Ставот на македонското раководство, изјавите на претседателот на државата и на Владата дека нема преговори за идентитетот и јазикот, треба широко да се поддржи, да се разгласи на сет глас. Да добие сеопшта народна поддршка во гардот да не дозволат нивната држава Македонија да биде соголена до гола кожа и низ Европа да се вози со пасош без име, без идентитет, без јазик и без народ, да се прпелка како кокошка на која ѝ е искубан и последниот пердув
Наместо да се отплеткува, наметнатиот македонско-бугарски спор се заплеткува
Дел од насловот на текстот, односно изреката „да се биде или не, прашање е сега“ е позајмена од Хамлет, прославената драма на Вилијам Шекспир, првпат изведена во 1601 година. Денес, во актуелните политички случувања, таа драма означена како „трагедија на одмаздата“ може да послужи како аналогија за ставот на Бугарија кон Македонија, односно бугарските барања да се сфатат како „неморална комедија на одмаздата“. Не без основа, со здрава логика, слободно може да се мисли дека сегашното бугарско раководство со сите сили настојува да ѝ се одмазди на денешнава Северна Република Македонија за сите историските порази и национални понижувања што ги доживувала по македонското национално прашање. Одмазда проследена со омраза кон сѐ што денес е македонско, а во некои периоди било под бугарско владение – од народ до јазик и територија.
Назад во романтичниот сон
Иднината на Македонија (Северна) како идна членка на Европската Унија несомнено е важна тема, идеал на новото време и младите генерации. Многупати, од денот на независноста до денешен ден, низ разни анкети, е потврден фактот дека мнозинството од нејзините граѓани е на таа страна на иднината, не е на руската или евроазиската, а таа мнозинска граѓанска волја низ донесени декларации ја има потврдено националното Собрание. Вистински ја реактивира, ја претвори во клучен државен проект СДСМ, со доаѓањето на Зоран Заев на чело на партијата, а особено откако стана претседател на Владата, имајќи отворен терен по падот на криминогено посраменото ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.
Може да се каже дека пред изгревањето на зората што го осветлуваше европскиот нерамен пат, ретко кој очекуваше на таа траса барикади да поставува Бугарија, за разлика од Грција за проблемот за името, што беше познато безмалку од првиот ден. Ако, условно речено, итрите Грци ги ококорија очите уште кога Македонците не беа отрезнети од славјето на самостојноста, Бугарите спиеја на едно уво, нивната политика уживаше во вистината дека Македонија е најромантичниот дел од нивната историја. Будејќи се далеку подоцна, а чувствувајќи дека не е предоцна, свесно влегоа во стариот сон дека народот, јазикот, писмото и територијата македонска им биле одземени во 1944 година од некои извежбани, дрски комунистички мангупи, кои успеале да направат самостојна држава. Иако претходно, во друг историски период, за истите нешта ги имаа дипломатски, државнички и воено испреварено Србите, кои истата територија, истиот јазик и истото писмо ги сметаа(т) за српски. Не е случајна паролата што живее повеќе од еден век „Не сме ние ни Бугари, ни Срби, ниту Грци“, опеана и во народни песни.
Грдите зборови на симпатичната министерка
Убаво, прекрасно звучат зборовите на министерката Катарина Захариева дека Бугарија е подготвена да ја потврди сегашната реалност дека од 1944-та постои македонска држава, дека под сегашнава конституција не претставува проблем во односите меѓу двете држави и не е никаква пречка или мотив за блокада на предлозите Македонија да ги започне преговорите со Унијата. Но грда, збунувачка, несоодветно за дама од таков хиерархиски ранг е категоричната изјава дека Македонците треба да платат не мала цена – да признаат дека македонскиот јазик и идентитет се со бугарски корени. Еднаш засекогаш да се затвори таа рак-рана на бугарскиот национализам.
Во тие неколку реченици се крие основната замка, која овде во Македонија, не е доволно објаснета, а бара објаснување. Имено, како што кажува министерката, бугарската држава без поговор (и без приговор) ја признава државата Република Северна Македонија и не ѝ го оспорува правото на постоење како таква. Но не ги признава македонскиот народ, неговиот јазик, писмо и сѐ друго што обележува еден посебен народ, посебна, самобитна нација. Кратко објаснето, не е во прашање постоењето на државата, во прашање е дали постои македонски народ, кој не е само уставна категорија.
Користејќи ја Македонија како најслаба алка во балканскиот синџир на држави, ултимативното барањето за потврда на бугарски идентитетски корени е силна потврда не само за негација на посебноста на Македонците туку неофашистички акт за нивен самоволен национален холокауст, за нивно бришење од мапата на народите на светот. Тука се среќаваат, тука се судираат двете црвени линии, бугарската и македонската.
Еднаш Бугарин, секогаш Бугарин
Историски гледано, несомнено е дека Македонците во неколку наврати ја споделувале својата историја со Бугарите, како што ја споделувале со Србите и со Грците, особено црковната историја со последниве. Над 150 години овие четири народа се испреплетувале на Балканот, терале политика, трговија, одржувале поединечни љубовни и брачни врски, но и меѓусебно војувале, нема кој против кого не водел војна.
Во целата несреќна ситуација, среќа е што е друго време, што не се тркала балканското буре барут со познатата историска експлозивност. Инаку, судејќи според изјавите на министерот за војска, поранешниот комунистички полициски доушник Красимир Каракачанов, Бугарија ќе се потрудеше во име на нејзините наводни вистини да тргне со штикови преку граница и да го добие во војна она што не може во мир. Меѓу старите Бугари позната и сѐ уште на цена е поговорката „еднаш Бугарин, секогаш Бугарин“. На оваа теза се влече и актуелната бугарска политика кон Македонија и Македонците, што во одредени кругови се парафразира во прашањето што сакаат да бидат Македонците. Што е подобро за нив: да бидат новокрстени северномакедонци или чисти Бугари од Охрид до Црно Море.
Европа не ја боли глава за туѓата сиромаштија
За среќа или за жал, ќе покаже иднината, по Преспанската спогодба со Грција, македонското прашање што се сметаше за затворено, повторно ја заискри својата неизгаснатост, ја покажа сложеноста што Европа тешко ја разбира, но лесно ја прима. Унијата со своите сложени процедури, огромната, скапо платена и нечувствителна бирократија, не е баш толку вовлечена во македонското прашање колку што сметаат македонските граѓани. Таа ги нема инструментите на НАТО. Поради тие причини, логично би било да не се очекуваат некои големи потези од нејзина страна, не би се нафатила на нова главоболка. Бугарско-македонскиот политички пазар е жестоко снабден со емоции, има и добра продажба, но не е толку профитабилен како грчкиот. Нема овде кој да земе награда за медијаторството или награда за потписот, што се нормални и легални постапки во светот на политиката и бизнисот.
Она што треба да го знаат и да го имаат при свест Македонците е фактот дека Европа, генерално гледано, не е на нивна страна, најверојатно тоа е и американска позиција. Бугарија, не само како членка таму, има многу посилни адути и конекции. Попусти се македонските наивни повикувања на европското право, на правото на самоопределување, за еднакви аршини и слично, тие лицемерни флоскули се само пропаганда и ништо повеќе. Може македонските лидери да чукаат и да просјачат пред разни европски врати, но јазичето на нивната вага клони кон „вечниот“ и лојален сојузник, особено на Германија. Блиското минато покажа дека тоа европско право не беше во функција ниту за решавање на името, зашто НАТО е секогаш посилен од кое било чие и било национално право. Сега македонските маки за ЕУ се зрно песок во нивното море од проблеми.
Кога веќе е спомената спогодбата за пријателство со Грција, не е за отфрлање едно потсетување за споредба на европската и американската дипломатска ангажираност кога се решаваше прашањето за името. Нивната пресија врз македонското раководство, заканувачките изјави, секојдневното, дневно и ноќно присуство на разни убедувачи, уценувачи, заплашувачи, од најнизок до највисок ранг, доведе, според нив, до одличен резултат. Повеќе од забележливо е дека есенва, во врска со спорот меѓу Македонија и Бугарија, ниту некој важен ја посети Македонија, ниту некоја позната европска фаца кажа нешто за или против македонските неволји со источниот сосед. Го нема големото, грубо, арогантно западно стапало да ја гази македонската земја, ја нема, барем јавно, цврстата рака да ги фаќа за врат лидерите и да вика сега или никогаш.
Тешко на македонските лидери
Претседателот на македонската држава Стево Пендаровски и претседателот на Владата Зоран Заев во неколку наврати изјавија дека не прифаќаат никакви разговори за јазикот и идентитетот, иако и врапците знаат дека такви дебати се почнати на пониските нивоа, како и во заедничката комисија за усогласување на учебниците. Како и да е, овој став на македонското раководство треба широко да се поддржи, да се разгласи на сет глас. Да добие сеопшта народна поддршка во гардот да не дозволат нивната држава Македонија да биде соголена до гола кожа и низ Европа да се вози со пасош без име, без идентитет, без јазик и без народ, да се прпелка како кокошка на која ѝ е искубан и последниот пердув. Не треба да се докажува колку ќе бидат сериозни последиците доколку се попушти, доколку не се рече едно историско НЕ. Европа нема да побегне, ќе си живее таа богато и незаинтересирано за туѓата сиромаштија, Македонија нема да пропадне ако не добие датум до крајот на годината. Ќе минува низ бура, ниту прва ниту последна, од први јануари почнува новата година, нова година нов касмет, што вели народот.
Одговорноста на македонското лидерство не е мала, позицијата на челниците не е ниту грам лесна. Влогот е голем, над секое решение виси Дамокловиот меч. Во нормални околности, без збор би ги потпишале сите акти што би воделе кон Европа, во согласност со Договорот за пријателство и соработка. Во ненормални станува опасно што ќе потпишат или имаат намера да потпишат. Време е и опозицијата да ги напушти залудните улични протести што немаат никаков ефект и да се вклучи во сериозниот политички живот. И да излезе со јасни, недвосмислени ставови, ако сака да го запре процесот на вртоглаво пропаѓање меѓу членството и приврзаниците. Како што е време ДУИ, владејачката партија на Албанците, да ги поддржи напорите на Македонците во овие тешки историски мигови.