Ако внимателно се анализира, денешните постапки на бугарската влада кон Македонија се одамна поставени. Декларацијата од 1999 година е само документ од поновата историја што го потврдува тоа, а Договорот за добрососедство и пријателство, пак, е најсвежата потврда. Во овој дел многу јасно се кажува „дека неjзиното неисполнување предизвикува сериозни проблеми во билатералните односи меѓу Бугариjа и Република Македониjа, кои е недопустливо да постоjат по членството на Република Македониjа во ЕУ.“ Од денешна временска дистанца, слободно можеме да кажеме дека ветото не е одлука на Бојко Борисов и неговата влада, туку станува збор за стратегија што е прифатена од бугарската држава уште одамна
Во март 2008 година, книгата со наслов „Бугарската политика спрема Република Македонија: Препораки за развој на добрососедски односи по приемот на Бугарија во ЕУ и во контекст на проширувањето на ЕУ и НАТО во Западен Балкан“ беше претставена пред група дипломати, политиколози и експерти во хотелот „Шератон“ во Софија.
Многумина можеби не се запознаени со оваа книга, меѓутоа станува збор за бугарска стратегија кон Македонија што беше создадена во периодот помеѓу јануари 2007 г. и јануари 2008 г., под раководство на д-р Љубомир Лалов Иванов, истакнат бугарски математичар, географ, лингвист, политичар и претседател на фондацијата „Манфред Вернер“.
Во нејзината подготовка учествуваа повеќе истакнати лица од бугарското општество, меѓу нив беа д-р Зоjа Андонова, уредничка на списанието „Бугариjа Македониjа“, амбасадорот Петар Атанасов, доц. д-р Стојан Бараков, амбасадорот д-р Боби Бобев, д-р Живко Георгиев, д-р Георги Даскалов, Ангел Димитров, д-р Божидар Димитров, амбасадор Евгениj Еков, д-р Светлозар Елд’ров, Велjо Илиев, тогашен градоначалник на Петрич, Зорница Илиева, амбасадорот Николај Колев, Константин Косев, академик и тогашен заменик-претседател на Бугарската академија на науките, Марин Миланов, Илиjа Митов, доц. д-р Пламен Пантев, д-р Георги Папакочев, Александар Попов, доц. д-р Антон Прванов, амбасадорот д-р Валери Рачев, Надежда Стојанова, Валентин Текелов, Мартин Траjков, Мартин Траjков и др.
На 24 jануари 2008 година, предлогот за бугарската политика кон Македонија е претставен пред надлежните државни бугарски институции.
Од денешна перспектива, интересно е учеството на Ангел Димитров, копретседател на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, меѓутоа не треба да се заборават Божидар Димитров и Светлозар Елд’ров. Исто така треба да се истакне дека предложената програма е речиси идентична со денешната политика на Бугарија кон Македонија. Ние би одвоиле неколку суштински моменти.
Според програмата, ако сега во „претприсоединувачкиот период за Република Македониjа неjзините билатерални односи со Бугариjа не се изградат врз коректна и здрава добрососедска основа, потоа Софиjа во многу мал степен ќе располага со инструменти со кои ќе jа брани своjата кауза, додека можностите на Скопjе ќе се зголемат. А и најсилните аргументи на Бугариjа тогаш би биле интелектуално и морално ранливи.“
Со други зборови, бугарската држава мора да дејствува пред влегувањето на Македонија во Европската Унија, затоа што влегувањето на Македонија ќе ги ускрати инструментите за дејствување на Софија, како што е на пример ветото.
Од денешна перспектива, многу е интересно и следново искажување: „Затоа, со оглед на евентуалната покана за членство во НАТО и на претстоjниот преговарачки процес за присоединување на Република Македониjа кон Европската Униjа, Бугариjа не може да не побара директно и/или со користење на можностите, предлагани од технологиjата на процесот на присоединување и од бугарскиот статус на полноправен член, следново: Стриктно применување од страна на Република Македониjа на заедничката Декларациjа од 22 февруари 1999 година, коjа ги истакнува договорените од Бугариjа и Република Македониjа фундаментални принципи на добрососедски односи меѓу двете земjи, со регистрирање и отворено посочување на сите констатирани прекршоци на Декларациjата. Строгиот мониторинг за неjзиното применување треба да стане составен дел од оцените на Бугариjа и ЕУ за напредокот на Република Македониjа во постигнувањето на задолжителните услови и стандарди (вклучувајќи го и условот за водење политика на добрососедство) за членство во ЕУ и слично за НАТО.
Причината за истакнување пред ЕУ на проблемите, поврзани со примената на Декларациjата од 1999 година, е дека неjзиното неисполнување предизвикува сериозни проблеми во билатералните односи меѓу Бугариjа и Република Македониjа, кои недопустливо е да постоjат по членството на Република Македониjа во ЕУ.“
Ако внимателно се анализира, денешните постапки на бугарката влада кон Македонија се поставени уште во 2008 година, само што од денешна перспектива Декларацијата од 1999 година не игра улога, туку Договорот за добрососедство и пријателство. Во овој дел многу јасно се кажува „дека неjзиното неисполнување предизвикува сериозни проблеми во билатералните односи меѓу Бугариjа и Република Македониjа, кои недопустливо е да постоjат по членството на Република Македониjа во ЕУ.“ Од денешен аспект, слободно можеме да кажеме дека ветото не е одлука на Бојко Борисов и неговата влада, туку станува збор за стратегија што по сѐ изгледа е прифатена од бугарската држава уште одамна.
Во понатамошниот дел што се однесува на Македонија и нејзиниот пристап во Европската Унија се вели: „Во самото решение, кое препорачува почнување на преговарачкиот процес за присоединување на Република Македониjа кон ЕУ треба, по барање на Бугариjа, да биде ставено задолжението на Скопjе стриктно да jа исполнува Декларациjата од 1999 година. Во процесот на преговорите Бугариjа да jа претставува на Европската комисиjа своjата оцена за исполнувањето на Декларациjата, а доказите за неисполнување на Декларациjата во целина да бидат содржани во годишните извештаи на Европската комисиjа за напредокот на Република Македониjа во областа на исполнување на критериумите за членство за да не се отвораат и/или затвораат преговарачки глава без да се исполнети соодветните услови.“
Неизбежно е да заклучиме дека Бугарија настојува да го проблематизира почнувањето на преговарачкиот процес и се обидува да го наметне договорот за добрососедство како составен услов за почнување на преговорите и членството на Македонија во ЕУ.
Она што е највпечатливо е следното искажување: „Престанување на образованието по историjа со учебници што целосно jа фалсификуваат историjата и содржат навредливи квалификации за бугарската држава и нациjа, кои граничат со отворен расизам. По бугарско барање, во учебниците, официjално одобрени од надлежните органи на Република Македониjа, категорично да биде истакната бугарската народносна припадност на истакнати фигури од нашата општа историjа, како Св. Климент Охридски, цар Самуил, браќата Миладиновци, Гоце Делчев.“
Да повториме, станува збор за стратегија што е подготвувана во периодот 2007 – 2008 година, а јавно е претставна во март 2008 година. Затоа можеме да заклучиме дека денешната бугарска влада се потпира на една стратегија што е создадена пред 12 години. Затоа денес можеме да слушнеме дека Гоце Делчев е Бугарин.
Не треба да се заборави и излагањето во кое се вели: „Образовниот систем (од основно училиште до универзитет) е основен инструмент за создавање силни и масовни антибугарски ставови меѓу населението на Република Македониjа (убедување дека Бугариjа е окупатор, асимилатор, разделител на македонскиот етнос), ставови на кои политиката на Република Македониjа останува постоjан заложник независно од политичките промени и смени на власта.“
Со други зборови, се бара да се промени македонското образование, барање што е идентично со денешното барање на бугарската влада.
Книгата „Бугарската политика спрема Република Македонија“ е резултат на едногодишно истражување и работење на група бугарски општественици од различен калибар. Во оваа стратегија уште во 2008 година се поставени основните постулати врз кои бугарската држава ја реализира својата политика кон Македонија. Затоа треба да бидеме свесни дека промената на власта во Бугарија нема да донесе промена на бугарската политика кон нашата држава и македонската нација. Бугарија има своја стратегија и не треба да се сомневаме дека секоја нова влада ќе се потпира врз неа. Можеби ќе има промени во тактиката од бугарска страна, но целта на бугарската држава е да ги негира македонскиот народ и неговите јазични и културни особености. Секоја современа држава има изградено стратегија за одредено прашање, меѓутоа по сѐ изгледа дека нашата политичка елита нема концепт за дејствување, затоа е потребно обединување на политичко-општествените сили во Македонија и изградба на соодветна стратегија за во иднина, кога е веќе евидентно бугарското вето.
Соочени со бугарските закани и уцени, ги заборавивме внатрешните проблеми, како што се слабата економија, нефункционалната администрација, непостоењето на правната држава, корупцијата, недостигот од стручен кадар итн. Можеби решавањето на овие проблеми е вистинскиот пат за влез во Европската Унија, како аргумент пред Европејците и нашите соседи. По сѐ изгледа прагматизмот покажа дека не ги отвора портите на Европа, а вистинското решение сепак лежи во изградбата на македонска држава во вистинска смисла на зборот, тоа треба да биде нашата стратегија за во иднина, а не банана-дипломатијата.