Во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска, од 12.30 часот, во галеријата ќе биде отворена изложбата на скулптури насловена „Недефинирана кодификација“ од авторот Слободан Милошески. Критичарите на уметноста го сметаат Слободан Милошески како еден од најдобрите македонски скулптори што спаѓаат во групата уметници што работат во доменот на апстрактно-минималистичкиот концепт, поради тоа што користи едноставни геометриски форми и индустриско импровизирани материјали за создавање дела од различни размери.
– Неговата минималистичка скулптура дава импресија на строгост и рационалност, која се потпира на однапред подготвени постулати и идеи логично артикулирани. Милошески користи геометриски цврсти материи во скулптурата, но крајниот импакт не е тврд или статичен. Всушност, кога ги гледате неговите скулптури од неколку агли, тие не одаваат впечаток на совршена поставеност, туку се „потпираат“, „навалуваат“ и „искривуваат“ во неочекувани позиции. Ваквата „конструкција“ на овие скулптури им дава човечки аспект и духовна страна. Покрај нив се добива чувство на вибративно движење и тактилност, која доаѓа од нагласените прави линии и мрежи во повеќето минималистички дела. Очигледно дека уметникот ја реализирал својата основна замисла делото да биде „спроводник за духовни работи“ и како целта да му е „скулптурата да биде на работ од соништата“ – вели историчарот на уметност Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Милошески во 2009 година дипломира на ФЛУ во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Бугарија, на катедрата Скулптура. Досега има реализирано 22 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 13 награди и признанија, од кои најзначајна е наградата за скулптура „Јордан Грабул“, доделена од Друштво на ликовните уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, како и наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“, исто така доделена од ДЛУМ во 2014 г. Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор. Член е на ДЛУМ од 2009 г., а во моментот работи како доцент на Ликовната академија при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.