Бертолд Брехт, објаснувајќи го епскиот театар, кој пропаднал, како и сите големи и добри намери, во собраните дела раскажува за годините кога во преднацистичка Германија се создавала политичката драма и спомнува еден настан со големиот режисер Ирвин Пискатор, кој почнал да прави претстава во која како карактер се појавува и германскиот кајзер, царот лично. Веста стигнала на дворот и кајзерот реагирал на дрскоста: неговото величие да биде покажувано во театар – преку актери! Пискатор седнал и му напишал писмо со следните зборови: „Ваше височество, ако ви пречи тоа што вас ќе ве игра некој актер, повелете во театарот вие лично да се одиграте самите себеси!“ Пискатор, како и Брехт впрочем, бил убеден дека истрајноста во верувањето во силата на уметноста ќе ги промени општествените односи. Најдобронамерните роднини и пријатели, претпоставувам, го посоветувале уметникот дека сѐ е бадијала: уметноста не може да промени ништо! Но Пискатор продолжил да го прави она што го правел и пред тоа. Сѐ до доаѓањето на власт на фашистите во Германија. Уметноста, драги мои, не сега, го утврдивме тоа во претходната колумна, не може да промени ништо. Ама баш ништо. Бадијала од Хомер наваму се пее и пишува на овој дел од светот за злото на личните омрази што предизвикале општи војни и последиците од нив, кога со секој новонапишан збор против, таа состојба на човечкиот дух не престанува да се шири и да зазема нови и сѐ поголеми пространства. Од град во град, од земја во земја и од континент до континент. Од средината на шеесетите години на минатиот век дури и надвор од планетата Земја, во вид на космичка омраза и војна на ѕвездите.
Светот, за жал, го менуваат политиката и политичарите. Така е тоа отсекогаш. Не управувал Сократ со Атина, туку Перикле. Не ја урнисале демократијата Ајсхил, Софокле, Еврипид и Аристофан на Епидаур, туку политичарите на Агората. Тоа е сосема јасно. И ако, ете, и мене ми е ова најпосле сосема јасно, што е сега ова? По стоти, по илјадити, по катаљардити пат си го поставувам прашањето зошто го правам ова. Зошто огромен дел од моето, верувајте ми, скапоцено време трошам на нешто што и однапред и од средината и од крајот на денот ми носи само болка на душата?! Не зборувам за оние чисто човечки фрустрации и комплекси што во форма на зајадливи коментари секој ден доаѓаат и кои, колку и да ги негирам, отфрлам и обезначувам, факт е дека влијаат врз мене и мојот духовен баланс. Најпосле, пишувам за нив, значи го афирмирам нивното постоење. За добро или за зло, е тоа не знам, ќе видиме на крајот, во секој случај! Јас, драги мои, расчистив една голема магла што цел живот се кревала околу мене во форма на алтруизам, за постоењето на општото добро како суштина сама по себе. Најпосле, за жал на извесни години, сфатив дека нема такво нешто. Како што, за среќа, нема ни општо зло, како суштина сама по себе. Но го поделив мојот свет, или тој ме подели мене, можеби, на елементарни сфери на односите со луѓето. Едната сфера е онаа на моите заблуди за луѓето што ми се добронамерни и со кои продолжувам да живеам во прикриен и притаен немир и страст, а другата е сферата на непријателите, со кои живеам во јавна и тајна омраза и страв. И толку. Просто како гравче. Црно и бело.
Нема сиви зони, нерасчистени сметки и ничии земји. И двете страни сме длабоко вкопани во своите ровови и освен сега за сега постојаните, речиси секојдневни напади и одбрани, мали победи и големи рани, битката е рамноправна, и секако надвор од сите правила на војување. А од скоро ниту тие ниту пак јас почитуваме меѓународни и локални конвенции што ги определуваат начините и традициите на водење војна. Не важат никакви женевски конвенции, хашки декларации и копенхашки критериуми. Ова сега на сите ни е сосема јасно, одлучувачка битка се води според балкански правила, сугерирани од Австриецот Јоханес Хан, во деновите кога почнуваше оваа војна вршител на функцијата европски комесар за – внимавајте – добрососедска политика. Ама, луѓе мои, пуштете го тоа што човекот е од Европа, па логично, би кажал и природно, па ако сакате дури и правилно е на Балканот правилата да бидат балкански, како во оној српски филм со ваков наслов. Мене тоа ми е сосема јасно. Не знам само зошто онаа другата страна мислеше дека правилата ќе бидат европски? Со еден збор: бијат душманите, ама бијам и јас. Ете, ова е краткиот извештај од состојбата на македонскиот фронт, од скоро некаде познат и викан како северномакедонски. Овие дилеми не се само мои и не се само од сега и нема да завршат тука и сега. Биле и ќе бидат и кај поумни и поразумни луѓе од мене. Погореспоменатите Ирвин Пискатор и Бертолд Брехт како политички ангажирани уметници и членови на Комунистичката партија на Германија по настаните со палењето на Рајхстагот во 1933 година емигрираат, првиот во Русија, а оттаму во Америка, вториот во Данска, а исто како и првиот, преку Франција, во Америка. И не застанеле таму. Пискатор заедно со Максим Горки работи на многу политички театарски проекти во Москва, а Брехт во Париз ја пишува и изведува „Ужасот и бедата на Третиот рајх“, а за дваесет дена само, замислете, како оружје за борба со конкурентските идеи пишува едно од најголемите театарски дела во историјата на светот „Животот на Галилеј“! Кажувајте ми колку го промениле светот? Во Америка и двајцата пријатели и соидејници комунисти живеат признаени и во соуметништво со најзначајните имиња на американскиот и светскиот театар.
По војната, Брехт се враќа во Германија, во оној источниот, комунистички дел на Берлин, каде што го основа познатиот „Берлинер ансамбл“. Пискатор, од разбирливи причини, се запишува на листата на вештерките на Макарти, срамот на американската демократија и слобода и се враќа во Германија, но во другиот, капиталистичкиот дел, каде што основа свој театар. Што промениле? Не знам. Не знам ни кој знае. Но истото прашање си го поставувал и Војдан Чернодрински. Јавно и недвосмислено. „Шчо напишав јас? Она што читателот ќе го прочита, а гледачот види во театарот од сѐ уште ненапишаната и крвава судбина на Македонија“. И со претставата „Македонска крвава свадба“ и уште неколку специјално напишани мали, социјални и политички пиеси тргнува на турнеја низ Балканот за да пропагира и зборува за положбата на Македонија под турско ропство. Што променил? Ја ослободил ли земјата од ропството? Не. Ја залечил ли крвавата судбина на Македонија? Не. Исто и Брехт и Пискатор. И покрај сите нивни настојувања преку уметност да го променат светот, во времето на најинтензивниот нивен ангажман настанал нацизмот и ги прогонил од татковината. Во Америка ги етикетираат како комунисти, што впрочем и биле, и ги бркаат назад во Европа. Се враќаат во поделената татковина и застануваат еден наспроти друг, во најжестоките политички и воени непријателства на Истокот и Западот на Европа, со уметноста како оружје за борба! Што промениле? Не знам. Го пишувам ли ова за сопствена утеха и оправдување пред оние што не ми веруваат или во најмала рака се скептични спрема мене и тоа што можеби го правам? Не. Тоа не. Јас со овие дилеми сум расчистил, драги мои. Не може да се наречете уметник, интелектуалец, филозоф, слободен човек воопшто, а таа слобода да ја изразувате како личен егзил во вашата уметничка и интелектуална илегала! Федерико Гарсија Лорка триесет и пет години по Чернодрински ќе ги напише шпанските „Крвави свадби“, се качува на запрежна кола, пишува и режира драми за слободата на Шпанија и ги игра по најбедните села на таа испустена земја, зборувајќи за револуцијата и повикувајќи на борба против тиранијата и неправдата. Мирослав Крлежа бил стар човек кога заминал во партизани.
Коста Рацин, драги мои, со последните пари, од црниот пазар во Скопје, купува револвер и заминува на Лопушник да биде дел од оружената борба за слобода на татковината. И загинува. Да продолжам да набројувам? Бесмислено е. Ќе излезе навистина дека барам алиби. Не барам. Јас сум начисто. Сум решил да му служам на народот и верувам во таа борба за негова слобода. Јас верувам во мојот народ. И верувам дека, дури и да биде залудно, ќе ми биде чест што сум му служел. Како и да заврши оваа војна, кога и да заврши, ако заврши, сосема сум спокоен со тоа дека во годините кога биеја душманите – биев и јас! Ова е тривијално, можеби? Ама, патосот во уметноста е легитимно изразно средство. Нели?
Авторот е режисер и универзитетски професор