Експертите предупредуваат дека пандемијата би можела да доведе до криза на менталното здравје кај луѓето. Масовната невработеност, физичка дистанца и вознемиреност го наплаќаат данокот на луѓето во целиот свет.
Во Јапонија статистиките покажуваат дека повеќе луѓе починале поради самоубиства во октомври отколку поради ковид-19 од почетокот на годината. Според јапонската Национална полициска агенција, месечниот број на самоубиства во октомври се зголемил на 2.153. До петокот од ковид-19 починале 2.087 луѓе.
Јапонија е една од ретките земји која навремено објавува податоци за самоубиства.
На пример, последните податоци од САД датираат од 2018 година. Јапонските податоци би можеле да им овозможат и на други земји увид во влијанието на пандемиските мерки на менталното здравје, како и на тоа кои групи се најзагрозени.
– Ние дури и немавме локдаун, а исходот од ковид-19 е прилично минимален во споредба со другите земји. А сепак имаме голем пораст на бројот на самоубиства. Тоа сугерира дека и другите земји би можеле да забележат сличен или уште поголем пораст на бројот насамоубиства во иднина – вели Мичико Уеда, професорка на Универзитетот Васеда во Токио.
Јапонија долго време се бори со една од најголемите стапки на самоубиства во светот. Во 2016 година оваа земја имала стапка на смртност од самоубиства од 18,5 на 100.000 жители, според што е веднаш зад Јужна Кореја, кога е во прашање западнопацифичкиот регион и што е речиси двојно повеќе од годишниот глобален просек од 10,6 на 100.000 жители.
И покрај тоа што причините за високата стапка на самоубиства се комплексни, долготрајното работно време, притисокот во училиштата, социјалната изолација и културолошката стигма околу менталните проблеми се наведуваат како главни фактори.