Косовскиот вицепремиер, Енвер Хоџај изјави денеска дека црвени линии во дијалогот со Белград мора да има, а ако тие линии се избришат кон Србија, ќе ги нема ниту кон Албанија.
– Доколку некој во Белград и одвреме-навреме во Брисел смета дека не треба да има црвени линии во последната фаза од дијалогот меѓу Косово и Србија, јас велам дека доколку тие линии се избришат во односите со Србија може да бидат неважечки и на јужната граница со Албанија – рече Хоџај во Морина, каде што присуствуваше на пуштањето во употреба на реновираниот граничен премин, јави дописникот на МИА од Приштина.
Поранешниот шеф на косовската дипломатија потсети на состанокот од Виена, кој се одржа на денешен ден во 2006 година и кој резултираше со започнувањето на дијалогот со Србија.
– Овој состанок беше катализатор на тоа што е Косово денес. На преговорите во Виена имаше параметри и црвени линии кои ја обликуваа државотворноста на Косово – рече Хоџај.
На инаугурацијата на новиот граничен премин, кој се изгради со средства на Европската унија (ЕУ), присуствуваше и шефицата на канцеларијата на ЕУ во Приштина, Наталија Апостолова, која рече дека реновираниот премин има посебно значење за слободниот проток на луѓе и стоки меѓу двете земји.