Лидерот на албанската опозициска Демократска партија Љуљзим Баша рече дека неговиот главен политички опонент, лидерот на владејачките социјалисти и актуелен премиер Еди Рама, е „водач на правосудниот октопод кој ги заштитува и не ги казнува корумпираните политичари поврзани со криминалот“.
– За да ги заштити Тахири, Џафај, Роши, Фроку, Дако, Сејдини, Ахметај, Ѓикнури и други министри и пратеници со нивните пријатели, Еди Рама го окупира државното јавно обвинителство, го уништи Уставниот и Врховниот суд. Во исто време ги заштитува корумпираните судии и обвинители, како награда за затворените досиеја – обвини Баша.
Според него, Рама има целосна политичка контрола врз процесот на проверка на стекатиот имот на судиите и обвинителите, и ги оставил на нивните работни места токму најкорумпираните, независно од препораките на меѓународна набљудувачка мисија за нивно разрешување.
– Му падна маската и кон него вперен е прстот од јавноста како човек кој ја брани корупцијата во правосудството, за да ги заштити сопствените интереси и организираниот криминал со кој заедно владее – посочува Баша.
Во рамките на проверката на имотот на судиите и обвинителите, како и нивната поврзаност со криминал, процес наречен „ветинг“ – голем број од нив го изгубија статусот на судии и обвинители. Како последица на тоа, Уставниот суд со месеци не функционира бидејќи од деветте членови, осум не го поминаа процесот. Исто така Албанија е и без Врховен суд, а недостигаат и многу судии и обвинители.