Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска имаше воведно обраќање на 10–тата јубилејна онлајн конференција на Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија на тема: „На прагот на иднината”, на која што учествуваа видни експерти од областа на преводот и толкувањето кај нас, како и претставници од Генералниот директорат за преведување и толкување при Европскта комисија.
– Повеќејазичноста е сржта, срцето на Европската Унија. Денес ЕУ со своите 24 официјални јазици и над 500 можни јазични комбинации, како своевидна „вавилонска кула” преводот и толкувањето ги поставува и како услов „sine qua non“ за нејзиното непречено функционирање – истакна Димитров во воведното обраќање.
Осврнувајќи се на централната и координатививна улога на Секретаријатот за европскки прашања во процесот на европска интеграција на нашата земја, Димитров нагласи дека во насока на континуитет и интензивирање на започнатиот процес, СЕП се заложува за стимулирање и уште поефикасно унапредување на подготовката на националната верзија на правото на ЕУ.
– Потврда на заложбата на Секретаријатот за европски прашања за враќање на системот на надворешни преведувачи е неодманешното објавување на јавна набавка за услуги за превод, со што, сакаме да придонесеме и кон засилено раздвижување и регулирање на пазарот за преведувачки услуги. Нашата намера е, според најдобрите домашни и европски практики, да овозможиме отворено поле за фер натпревар помеѓу понудувачите, со крајна цел, избор на најквалитетни понудувачи, кои ќе испорачаат најдобри резултати во поглед на подготовка на националната верзија на правото на Европската Унија на македонски јазик – додаде Димитров.
Имајќи предвид дека процесот на преведување на правото на ЕУ е комплексен и долгорочен, ЗПВ Димитров потенцираше дека сега е моментот да се искористат можностите и да се придонесе за стандардизација на македонскиот јазик во аспекти каде тоа сѐ уште не е сторено. Во оваа смисла, Секретаријатот за европски прашања ќе стане промотор и двигател на истражувачката дејност од областа на „евро-жаргонот” или правниот јазик на ЕУ, во насока на дополнување на стари и креирање нови поимници и терминолошки бази од специјализирани области.
– Јазиците ги дефинираат личните идентитети, но тие исто така се дел од заедничко наследство. Тие можат да послужат како мост кон другите народи и култури преку промовирање на меѓусебно разбирање и заедничко чувство за европски идентитет, а не како бедем кој разделува и ограничува, затоа што ЕУ одамна „ги има срушено бедемите” и успеа низ годините да создаде европски дух на заедништво и единство. Тоа е Унијата кон која се стремиме и тоа се вредностите и принципите кои и самите мора да ги практикуваме, живееме и да ги поттикнуваме, за колку што е можно поскоро да станеме и вистински дел од таа заедница – заклучи Димитров на денешната онлајн конференција.