Стогодишнината од раѓањето на великанот Блаже Конески заслужува, покрај Семинарот за македонски јазик, литература и култура, и сите актери на културниот, академскиот и општествениот живот да ги мобилизираат своите креативни сили за достоинствено чествување на неговиот лик и дело, преку сеопфатна платформа за усогласување на различните настани што ќе се одвиваат на национално и на меѓународно ниво. Затоа што неизмерно е важно, во ова време на негирања на македонскиот културен и јазичен идентитет, приказната за посебноста на македонскиот јазик да продолжи да се шири низ светот
Многумина сѐ уште посакуваат македонскиот народ да биде само објект, а не и историски субјект, кажал академик Блаже Kонески седум години пред својата смрт. Неколку децении подоцна, во време кога сѐ уште има такви што посакуваат македонскиот народ да биде објект што може да се присвојува, уште посилно одекнува една од најцитираните мисли на Конески, кажана на промоцијата на книгата на Трајко Стаматоски „Борба за македонски литературен јазик“, на 26 март 1986 година, во салонот на „Мисла“: „Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред секакви ‘правни’ диверзии, од каде и да идат, со кои се фрла кал на нашите свети датуми и нашите постигања. За нас повеќе отколку за сите други во светот јазикот претставува, со сè што е на него создадено како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствената наша комплетна татковина…“
Академик Kонески е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, филолог и лингвист, литературен историчар, преведувач и професор, вонсериски лингвист, меѓународно реномиран славист, автор на фундаментални дела од областа на македонскиот јазик и македонската литература, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, кој денес го носи неговото име, декан, ректор, еден од основачите и прв претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ… Фигура што го обележи македонскиот 20 век.
Оттука, за поздрав е иницијативата на Министерството за култура и на Министерството за образование и наука за одбележување на големиот јубилеј – сто години од неговото раѓање, со прогласување на 2021 година за Година на Конески, со богата програма посветена на еден од великаните на македонската култура. Денот на кој се родил овој исклучителен културен деец е запишан и на листата на УНЕСКО за одбележување значајни јубилеи во светот во текот на 2021 година.
Првата активност ја почнува Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, како една од најрелевантните институции кога станува збор за македонскиот јазик, кој е дел од националната платформа за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески во текот на целата 2021 година. Новата или Блажевата 2021 почнува да се слави со првата Зимска школа, која почнува на 25-ти месецов, а на која веќе има пријавено сериозната бројка од нешто повеќе од 50 слушатели од дури 15 земји, најголем број од регионот, како Грција, Турција, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Полска, Франција, Италија, но и од САД и Канада, а првпат по долго време и од Велика Британија. Импозантниот интерес е показател дека постојано расте бројката на истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, фолклористи, етнолози, археолози, научници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик по универзитетите во светот. На тој начин добиваме голем број културни амбасадори, поддржувачи и верни пријатели во светот.
Но оваа годишнина заслужува, покрај Семинарот за македонски јазик, литература и култура, и сите актери на културниот, академскиот и општествениот живот да ги мобилизираат своите креативни сили за достоинствено чествување на ликот и делото на Блаже Конески, преку сеопфатна платформа за усогласување на различните настани што ќе се одвиваат на национално и на меѓународно ниво. Затоа што неизмерно е важно, во ова време на негирања на македонскиот културен и јазичен идентитет, приказната за посебноста на македонскиот јазик да продолжи да се шири низ светот.