На 4.11.2020 година кај министерката за образование и наука Мила Царовска писмено барав прием, со цел да го изнесам мојот став за реформите од 2007 и 2017 година, како и за реформата во 2021 година, во која музичкото и ликовното образование се ставени на маргините, како еден предмет, или во првoто полугодие ќе „учат“ музика, а во второто ликовно образование. Министерката вели учениците ќе стекнат „завидна духовна музичка и ликовна култура“?! Одговор на моето барање од министерката не добив! Сите министри мислат дека се eксперти за сѐ и не им треба совет од некојси 85-годишен пензионер, кој 67 години активно и сѐ уште се занимава со музичка педагогија и кој има напишано и објавено пообемен опус на стручни и научни трудови, над 100! Сметам, секој министер го носи епитетот министер, меѓутоа, ако во музиката не доживува чувство на радост, среќа, љубов, нежност, тага, расположение, задоволство, а не знам дали знаат кога овие емоции ќе станат дел од процесот на учењето, образованието станува побогато, позначајно, долготрајно и врши поголемо позитивно влијание на личноста на ученикот. Претходниот исказ можеби нема да ѝ се допадне на министерката, иако во секое историско време музиката ја признавале како битна компонента во процесот на образованието, за жал, освен кај нас!
Живееме во време на брза и бурна трансформација, која се огледа во збогатување на вокабуларот, знаења, образовна технологија и информации, а грижата за духовната музичка и ликовна култура и квалитетен живот станува сѐ поголема. Сведоци сме на промена сликата на ученикот – наставникот, во што голем удел имаат музичкото и ликовното образование.
Музиката е извор на емоции и естетски доживувања, со далекосежно влијание на човековото битие уште кога детето е во мајчината утроба, ако мајката на нероденото дете му пушта класична музика, му пее песни, раскажува приказни… Музиката на детето му внесува емотивна топлина, радост, среќа, задоволство, душевен мир, ја збогатува неговата духовна и музичка култура, сегменти мошне значајни за неговиот психофизички интегритет и менталитет. Музиката мошне придонесува за развој на интелектуалните и творечките музички способности на ученикот и за формирање позитивни ставови и вредности. Уште древните цивилизации музиката ја сметале како моќно средство што може да го промени карактерот на поединецот и да влијае на масите во животот и работата. Тие не ја чувствувале како нас, но ја чувствувале нејзината моќ.
Пред многу векови Платон рекол: „Музиката за образованието е поефикасен инструмент од кој било друг. Таа е гимнастика на душата, која го воодушевува и го сплотува целиот свет, бидејќи има моќ да ја облагородува човековата ученичка душа“.
Најновите психолошки, музикопсихолошки и невролошки истражувања утврдиле дека музиката игра значајна улога врз единката, семејството, училиштето и, пошироко, во општеството, бидејќи е мошне важен фактор за личниот развој на детето и неговиот менталитет.
Последната декада од 20 век е позната како декада на испитување на улогата на музиката во развојот на мозокот на учениците. Научниците откриле дека класичната музиката и пеењето песни придонесуваат за развивање на десната хемисфера, а свирењето на инструмент придонесува за развој на левата, предниот и задниот дел на мозокот, што го потврдува фактот зошто луѓето можат да научат и да задржат информации подобро кога се поврзани со музиката. Кога музиката го ангажира целиот мозок на секое ниво, учењето се забрзува и збогатува.
Мнозина се прашуваат дали музиката навистина прави некоја разлика во процесот на образованието? Одговорот е да, да и секогаш само ДА!
Денес музичкото образование има нова улога во училиштето, од која се бара не само музичко образование туку и образование на чувствата предизвикани од музиката (љубов, радост, среќа, топлина, задоволство, достоинство, одлучност, патриотизам, надеж, тага…). Основно мото во музичкото образование се ученикот и музиката т.е. музика се учи со музика.
Веројатно веќе се формирани или е во тек формирањето на реформските комисии. Не може секој да биде член на реформската комисија ако во музиката не доживува чувство на радост, среќа, љубов, нежност, тага, расположение, задоволство, бидејќи овие емоции стануваат дел од процесот на учењето, тогаш образованието станува побогато, позначајно, долготрајно и врши поголемо влијание на ученикот, на неговиот интегритет и менталитет. Членот на оваа комисија треба да биде солиден стручњак, да ги познава современите тенденции на музичка педагогија, дидактика, методика, образовна и развојна музичка психологија, образовна музичка технологија… Членот на реформската комисија треба да има капацитет, кредибилитет, креативност, когнитивни спознавања, да биде консеквентен.
Успехот на реформата во образованието во 2021 година зависи и од рецензентската комисија, која има задача да го вреднува квалитет на учебниците по распишан конкурс од МОН. Кај нас, во реформите од 2007 и 2017 година рецензентите се избираа на конкурс, раритет во светската учебникарска дејност. Не може секој да биде рецензент, иако има желба или некој(а) персона го поддржува поради лична корист! Рецензентот треба да биде пред сѐ солиден стручњак, да има: кредибилитет, капацитет, квалитет, креативност, когнитивни спознавања, да е консеквентен, добро да ја познава наставната програма, да ги познава современите тенденции на музичка педагогија, дидактика и методика, образовна и развојна музичка психологија, да има свое его, да не потпаѓа под туѓо влијание, да биде конспиративен. Рецензентите не смеат да се познаваат и да „рецензирате“ во заедничка просторија во МОН, како што беше во реформите од 2007 и 2017 година, поради што не треба да се чудиме зошто образованието, наместо да оди по нагорна линија со европски стандарди, се движи по надолна линија до последното скалило и дојде на ниво од 1960 година. Многу квалитетни учебници собираат прашина во некои подруми, а нашите ученици учат музика од сурогат, бофал глуви учебници, кои не ги исполнуваа дидактичко-методските димензии на современи модерни учебници со европски и светски стандарди!
Користејќи ги светското и европското искуство, како искусен музички педагог што 20 години работел како наставник по музика во основно училиште и 20 години како самостоен советник по музика во Педагошкиот завод на Македонија, сметам со новата реформа не треба да се брза. По пошироката јавна расправа за нејзиниот квалитет во стручните фели, сумирање на резултатите од јавната расправа и експериментот на нејзината примена, изработка на дидактички средства, динамика на примена на новата програма. Новата настава програма треба да се применува постапно, во едно или две училишта, а не фронтално во сите училишта, и да се извршат следните едукативни активности:
1. Експериментална примена на новата програма во едно-две училишта, која ќе ја следат авторите на програмата за нејзино усовршување.
2. Стручно оспособување на наставниот кадар, со тестирање со кое ќе се добие претстава колку наставниците дидактичко-методски и стручно се оспособени за примена на новата наставна програма.
3. Дидактичко-методски помагала за наставниот кадар за примена на новата наставна програма.
4. Учебници што ги исполнуваат сите дидактичко-методски димензии на современи, модерни учебници со европски и светски стандарди, рецензирани од експертски комисии.
5. Дидактички средства, аудиовизуелни помагала, музика, песни народни и уметнички и детски музички инструменти (ДМИ) за наставници и ученици од кои зависи успешната примена на новата наставна програма од реформата во 2021 година.
Дали ние треба да го следиме примерот на најразвиените земји во светот, во кои музичкото и ликовното се примарни предмети во образованието? За жал, кај нас во предлогот на „реформската комисија 2021“ овие два премета се деградирани! До кога?!
Проф. Тоде Радевски, Скопје