Има ли во насловов говор на омраза? Или само говор на презир? Да видиме: „покондурен опинок“ стои во Речникот на Блаже Конески како легален и нецензуриран израз, без ознаката vulg. (вулгаризам). Синоним за српското „покондирена тиква“. Јован Стерија Поповиќ напиша драма со тој наслов. Уште се игра како српска класика, без некој да види говор на омраза во насловот. Немаше да пишувам за ова ако не беше, повторно, госпоѓа Захариева: таа доста разгалена „Европејка“. Не навикнала да ја скара човек. Секоја критика ја доживува како говор на омраза, што укажува на инфантилна структура на личноста. Кај возрасните тоа укажува и на нарцизам, зашто само на самовљубениот прва мисла му е дека го мразиш кога му кажуваш непријатна вистина. Според таа логика, Захариева би требало да обвини и лекар за говор на омраза кога ќе ѝ соопшти дијагноза што не ѝ одговара. Таквите инфантилци се симпатични сѐ додека не добијат остен в рака. Тогаш тепаат, а тврдат дека се жртви на омраза. И уста не затвораат сеејќи навреди. Просто човек, колку и да е европски воспитан и на страната на женските права, да помисли дека оној хит Србин од Домот за малтретирани мажи е во право кога пред ТВ-камера вели: „Има два вида жени: едни што многу зборуваат и други што уста не затвораат“.
За Захариева тоа веројатно би било мизогинија. А тој Србин прави исто што и таа: генерализира. Таа вели „Сите Македонци се…“, тој вели „Сите жени се…“ Второ: што се крена СЕГА толку врева против омразата, кога омразата постои отсекогаш? Мене денес многу повеќе ме загрижува говорот на простотилакот, како кога Каракачанов поставува „научна“ дилема: ако Македонците се пишеле Марсовци, дали и Цар Самуил ќе бил Марсовец? Човек на кого изветвеното „Марсовец“ му е оригинална асоцијација за „непостоен народ“, очигледно е ограничен како балкон на гарсониера во солитер. Но простиот најчесто и мрази, точно е. Мене пак ме интересира: да не е и оваа флоскула, „говор на омраза“, само уште една европска индоктринација, овој пат во една нова наука – ПОМОДНА ЕТИКА? Па, не е ли сосема природно жртвата да не го сака својот крвник? Треба ли да го љуби? На какви тоа противприродни емотивни реакции ги учиме нашите деца денес? Да го сакаат џелатот? Тоа е формула и за нарушено ментално здравје и за општествено ропство. Ако им требаат такви луѓе, нека си ги произведат. Мене нема да ме убедат дека треба да сакам џелат, макар џелатот бил и револуционер или „европски“, „модерен тип“.
Трето, не можам да сфатам: сите денешни политичари тврдат дека ова е револуционерно време, а ваму проповедаат прогон на „говорот на омраза“. Па, зар ќе се изведеше досега макар една, единствена светска револуција без омраза? Љубовта не те тера да земеш стап или вила в рака и да јурнеш на Бастилја! Нешто тука не е во ред: револуционер си, а не мразиш ниту презираш никого. Ко монах. Па, што го уриваш тогаш стариот свет, кога го љубиш?
Четврто: без омраза нема ни љубов. Сета сјајна романтичарска и мелодрамска книжевност не би постоела без омраза. Омразата е главниот драмски „федер“ што ги создава драмските конфликти: нема конфликт ако нема негативец. Што сакаме ние денес, да го претвориме светот во НЕДРАМСКО место, без негативци? Да направиме химна со која се велича бесконфликтниот свет и неговата ЕДНА влада?! Па, мелодрамите се продаваат повеќе од хероин, зашто таа го сака него, ама секогаш има и УШТЕ ЕДНА. Па, кога тој ќе ја избере таа „уште една“, огнената љубов на првата „таа“ се претвора во исто толку огнена омраза. ОМРАЗА ОД ЉУБОВ: чист романтизам! Да не би и зад оваа омраза на госпоѓа Захариева да се крие огнена, отфрлена, мелодрамска љубов?
Петто: не можам да се изначудам на сите оние покондурени опинци, помодари и во политиката и во новинарството, кои без да размислат, стануваат со Павлов рефлекс во одбрана на празната флоскула „говор на омраза“, и кога треба и кога не треба. Како може да бидат до толку лицемерни да им пречи ГОВОРОТ на омразата, а не САМАТА ОМРАЗА?! Говорот на омраза се санкционира со закон, ама омразата не може, зашто е чувство. Така, работата се сведува САМО на тоа да се самоцензурирате кога мразите. Да замолчите. Тоа укажува колку е денешна (законодавна) Европа духовно плитка култура: лекува симптоми, а не причини. Тешко нам ако ни е матичен лекар. Омразата не се искоренува со закон, туку со морално воспитание и духовен светоглед спротивен на материјализмот. Тука има многу воспитна работа и за школите и за црквата. Па, зошто тогаш да не одиме докрај? Зошто да не научиме да не мразиме, а не само да одмолчиме кога мразиме?! И што ако некој молчи кога ме мрази? Отсекогаш сум се плашел повеќе од оној што не кажува дека ме мрази (а ме мрази) одошто од оној што плука по мене. Таквиот може никогаш да не ме навреди, а да направи сѐ за да ме убие зад грб: да ме исфрли од конкуренција за награди, да ми симне театарски претстави од репертоар, да ми забрани филм… и да ми остане „пријател“, а јас да не знам дека ме мрази. Омразата е болест на духот, не болест на устата и јазикот што зборува.
Освен тоа, ајде нека бидат и Европа и САД доследни докрај: ако веќе се казнува говорот на омраза, нека се казни и тој во американските филмови. Холивуд е индустриско гнездо на говори на омраза. Сите тие американски изрази што содржат „кучка“, „кучкин син“, „ебено добро“ и слично ги презедовме од западните филмови, не од нашиот фолклор. Тие пцости воопшто не се во духот на нашиот јазик. Тоа значи дека не само што говорот на омраза е нова МОДНА етикета измислена за општествено жигосување туку и самиот тој говор е МОДНО угледување: најчесто е во духот на англискиот колоквијал. Па, ако веќе пцуеш, пцуј на македонски! Помали се шансите да се сетат дека е говор на омраза кога пцоста е земена од фолклорот: кој денес знае (освен прилепчани) дека си навредил некого кога ќе му кажеш дека е „тололо“?
Според тоа, флоскулата „говор на омраза“ е уште една европска измислица за да се избегне соочување со вистината: секогаш кога некој ќе каже вистина, вистината може да се деградира како омраза. Тоа е истата финта како онаа за која пишуваше и Фуко: лудницата е измислена јавно за лудите, а тајно и за опасно умните. Најстрашното е што во таа флоскула се крие и идејата за скриеното зло: такво што молчи, не говори, и затоа станува мимикрија на доброто. Тоа е НЕМО, НЕИЗГОВОРЕНО ЗЛО.
Не го слушаш, не го гледаш, а постои. Во таков свет на скриено зло ќе живеат моите деца, воспитани во очи да кажат кога некого сакаат или кога некого не сакаат.
Такви емотивни фарисеи и ќе им го кројат животот на моите деца. Достоевски во „Карамазови“ одлично ги опишува преку оној лекар „космополит“, кој јавно го сака човештвото, а тајно го мрази секој човек (и се воздржува од говор на омраза): „Јас го сакам човештвото, ама се чудам самиот себеси: колку повеќе го сакам човештвото општо, толку помалку ги сакам луѓето поединечно… Само што некој ќе се најде крај мене, веќе ми го задушува самољубието и ми ја стеснува слободата. За еден ден можам да го замразам и најдобриот човек: еден затоа што предолго јаде на ручекот, друг затоа што има кивавица и постојано се секне.“
Толку од мене за омразата. Да замолчам, да не ме тужи омразата дека ја мразам.