Оркестарот на филхармонија в четврток ќе одржи концерт насловен „И тело и душа“
на кој како солист ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери. Со оркестарот ќе
диригира Јерухам Шаровски од Израел, а на програмата се дела од Бетовен –
Концертот за пијано и оркестар бр.5 во Ес-дур и Симфонијата бр.7 во А-дур, оп.92.

Концертот за пијано и оркестар бр. 5 во Ес-дур од Лудвиг ван Бетовен е еден од
најсовршените и најчесто изведувани дела на светската музичката сцена. Создаден е во
периодот меѓу 1809 и 1811 година во Виена, и претставува соврешен премин од
класицизам во романтизам, сублимирајќи ги придобивките од двете музички епохи.

Оркестарот во ова дело не е само симфониска, туку совршена придружба на пијаното.
Во него Бетовен создава етерични ефекти кои презентираат поинаква категорија од
стандардната оркестарација типична за времето во кое бил создаден овој концерт. Соло пијаното ја следи и развива техниката на инструментот со чувство на слобода и
брилијантност.

Симфонијата број 7 во А-дур оп. 92 од Л.В.Бетовен премиерно била изведена во виена
на 8 декември 1813 година. Ова симфиниско дело на Бетовен, создадено во ист период
како и Концертот за пијано и оркестар број 5 го рефлектира музичкиот оптимизам на
композиторот, иако е создадено во период кога имал големи проблеми со слушањето.
Самиот композитор сметал дека оваа е неговата најсовршена симфонија, а критиката ја
оценува како едно од мелодиски најбогатите симфониски дела во неговиот опус.
Симфонијата претставува апотеоза на танцот, или како што рекол Вагнер „ако некој ја
слуша седмата симфонија, без разлика што е – клупа, чаша, баба, бебе во лулка, ќе
почне да игра“.

Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со
проф. Људмила Романова, проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на ФМУ во
Скопје со Кум Лауде), како и со проф. Симон Трпчески во чија класа магистрира на
само 22 годишна возраст со просек 10 и со почести Кум Лауде.

Во својата досегашна дејност, Имери остварил многубројни настапи во Македонија, но
и во странство: Загреб (отворање на циклус „Пијано фортисимо“, спектакуларен
концерт кој поминува со 4 биса по редовната програма), со Стразбуршкиот
филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од
Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар (со изведба на Концертот бр.3
од Сергеј Рахмањинов), на фестивали во Цавтат, Франција, Приштина, Австрија…
Дино Имери е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти според ранг листата на
Третиот Европски Пијано Натпревар одржан во Нормандија, Франција. Во 2010
година, Дино Имери потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма –
проект кој му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска… Во
2013 го издава своето прво ДВД-издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, во
соработка со „Фејмс“ оркестарот за снимање на филмска музика. Редовно одржува
рецитали, а активен е и во камерната музика настапувајќи со разновидни камерни
ансамбли.

Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнува да
изучува музика, а потоа студира флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрира
во Израел каде што дипломирана Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим под
палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски ќе биде избран од славниот
маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“ кога ќе ја добие
и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми
оркестри во Израел. По турнејата во поранешна СССР која за него ќе биде значајна во
кариерата, во 1991 година станува уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски овој оркестар
ќе стане еден од најпопуларните симфонски ансамбли изведувајќи стотици дела и
надвор од земјата. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50
оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со
маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со
Симфонискиот оркестар на Ерусалимз аедно со Баварскиот радио-оркестар на
концерти посветени на градот Ерусалим. Маестро Мазел ќе го предложи маестро
Шаровски да биде и дел од жирито на „Мазел интернационалниот натпревар за
диригенти“ (2002). Широк е неговиот репертоар и во однос на оперските изведби, а во
последните години тој гради навистина успешна кариера на полето на едукацијата,
одржувајќи мастер часови на значајни универзитети во светот.