Светото име Македонија го носиме во континуитет веќе девет милениуми без прекин. Залудни се тврдењата на некои злобници, според кои ние сме Титова или коминтерновска творба. Историските извори се немилосрдни. Не постои антички автор што пишува за етногенезата на народите а да не ја спомне Македонија и, особено, Македонците како народ. Од таа причина, нема потреба да се набројуваат авторите што ја споменуваат. Од друга страна, во антиката не постои автор што Македонците ги третира како „Грци“, затоа што таква држава и не постоеше. Светото име Македонија е толку моќно и раширено што продолжува да се користи и по потпаѓањето под римска власт. Тогаш Македонија станува римска провинција со исто име – Македонија, а се протега до Драч. Не е именувана ни Грција, ни Бугарија, ни Србија, туку Македонија.
Очигледно Римјаните знаеле со кого војувале. За ова постојат голем број докази од тогашните автори. Буквално не постои автор што го негира тоа, забележана е и на стотици мапи. Секако, најмеродавни се мермерните мапи во римските музеи. Секој може да ги види, а на нив цел Балкан е Македонија, затоа и се нарекува Македонски Полуостров.
Состојбата е иста и во сите подоцнежни периоди, без оглед на тоа кој владеел. Забележано е од стотици автори. Еве само некои што ги сметам за покарактеристични. Античкиот еврејски автор Јосиф Флавиј, пишувајќи за востанија против Римјаните ќе запише „… Така е и со Македонците, кои имаат иста причина како и вие, да се борат за својата слобода“. Анри Флок (2 век), кој исто така пишува за востанијата против Рим запишал: „По Македонците, по божја волја, востанаа и Тракијците, кои порано им плаќаа данок на Македонците.“ На една плоча од Бер, по повод ослободувањето на 12-годишен роб, неговиот сопственик запишал: „… ѝ подарив на мајката на боговите дете по име Калокерон Олимпин, на возраст 12 години, родум Македонец.“ Созомон (крај на 4 и почеток на 5 век)… по христијанизацијата озаконета со Миланскиот едикт на Константин од 313 год., запишал: „Хелените, Македонците и Илирите почнаа без страв да ја исповедаат Христовата вера“. Теодорит Кирски (крај на 4 и почеток на 5 век), пишувајќи за градот Солун, наведува: „… Голем и многу населен град што му припаѓа на македонскиот народ.“
„По задушувањето на востанието на Петар Дељан во 1041 год., востаниците што се засолниле на Сицилија се наречени Македонци.“ Во синодалните акти на Охридската архиепископија (според Д. Ангелов, бугарски историчар), жителите на Охрид и Охридско, Просек, Битола, Преспа, Тетово и Скопје… се означени како Македонци во повеќе од 50 документи… Јован Каменијат во 904 год., во своето дело „За заземањето на Солун“, напишал : „Нас пријателу, татковина ни е Солун… Таа е првиот и најголем град на Македонците.“ Константин Порфирогенит, византиски император (10 век), во своето дело „За темите“, пишувајќи за стримонската област и нејзините жители ги спомнува и Македонците. Византискиот поет ЕФрем за Солун вели: „Тој е престолнина на Македонците.“ Има уште редица автори и документи што може да се наведуваат. Постојат и стотици други записи во кои се споменуваат Македонија и Македонците во сиот овој период, но и од периодот на Османлиите до денес. Постојат голем број записи од познати патеписци, како што се С. Верковиќ, В. Григорович и други, во кои голем број Македонци се декларираат како такви, и тоа како потомци на Александар и Филип.
Сето ова зборува дека Македонците не исчезнале од историската сцена. Тие сето време се тука, свесни за своето етничко потекло и горди на своето минато. Тоа не е случајно. Во Европа не постои друг народ што си го зачувал своето име од антиката до денес. Македонското јадро почна да се нагризува по Балканските војни и Букурешт во 1913 год., кога насилно им се наметнаа туѓа етногенеза, јазик и култура. Тогаш прекуноќ еден компактен народ насилно почна да се запишува како Грци, Бугари, Срби и Албанци.
Ова е најголемиот геноцид во 20 век верификуван со меѓународен мировен договор, за што „цивилизирана“ Европа молчи. Каде е интелектуалната европска елита да го чуе плачот на голем дел од еден народ, кој во 21 век не може да го зборува својот мајчин јазик? Покрај сето тоа, сѐ уште постоиме и ќе постоиме. Како пирејот сме, што би рекол Петре Андреевски.
Кој сака нека тврди дека сме Титова или коминтерновска творба и сосила се антиквизираме. Со тоа само ќе се декларира себеси како измеќар, во служба на туѓи интереси. Измеќарите антиквизатори треба да се запрашаат кој ги антиквизираше слепиот пејач Михаилов, овчарот С. Мечкаров и сите други македонски патриоти. Сѐ ми се чини дека тоа се прави во функција на дневнополитички и теснопартиски интереси.
Љубе Христовски (Дардан Венетски)