни обврските од договорот.